Ватикан започна истрага поради наводен антисемитски инцидент во кој припадник на Папската швајцарска гарда, за време на папска аудиенција на 29 октомври, наводно плукнал во насока на две еврејски жени на влезот во Плоштадот Свети Петар.
Настанот се случил токму на денот кога папата Лав XIV ја предводел аудиенцијата посветена на 60-годишнината од декларацијата Nostra Aetate – документ со кој Католичката црква воспостави нови односи со еврејската заедница и другите немуслимански религии.
Според сведоштво на израелската писателка и театарска режисерка Михаел Говрин, членка на еврејската делегација, гардистот им се обратил со зборовите „Евреите“, а потоа плукнал кон нив додека се приближувале кон плоштадот. Таа го потврди случајот за агенцијата Associated Press, пренесувајќи ги своите претходни изјави дадени за австриската агенција Kathpress.
Портпаролот на Ватикан, Матео Бруни, соопшти дека гардата примила пријава за инцидент со „елементи што може да имаат антисемитска конотација“. Според првичната реконструкција, спорот настанал околу барање за фотографирање на пунктот на гардата.
Во истиот ден, папата Лав XIV во своето обраќање нагласи дека „Црквата не толерира антисемитизам и се бори против него“, изјава што беше поздравена со долг аплауз од присутните.
Папската швајцарска гарда, во своето официјално соопштение, изрази „посветеност на почитување на достоинството на секоја личност и на принципите на еднаквост и недискриминација“, најавувајќи целосна соработка во истрагата.
Основана во 1506 година, Швајцарската гарда е најстарата активна воена единица во светот и е задолжена за безбедноста на папата и Ватикан.

