Кога пред една година, Археолошкиот музеј на Северна Македонија ја одбележуваше “100-годишнината од основањето”; оваа државна институција, која е дел од системот за заштита и управување со културното наследство или една од институциите која се грижи за “нашиот идентитет”; всушност тивко, неетички и незаконски ја илустрираше на дело идејата за “српскиот свет”.
Поефективно од сите прослави и одбележувања на датуми и настани од Првата светска војна, важни за српската историја и прилично агресорски за македонската историја. Ама, ретко кој ја забележа, флагрантната правна и политичка недоследност: чиј институционален и државен континуитет прослави Археолошкиот музеј, кога македонска држава пред 100 години немало?
Приказната е многу едноставна и стриктно базирана на факти, Археолошкиот музеј на Македонија е формиран 1949 година, и уште прилично време треба да се чека за јубилијната 100-ка; а она што се формирало во 1924 година, било Музејот на Вардарска Бановина во тогашното Кралство Југославија, во која како што кажува и самото име на музејот, ништо македонско не постоело.
Во меѓувреме, до постоењето на “македонско” после 1945 година во форма на република во рамки на федерацијата, музејот го менувал името во Музеј на јужна Србија, Народен Музеј; во која разбирливо нема никакви назнаки за “македонско” – а, како и би имало во сржта на идејата за териториите на “српскиот свет” во неговите најјужни краишта.
И оваа едноставна приказна, целосно спинувана и претставена како “прослава на музејската и археолошката дејност”; е претворена во експлицитен пример на суштинско, а не ПР делување и суштината на влијанието на синтагмата на “српскиот свет”. Со или без знаење, сеедно, со одговорност за класичен историско фабрикување во независна држава од 1991 година, со јасен уставен правен континиутет од АСНОМ и СФРЈ, пред кој никако не може да се извлекува било каков институционален континиутет. А, не па да се слави.
И ова не е изолиран случај, на “прослави” на институции пред 1945 година, кои се нормализирани последниве години, со што всушност се “извлекува” автономниот и автохтониот континуитетот од 1944/1945 година и се “позиционира” директно во “канџите” на суштината на опасноста на хегомонизмот на “српскиот свет”, веќе официјално и европска синтагма – а тоа е “континуитетот на кралството”, наместо “континуитетот на федерацијата”. Во првиот сме територија, во вториот сме држава (или дел од неа). Има разлика, зарем не?
И токму оваа суптилна, навидум невидлива и безопасна постапка, “спакувана” како прослава на континуитетот на археолошката наука; е само еден од примерите за таргетот и опасноста од “српскиот свет”; кој во времето кое се слави “годишнината” на наша врвна национална установа, зборува и делува со речникот на класичен колонијализам, на освојување, преобликување, и “чистење” на територија на брутален начин во кои ние сме биле или “бановина” или “јужна, стара Србија”. Прашањето е дали и денес, говориме за пост-колонијално или пост-федерално влијание? Во “промоцијата”, но и “одбраната” на суштината на догмата на “српскиот свет “.
Неколку години претходно, за време на Првата светска војна, се случува едно од најголемите археолошки откритија и на тлото на Македонија, но и на европско тло – архајската некропола во Трбениште. Во 1918 година, при изградба на патот Охрид-Кичево, како битен правец за стратешката делница Скопје-Призрен, двајца бугарски војници (Илија Ацев и Никола Даркев) го откриваат првиот гроб и прилозите внимателно ги собираат и на тој начин ја спасуваат самата некропола.
Денес, ретко кој ги знае нивните имиња, како и името на Евтим Спространов, тогашниот регионален управител на Охрид, чија брза и стручна реакција ја активира научната фела и трајната физичка и научна заштита на ова бесценето културно наследство, која во тоа време кулминира со првото издание за Требениште, на еден од најпознатите бугарски археолози Богдан Филов. Истиот Богдан Филов, политички контроверзен лик, е премиер на Бугарија за време на Втората Светска Војна.
Дали денес “смее” да се спомене името на Богдан Филов на пример, во позитивен контекст на “континуитетот на археолошката дејност” , дури и во строго научна смисла, не е реторичко прашање; туку прашање на флагрантен историски дисконтинуитет; кој може само да кулминира во селективен континуитет кој оди во прилог на – за нас – наметнатиот “српски свет”.
А, секогаш и секаде е до контекстот и континуитетот. И ниту една декларативна и реторичка “шминка” за “амнестија” на туѓиот хегемонизам, на штета на правниот и историскиот континиутет на денешна Северна Македонија; нема да го промени фактот за суштината на “српскиот свет” и кон нас и причината поради кој влегува во извештај на ЕУ во драстично различни гео-политички прилики, како жива реминисценција на случувања од 19-от и 20-от век; и уште поважно на конструирана нарација и фикција, која никогаш не се случила.
И кога христијанскиот свет ја слави 1.700 годишнината од Никејскиот собор, а Вселенскиот патријарх Вартоломеј и Папата Лео 14-ти по прв пат после расколот од 1054 година, говорат за Филиокве (причината за расколот) – каде е, надвор од суштината на “српскиот свет” – МПЦ Охридска Архиепископија, во чија катедрална црква, охридската Света Софија симболично е претставен тој бурен период? Во томосот на Кралството на СХС од 1922 година или во томосот на единствениот надлежен, Вселенскиот патријарх, за признавање на автокефалноста на нашата црква?
И тогаш да видиме, која апологија е за што и кој има потреба од неа или право на неа. Токму преку “идентиетот” кој така “жестоко” се брани, и така лесно се принесува: како жртва или како (освоено) наследство. Ама, не културно, туку колонијално.
Пишува: Никица Корубин (Фејсбук статус)
