Зошто патријарсите на Антиохија и Ерусалим не присуствуваа лично на средбата со Папата во Турција

Date:

Share post:

Отсуството на патријарсите на Антиохија и Ерусалим од јубилејните настани во Истанбул и Изник (Никеја), каде се одбележуваше 1700-годишнината од Првиот вселенски собор, предизвика различни толкувања. Но, нивното физичко неприсуство не е израз на дистанца ниту на дипломатска резервираност; напротив, станува збор за јасно дефиниран формат на присуство, во целост усогласен со историската логика на самиот јубилеј, но и со околностите, и црковни и политички.

Поканата за јубилејот беше насочена кон патријарсите што ја наследуваат традицијата на древната Пентархија – Рим, Константинопол, Александрја, Антиохија и Ерусалим. Суштината на поводот, кој воедно го диктираше и форматот на присуство, не предвидуваше покани и присуство за другите Помесни православни цркви. И ова не беше ни случајно ни намерно: јубилејот се однесува на годините 325 (1700 години од Првиот Вселенски собор)и 381, кога е доформулиран Никео-Цариградскиот символ на верата. Тогашната структура на Црквата природно го вклучува токму овој круг на православни катедри – што поради нивното постоење, што поради нивното потврдување или воздигнување токму на Никејскиот или Цариградскиот собор, што поради фактот дека териториите од ова подрачје биде во состав на некои од нив (на пр. Ерусалимската Патријаршија е формирана дури во времето на Халкидонскиот собор, а нејзините територии дотогаш биле во рамките на Антиохиската Патријаршија).

Историски гледано, на Првиот вселенски собор во Никеја (325 г.) присуствувале околу 300 епископи, главно од Источната половина на Римската Империја: Египет, Палестина, Сирија, Мала Азија, Кападокија, Киликија, Понт. Западот бил скромно претставен – Римскиот епископ не присуствувал лично, туку испратил делегати, кои го потпишале актот на соборот од негово име. Овој факт е клучен, бидејќи покажува дека и тогаш формите на претставување биле различни, а не секогаш црковните претстојатели биле присутни лично.

И Антиохиската и Ерусалимската патријаршија беа официјално поканети и учествуваа преку свои претставници. Форматот на претставување беше оставен на нивна автономна одлука – што е вообичаена практика во меѓуцрковната дипломатија. Особено во случајот на Антиохискиот патријарх Јован X, постои и јасна практична причина. По престојот во Турција, Папата веднаш замина за Либан, каде што е предвидена средба со него. Да дојде Антиохискиот во Турција, а потоа да се врати во Линаб за повторно да се сретне со Папата, би било дипломатски и логистички непотребно. Затоа Антиохија разумно избра да испрати делегација.Да не го изоставиме тука и постојаниот притисок што врз оваа древна Патријаршија го врши Руската православна црква – која несомнено дека во својот конфликт со Вселенската Патријаршија би искористила, или би создала за да искористи, секаков момент којшто ќе биде погоден за дезинформација и создавање погрешен впечаток. Да не заборавиме колку лажните вести се силна страна на руската информативна пропаганда. И, конечно, на РПЦ, која претендира кон православниот примат, имајќи ја предвид и новата еклисиологијата што ја форсира, никогаш не би ѝ одговарало во денешно време некаква демонстрација, макар и протоколарна, на Пентархијата. А, да не се изуми, тоа се, всушност, Православните престоли од кои консензуално во 16. век, во 1590 (1593) г., беше призната за Патријаршија. Сепак, сите древни Патријаршии се пред неа во Диптихот, таа е петта по чест.    

Ист е случајот и со Патријаршијата на Ерусалим. Тамошниот патријарх дејствува во особено чувствителен религиозно-политички контекст, каде секој гест се чита низ призмата на блискоисточните тензии. Светата Земја е простор каде што на квадратен километар се испреплетени многу традиции. Присуството преку делегација овозможува кооперативност без преголема симболичка тежина што би можела да биде политички злоупотребена. Папата во истиот период ги посетуваше Турција и Либан, два центри во непосредно соседство со историските територии на Антиохија и Ерусалим. Вклучувањето на овие патријаршии беше природен дел.

Би заклучиле дека отсуството на патријарсите не претставува знак на несогласување или бојкотирање, зашто тие беа поканети и се вклучија, избрајќи делегациски формат, кој има историски преседан уште од самиот собор во 325 година. Воедно, го приспособија своето учество на пастирските, дипломатските и регионалните реалности. Во контекст на јубилејот, нивното учество – иако на рамниште на претставници – останува дел од пошироката визија за дијалог, прво обележана пред 1700-те години, а денес продолжена во духот на истата соборност.

Д.С.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img