Приказната за Исус и жената фатена во прељуба веројатно е најпознатата приказна за Исус во Библијата, а не и одолеа ниту Холивуд.
Значајно место најде и во „Страдание“ на Мел Гибсон. Иако приказната е многу популарна, таа се наоѓа само во еден пасус од Новиот завет во Евангелието по Јован (7:53-8:12), а по се изгледа оригинално не била ни таму, пишува во својот бестселер Барт Ерман во книгата „Исус тоа не го кажал“, објавена во 2005 година.
Приказната накусо е дека пред Исус носат една жена, наводно фатена во прељуба, и пред писарите и фарисеите, кои го мразеле, го тестираат дали таа е исправна или не, практично го тестираат на Мојсиевиот закон, кој налагал жената да биде каменувана. Исус не одговорил веднаш, туку се наведнал нешто да напише на земјата. На нивните повторени прашања тој им кажува: „Оној од вас кој е без грев прв нека фрли камен на неа“. Така полека луѓето се разотишле, а останала само жената. Исус ја кренал главата и рекол: „Жено, каде се тие? Има ли некој да те осуди?“ На тоа таа одговорила: „Никој, Господе“. Тој потоа одговорил: „Ни јас не те осудувам. Оди и повеќе не греши“.
Приказната, како што вели Ерман, е извонредна, а притоа треба да се каже дека според Законот на Левитите, и мажот со кого жената била фатена во прељуба требало да се каменува. Но, вели Ерман, и покрај тоа што станува збор за брилијанта приказна со неверојатен расплет, „како што стојат работите, таа изворно не се наоѓала во Евангелието по Јован. Всушност, таа изворно не се наоѓала во ниту едно евангелие, туку е додадена подоцна од разни препишувачи“.
Повикувајќи се и на други научници, Ерман вели дека стилот со кој оваа приказна е пишувана во многу се разликува по стилот на Евангелието по Јован, а во неа има голем број зборови и фрази што во тоа евангелие ги нема.
„Заклучокот е неизбежен – тој дел изворно не му припаѓал на тоа евангелие. Тогаш како е додаден? За тоа постојат многубројни теории. Повеќето научници сметаат дека е тоа добро позната приказна од усното предание за Исус, која во одреден момент е додадена на маргините на ракописот. Од тоа некој писар заклучил дека таа белешка на маргината треба да биде дел од текстот, па ја додал на приказната која непосредно се завршува во Евангелието по Јован“, пишува Ерман.
Тој потсетува дека други писари таа приказна ја ставаат на разни места во Новиот завет, „но во секој случај, кој и да ја напишал таа приказна, тоа не бил Јован“, категоричен е професорот од Универзитетот на Северна Kаролина во Чапел Хил, инаку автор и на популарната книга „Вистината и фикцијата во кодот на Да Винчи“.
Со ова се отвора и прашањето колку неавтентични нешта се вметнати во Библијата?
Научниците немаат конечен, а ни од далеку јасен одговор, но велат – има. Ерман во книгата „Исус тоа не го кажал“ ги анализира и последните 12 стиха во Евангелието по Марко, кој за просечните читатели на Библијата и не е толку познат, но е многу значаен и влијателен.
Во приказната по Марко дознаваме дека Исус е распнат и оти потоа го погребува Јосиф Ариматејски на ден пред Сабат (15:42-47). На Сабат Марија Магдалена и уште две други жени се вратиле до гробот за да го помазат телото како што прилега (16:1-2). Кога стигнале, виделе дека каменот е турнат. Кога влегле во гробот, виделе еден младич во бела одора, кој им велел: „Немојте да се чудите! Вие го барате Исус од Назарет кој беше распнат. Тој стана и не е овде – го гледате ли местото каде што го беа положиле?“ Тој потоа ги поучува жените да им кажат на учениците дека Исус ќе дојде пред нив во Галилеја и дека таму ќе го видат „баш како што ви рекол“.
Професорот Ерман се задржува, според него, на клучните зборови откако Исус ќе им се појави на жените и неговите 11 ученици (без Јуда Искариотски) за да ги прекори зашто не му верувале, а потоа им наложува да одат и да го објават неговото евангелие на „се што е сторено“. Тие што ќе поверуваат и ќе се крстат ќе бидат спасени, а тие што тоа нема да го направат ќе бидат осудени.
Потоа, истакнува Ерман, доаѓаат двата најинтересни стиха: И ова се знаци што ќе ги пратат тие што веруваат: тие ќе истеруваат демони во мое име; ќе зборуваат нови јазици; и ќе земаат змии во своите раце; а ако испијат каков било отров, тој нема да им наштети; тие ќе ставаат раце врз болните и ќе ги лекуваат“. Исус потоа е одведен на небото и ставен на десната страна од Бог, учениците одат во светот и го објавуваат евангелието, а нивните зборови ги потврдуваат знаците што ги следат. Kолку и да е фасцинантна и оваа приказна, Ерман, како и многу други научници, дури без никакви дилеми, тврди дека последниот дел го нема изворно во Евангелието по Марко. И тој е додаден подоцна од некој писар. Тој крај на евангелието се наоѓа во многу преводи на англиски јазик и на грчки, но не му припаѓал на оригиналниот ракопис.
„Тие стихови ги нема во двата најстари и најдобри ракописа на Евангелието по Марко, како и во други важни сведоштва, а стилот на тој дел се разликува од стилот од остатокот на Евангелието по Марко. На пример, во стихот 9 се воведува Марија Магдалена како дотогаш да не се спомнувала, иако за неа се зборува и претходните стихови; постои уште еден проблем со грчкиот јазик кој тој премин го прави уште понесмасен. Во тој дел има зборови и фрази што ги нема во ниту еден дел од Евангелието по Марко“, наведува Ерман.
Тој вели дека евангелието без тие завршни стихови би завршило нагло, без крај, односно дека учениците не би дознале за воскресението. Затоа, смета Ерман, писарите го додале крајот, односно за да го решат проблемот.
Многу научници знаат за ова, но сметаат дека, всушност, последната страница од Евангелието по Марко била искината или изгубена, поради што тоа завршува нелогично и токму затоа бил додаден делот што недостига, а со кого крајот на Евангелието добива целосна смисла.
/ДНЕВНИК


