Владимир Куновски, кандидатот за градноначалник на Скопје од Работничката партија, дел од иницијативата независни и слобноди за Македонија претстави својот Манифест, насловен од „Oд Фавела до Метропола“. Скопскиот манифест, Град за луѓето, не за елитата! е предизборна програма на Куновски и Работничката партија.
Таа предвидува делово за животната средина, „Дишеме и живееме здраво.“ Како план за чист воздух, Куновски потенцира дека проблемот со загадувањето на воздухот е најголемиот предизвик за Скопје.
-Како брза победа, ќе се воведе градски тим во соработка со МВР и Комунална хигиена за чистење на дивите депонии, со годишен буџет од 500.000 евра. За да се намали загадувањето од индивидуалните ложишта, ќе се субвенционираат 30% од трошоците за енергетска санација на згради изградени пред 2000 година, со годишен буџет од 2 милиони евра, вели Куновски.
-Наместо само „жива вода, не цемент”, ќе се изработи акционен план за прочистување на реките Вардар, Лепенец и Серава. Како дел од долгорочната визија, во соработка со централната власт, ќе се реши проблемот со отровниот материјал (Линдан) во ОХИС, проект чиј буџет се проценува на над 10 милиони евра, потенцира тој.
Во поглед на урбанизамот и инфраструктура, вели дека на скопјани им треба град по мерка на луѓето.
-Ќе се формира Урбанистички совет, независно тело составено од 20 до 30 стручни лица. Нивната улога ќе биде да креираат долгорочни планови за развој на градот за 20 до 30 години, кои ќе бидат основа за донесување на ГУП и ДУП. Ќе се стави крај на сообраќајниот хаос со мали интервенции како проширување на улиците и поставување кружни текови. За подобар проток на сообраќајот, ќе се воведе временски рок за дистрибутивни возила за време на шпицот. Како долгорочна цел, ќе се имплементира систем за интегриран транспортен систем, со монореил и модерни автобуси, вели кандидатот за градоначалник на Скопје, Владимир Куновски.
Во неговата програма се предвидени социјални мерки и локални заедници, насловеми како „Заедно градиме подобра иднина“, кои предвидуваат инклузија на сите.
-Ќе се вклучат неформалните собирачи на отпад во системот на ЈП „Комунална хигиена”, со буџет од 200.000 евра, обезбедувајќи им социјално осигурување и редовен приход. По примерот на Солун, ќе се воспостави систем за дневно обезбедување оброци за бездомниците и социјално загрозените семејства, вели Куновски.
За децата и младите, предвидува да бидат обезбедени финансиски надоместоци за наставниците кои организираат вонредни активности и ќе се реновираат спортските сали. Ќе се основаат општински и градски спортски лиги за основните и средните училишта.
-За да се поедностават процедурите за граѓаните, ќе се воведе единствен интегриран регистар на население, кој ќе ги поврзе сите сметки (данок, водовод, парно) со променетата адреса. Овој проект ќе се реализира со поддршка на централната власт и ЕУ фондовите. „Паметен град”: Ќе се основа ЈП „Паметен град”, кое ќе биде одговорно за воведување нови технологии како паметни семафори и паметно осветлување. За развој на локалната економија, ќе се развие технолошки парк и стартап центар, со буџет од 1 милион евра за изградба и опрема, вели Куновски.

