Автокефалноста е освоена, сега на ред е суштината

Date:

Share post:

Неодамнешната изјава на Архиепископот Стефан за наводните неприфатливи услови од вселенската патријаршија за Томос им даде крилја на апологетите на проруското слово во МПЦ-ОА. Десетина дена железни опинци искинаа да ја убедуваат јавноста дека тие биле во право кога зборувале за уцените од Фанар и ете дека се е потврдено оти МПЦ-ОА е автокефална црква. Едниот имаше дури две интервјуа во два дена, другиот се јави со неговата повремена и по потреба колумна, а третиот стандардно проповеда преку Фејсбук. Тука се изнаредија и уште неколкумина тодоровци, де во мантија, де без мантија … сите на глас извикуваа „Автокефалнааа …“ „уа фанариоти“, „Да живее СПЦ“ … „Братска Русија … „ …

Чуму толкавата ангажираност? Зошто толкава гласност? Од каде извира поривот да се повторува како папагал дека МПЦ-ОА била автокефална со Томос од СПЦ. Ете автокефална е … Така е, како што велите. Кој ви го негира тоа? Два-тројца што ќе кажат поинаку? Од нив ли страв имате? Зошто кога мнозинството во Синодот, мнозинството меѓу клирот, па и меѓу верниците мисли како вас? Еве и коцките политички ви се наклонети, се е како по пропис и зошто толкав страв, толкава паника?

Да! МПЦ-ОА е автокефална црква со Томосот од СПЦ. Да! МПЦ-ОА го заштити името македонско. Да! МПЦ-ОА ја сочува дијаспората. Да! МПЦ-ОА нема да сослужува со украински расколници. Вие го имате мнозинството, вие ги носите одлуките. Сте ги донеле и тоа е ваќе завршена приказна. Зошто се замарате со нешто со кое веќе ниту во Фанар никој се заморува. И така веќе одамна таа приказна е свршена, затворена, ете извојувавте голема битка над грко-фанариотите. Или што? Совеста нешто ве гризе? Ма, дајте браќа не се тревожете … не може нешто да те гризе, ако го немаш …

Значи, немате никаква потреба повеќе да и објаснувате на јавноста зошто МПЦ-ОА е автокефална црква со Томосот на СПЦ. Да! Таа е автокефална црква и веќе не е шизматичка, или расколничка организација, туку црква со која нели сите сослужуваат.

И сега веќе кога тоа е така, сега фокусот на јавноста ќе биде друг. Сега веќе ја нема потребата високиот клир на МПЦ-ОА, заради некои високи национални интереси, да живее под стаклено ѕвоно. Го нема веќе ниту Јован, за да медиумите од него прават плашило. Сега тој е тука заедно со вас и сите вие, заедно со верниците, јавноста, медиумите, државата ги уживаме благодатите на една голема автокефална црква. Нели е така?

И затоа отсега натаму јавноста, медиумите ќе се занимаваат со други суштински прашања и теми, кои се секојдневие на една автокефална црква, која не е под никаква закана.

На јавноста сега ќе треба да и давате одговори на други прашања. На пример колку приходи изминатава година остварила МПЦ-ОА, епархиите, правните субјекти на Црквата. Дали и колкав данок е платнен на државата?

Во една автокефална црква јавноста прашува за тоа колку средства МПЦ-ОА лани одвоила за помош и поддршка на лица за лекување во странство. Кои акции се направени за поддршка на такви кампањи. На пример кога ќе биде пуштен во употреба првиот дом за деца без родители? Дали во програмата за социјална активност МПЦ-ОА планира организација и отворање на болници за сиромашни лица? Како црквата ги помага индивидуалците во црквата кои се посветени на социјалната компонента?

Во една автокефална црква, јавноста треба да знае дали владиците на МПЦ-ОА примаат плата и колкави им се нивните примања? Исто така во јавноста сега ќе се отвораат теми околу тоа дали има потреба високиот клир на МПЦ-ОА, па и на другите верски заедници, да ја објавува својата имотна состојба? Можеби јавноста ќе прашува за корупција, за влијанија на црквата во државата? На јавноста треба сега да ѝ се даваат одговори за тоа каква е поврзаноста на некои лица од МПЦ-ОА со банкарски сметки во странство? Време е и за информации дали и зошто не се платени адвокатските трошоци по Австралија. Колку цркви се продадени и зошто?

Во една автокефална црква прашања од суштинско значење кои се отвораат се потребата за фискализација на дел од услугите на верските заедници. Особено оние кои се продаваат по црковните продавници, а не се производ на македонските манастири, туку купени од Грција, Србија, Бугарија, Русија. Начинот на финансирање на верските заедници е прашање од особен интерес. Во преговорите со ЕУ сите овие теми, сакале или не, ќе се отвораат. Придонесите за свештениците, како се плаќаат и дали можат достоинствено утре да заминат в пензија?

Автокефалните цркви водат грижа и евиденција за своите имоти. Редно време е јавноста да знае што се доби МПЦ-ОА како денационализација? Од имот до пари. Во каква состојба е тој имот? Дали го има сè уште на располагање, или дел од него е отуѓен? Имало ли, или не проневера на државни обврзници од денационализација во која висина? Кој е резултатот од брокерските игри со црковни пари? Има ли санкции, или награди за тие што го терале тој проект? Се тоа се прашања за кои од сега натаму јавноста ќе се интересира секојдневно.

Зошто на пример една автокефална црква би криела колку станови има Тетовската, колку Кумановската епархија, колку и дали треба да име на пример Скопската епархија станови во комплексот спроти ГТЦ? Легитимно е да се добијат одговори и за имотите во Сопиште. За недоизградената црква Свети Мина. Колкав процент од сопствеништвото ќе има МПЦ-ОА во проектот за типски куќи во Споиште?

Една автокефална црква се ова убаво и педантно го евидентира и на јавноста барем еднаш годишно и предочува колкав бенефит верниците имаат од тоа. Така барем прават сериозните автокефални цркви.

Тоа се тие прашања на кои високиот клир сега треба да се фокусира и да се насочи. Меѓу нив на пример и зошто на Богословскиот факултет веќе нема студенти, а врие од непотизам? Или на пример за вечното правило роднини на владиците да бидат старешини и удомени во најдобрите цркви на МПЦ-ОА?

Тие прашања дваесетина години се ставени под тепих, затоа што Црквата „учтиво“ замолуваше да не се прават поделби, бидејќи националниот интерес е голем и црквата треба да се сочува. Ете сега е сочувана, сега е обединета, сега е автокефална, ама сега е ред да видиме дали е и функционална?

Сега во меѓувреме ќе се најде некој кој ќе праша и за тоа зошто ако МПЦ-ОА е автокефална, зошто само три цркви ја признаваат како таква? Или зошто ниту една црква не и се обраќа како на македонска, а Архиепископот го ословуваат само како Охридски. Ќе има тука и други споровозни прашања, но тоа нека не Ве загрижува.

И да. ако некој мисли дека наместо одговори на јавноста за овие теми ќе и сервира повторно приказни за предавници и ќе бара ново стаклено ѕвоно, да биде сигурен дека место стаклено ќе добие железно … а на железното ѕвоно јавноста многу посилно ќе тропа. ќе тропа до збудалување, за да самите посакаат да излезат од тоа железното ѕвоно …

Пишува: Марјан Николовски

1 COMMENT

  1. Кога се зборува за имање или немање некаква самовласност и интегритет, авторот на овој текст е последниот кој може да отвори таква тема, бидејќи автоматски ја разголува сопствената разбојничка позиција од еклисиолошки, а непоткованост и неетаблираност од богословски, камоли од подвижнички аспект – секогаш кога си ја зема улогата на црковен аналитичар. Што се однесува до уживање или неуживање во “благодети на автокефална Црква”, истите горенаведени недостатоци го оневозможуваат да оствари каков било релевантен опит којшто би го претворил во некакво сведоштво – отсуството на духовни сетила (кои човек може да ги развие само со личен конкретен однос со Бог внатре во пазувите на Црквата) е непремостлив факт за перцепција на мистичната димензија на полнотата на благодатта со која една жива Црква бивствува и благодејствува. Значи, што читаме горе? Доспеано барање од Управа за јавни приходи или задоцнети а нарачани жалби и критики пренесени од новинар кој по потреба се прави наудрен и недоинформиран, иако добар дел од аудиториумот самиот благовремено ги чул информациите за цифрите од денационализацијата, па и податоците за останатите имотно-правни состојби кои се труди да ги етикетира? Податоците коишто наводно се заташкуваат и ги бара од устите на самите митрополити се прецизно изнесени пред јавноста, а дали таква отчетност во општество коешто настојува да се идентификува како секуларно и значително И’ ги ограничува правата и особено формите на Црквата да инвестира материјално во Нејзината мисија (не смее да основа училишта, ниту да гради свои болници, сиропиталишта итн.) го прави гореупатениот негов повик дегутантен – особено во време на духовна криза во општеството (ако не се лажам така некако се обиде да ги опише последиците од наводниот неуспех да се стекнала автокефалност) е сосем друга тема, којашто искрено и не може да ја досегне. Е па, г-дине Николовски, моштите на Св. Спасица од Вишни се зачувани кај нас во Македонија онака, на диво, Господ знае како можел да дозволи сите тие процеси на величење со здрава, активна вера да се тегнат со векови без тапија. Како ли смеел овој народ да верува и да се подвизува без грчка дозвола (така отприлика изгледа тврдењето на еден грчки клирик кој констатира дека нивната страна се согласила да ги одобри сите минати илегални литургии во Скопје!). Жално што овие нови прогласени Светители, слично на безброј незнајни македонски маченици во османлискиот период никако не успеале да уживаат во благодетите што произлегуваат од добрите тапии: се глупирале, кутрите така на црно, со шверцувана вера, за Бог да прости, без абер да имаат дека има тука некои додатни, скриени “благодети”, ама без добро закукуљена тапија – ништо! Жално и за многубројните посветени верници кои сите овие децении на прекрасна Македонска Православна Црква (de facto озобновена Охридска Архиепископија) се лажат себеси дека Бог Е Жив, ниту слеп ниту глув, штом не се нашле одброволени Грци да Му издадат лекарско уверение дека не е болен, кога веќе сечија вера без уредна тапија Му е битна. Браво, г-дине Николовски! На крајот сите светлини ќе ни ги донесете и конечно ќе не’ избавите од мракот. Само внимавајте да не Ве заболат очите од она што ќе ги видите!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img