Да си простиме самите на себеси

Date:

Share post:

Луѓето денес се зависници од насоченост кон надвор од себе; тие се во постојано енергетско растројство. Толку многу се зависни, што кажаново ниту ги допира, ниту го сфаќаат – исто како кога на некој зависник од алкохол ќе му кажеш дека многу пие, или кога на некој зависник од наркотични средства – дека се дрогира, или на зависник од коцкање – дека се коцка. Дури мислат дека и силата за живот им доаѓа само од надвор, особено од храната.

Енергијата на нивниот ум преку сетилата постојано е насочена кон надворешниот свет и од него постојано очекуваат нови и нови дразби кои би ги задоволиле нивните страсти. Постојано очекуваат нешто ново да се случи, нешто ново да допрат, нешто ново да вкусат, нешто ново да видат, нешто ново да чујат и прочитаат или да бидат чуени и видени; и тоа „новото“ треба да биде во согласност со нивните страсти – погодно за нивно задоволување.

Поснаодливите од нив и нешто работат – за да дојде до тие промени, тупавите очекуваат од ист начин на работа да добијат различен резултат, а потупавите само фантазираат и чекаат нешто само од себе да си дојде. Фантазирањето е исто така еден вид насоченост кон надвор, ама полош вид, исто како и непотребното занимавање со демонските помисли. А најлош вид на насоченост надвор од себе е висењето по социјалните мрежи. Тоа јас го нарекувам да бидеш „надвор од надворот“ и тоа е денес најголемата зависност.

Нормално е дека луѓето треба и нешто да работат и да допринесат за нормален живот на своите ближни, но тоа е благословена насоченост кон надвор, која дури и ја помага насоченоста кон внатре; и таквата насоченост кон надвор се нарекува – послушание. Но, за послушанието да не испадне само насоченост кон надвор, треба да биде – колку што може, поврзано со молитвата, а откако ќе се заврши – да биде продолжено со молитва.

Јасно ви е на сите дека молитвата е насоченост кон внатре, кон Царството Небесно што е внатре во нас. Но, не и секоја молитва. Само насоченоста на енергијата на нашиот ум – со плач, кон изворот на нашето внатрешно слово – во срцето, е вистинска молитва и вистинско барање на Царството и Царот внатре во нашето срце. Тоа е вистинско активирање на благодатта на Крштението, на несоздадената Божја енергија вложена во нас од денот на Крштението, задача, која согласно Светите отци секој христијанин треба да ја оствари. Секој друг вид на молитва е само обид за молитва, само обид на враќање кон себе.

Кој не верува дека е зависник од насоченоста кон надвор, само нека проба да ја кажува молитвата внатре во своето срце и ќе види дека ни неколку секунди не ќе може непрекинато да остане таму. Зависноста од насоченоста кон надвор го извлекува умот надвор. Таква е состојбата на срцето заробено од страстите и затворено за молитвата. А секоја суштинска промена на подобро само, таму, внатре во срцето може да се измоли и случи. И пресметајте си сега каква загуба на време и разни добра е зависноста од насоченоста кон надвор.

Вистинското враќање кон себе, кон Царството Небесно и Царот внатре во нашето срце, преку умно-срдечната молитва е вистинско простување на себеси и помирување со Бог, оттука па натаму, секое друго простување и помирување со своите ближни ќе биде многу лесно. Без вистинско простување на себеси, човек само ќе се измачува да им прости на другите – во склоп на годишниот црковен циклус на празници, а посебно со помош на големата благодат на простувањето за Прочка; и нема до крај да успее. Срце заробено од страсти, не простува – се мачи да прости и повторно осудува.

Благословена Четириесетница ви пожелувам на сите!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img