Утринава, во духот на возобновената бадникова традиција, дел од учесниците на Бадникови поворки 2026 – млади музичари и коледари – остварија празнична посета кај Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Со божикните каланди и песната „Вечниот Бог“, младите музичари со своите чисти и радосни гласови ја исполнија средбата со празнична топлина, светлина и духовна возвишеност, најавувајќи го Христовото Рождество преку музика, искреност и љубов.
-Следеше исклучително топла и срдечна средба, во која беше нагласено значењето на Бадниковите поворки како жива традиција што ги обединува луѓето, ја негува духовноста и го чува идентитетот на градот и народот. Оваа празнична посета е дел од активностите во пресрет на централната Бадникова манифестација, која денеска се одржува на Плоштад „Македонија“ во Скопје и во уште 80 градови и населени места низ Татковината и во дијаспората, велат организаторите.
Бадниковите поворки и оваа година го носат духот на заедништво, радост и надеж, потврдувајќи дека Скопје живее со Божикната светлина и детската песна.

