ДНЕВНИК: Ако Вартоломеј ја признае украинската црква, МПЦ нема да зависи од консензусот на сите православни цркви

Date:

Share post:

dnevnik vartЧинот на Вселенската патријаршија, која ја почна постапката за разгледување на барањето на украинскиот парламент да се признае автокефалноста на непризнаената Украинска православна црква – Kиевски патријархат, може да смени работи и кога е во прашање признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква, пишиува дневниот весник „Дневник“.

Доколку се случи црковен Цариград да ја признае независноста на Kиевската патријаршија, тоа ќе биде едностран потег, а ќе значи големи промени во православието и можност некоја православна црква да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА. Македонската православна црква одамна бара признавање и од Вселенската патријаршија, но таа досега не сакаше да се впушта во тоа, како поради нерешениот проблем со името на нашата држава и црква кои не се прифаќаат од блокот грчки православни цркви, така и поради реакциите на други цркви.

Сега, во случај Вселенската патријаршија да реши еднострано да ја признае автокефалноста на УПЦ-KП, тоа ќе отвори нови комбинаторики и во однос на МПЦ, која пред неколку години во своето уставно име ја вгради и додавката Охридска архиепископија, покрај другото и поради можноста грчките цркви со неа да комуницираат со тоа име. Освен ова, МПЦ-ОА, која визата за својата автокефалност ја чека од Српската православна црква, има исклучително добри односи како со Руската православна црква, така и со Романската и Бугарската православна црква.

Прашање е како овие цркви ќе реагираат на постапката на Цариград во однос на црковен Kиев.

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и Киевскиот Патријарх Филарет
Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и Киевскиот Патријарх Филарет

Минатата недела Синодот на Вселенската патријаршија го процесуирал на понатамошно разгледување барањето на украинската Рада (парламентот) за прогласување на Автокефалност на Украинската црква. Во соопштението од седницата на Синодот пишува дека Синодот на Вселенската патријаршија, донел одлука да биде заверено барањето од Собранието на Украина, испратено до Вселенската патријаршија, за доделување автокефалија на Украинската црква. Ова барање, според соопштението, било препратено до соодветната Синодална комисија на соодветно разгледување, што предизвика сериозно внимание во православниот свет, со оглед на тоа дека ова барање не е одбиено, туку ставено во понатамошна процедура.

Познавачите на црковните состојби велат дека со оглед на тоа што ова барање за автокефалност доаѓа од политичка институција, како што е украинскиот парламент, а не од црковна структура, вселенскиот патријарх требало веднаш да го одбие, а не да го процесуира.

-Народот на Украина нема да ја прифати идејата за црковно единство со рускиот патријарх, кој не само што не застана во одбрана на православните христијани од руската агресија туку е и идеолог на „рускиот свет“. Парламентот бара патријархот Вартоломеј да ги искористи канонските права, да ја надмине поделбата и да го нормализира статусот на Украинската црква, пишува во барањето на украинскиот парламент.

Рускиот патријарх Кирил и Онуфрије, поглаварот на УПЦ-МП
Рускиот патријарх Кирил и Онуфрије, поглаварот на УПЦ-МП

Неочекуваната постапка на Вселенската патријаршија треба да се доведе во врска со нејзината конфронтација со Руската православна црква за православниот собор на Kрит и борбата кој да биде центарот на православието. Судирот за соборот најмногу беше мотивиран со актуелните конфронтации меѓу Русија, од една страна, и САД и Европската Унија од друга страна, а кои се пресликаа меѓу православните поглавари.

Московската патријаршија има своја автономна православна црква УПЦ-Московски патријархат во Украина и за неа таа е единствена автокефална црква таму. Ставот е дека расколничката УПЦ-KП треба да се врати во составот на УПЦ-МП за и натаму да биде автономна црква. Вселенскиот патријарх досега неколкупати даваше изјави дека тој има обврска да се грижи за статусот на православците во Украина за што наидуваше на остри реакции на црковна Москва. Најмногу и поради ова Москва бараше признавањето на нечија црковна автокефалност да оди само преку консензус на сите 14 православни цркви. Но, овој принцип с` уште не е усвоен како правило.

ДВЕ ПАРАЛЕЛНИ ЦРКВИ ВО ЕСТОНИЈА

Црковна Москва го смета вселенскиот патријарх за човек близок до САД и поради тоа смета дека тој во Украина спроведува американски и западноевропски интереси. РПЦ и Вселенската патријаршија веќе се конфронтирани за Естонија каде што ги признаваат своите црковни структури. Руската црква ја признава Естонската православна црква, а Цариград Естонската апостолска црква.

На подготвителните состаноци за сеправославен собор, според тогашната изјава на рускиот патријарх Kирил, бил постигнат договор вселенскиот патријарх веќе да не се меша во Украина. Претходно, тој го обвинил дека „кокетира со расколници“.

/ДНЕВНИК, Бранко Ѓорѓевски

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img