Епископот Антаниски, Партениј го прослави својот именден во чест на светиот Партениј Лампсакиски Чудотворец со заедничка литургија на претставници на македонската, грчката и на српската црква.
Сослужувањето во Бигорскиот манастир беше торжествено чествувањ ена именденот на епископот Партениј во присуство на голем број верници.
Литургијата ја служеше Партениј, а му слуслужуваа архимандритот Доситеј, старец на манастирот Гргетег на Фрушка Гора (СПЦ), архимандритот Амвросиј од манастирот на Света Параскева во Макриница близу Волос, протопрезвитерот Ставрос од Волос (ГПЦ). Во сослужувањето учествуваа и бигорските архимандрити, Доситеј, Макариј, Кирил и Анатолиј, како и свештеници на МПЦ-ОА и на СПЦ.
-Каква убава глетка, какво сведоштво беше тоа! Околу едниот престол, околу единствената чаша Господова, свештенослужители од различни помесни Цркви и епархии, домашни и гости, сите обединети во она прекасно единство дарувано од Самиот Христос преку Неговите бесценети тело и крв. Тука, пред светиот престол, паѓаат сите граници, се топат сите растојанија, и останува само она суштинското: дека сите ние сме едно во Христа, дека Црквата е жива и дека таа живее токму вака, литургиски, евхаристиски, соборно. А Старецот, кој во текот на овие два празнични дена примаше толку многу изрази на љубов и почит, го украси евхаристиското собрание со трогателно слово, кое не беше само изговорено, туку и преживеано, на моменти изговорено и низ солзи. Зашто кога говори Старецот, тој не зборува од себе, туку од она место каде што молитвата и животот одамна се стопиле во едно, каде секој збор е напоен со солзи и со тишина, со благодарност и со трепет пред Бога. И токму тие солзи, тие негови тивки и кротки солзи, беа поречити од секоја беседа; тие го кажуваа она што зборовите не можат: дека љубовта е голема, дека жртвата има смисла, дека Бог е верен во Своите ветувања, велат од Бигорски.








