+ В А Р Т О Л О М Е Ј
ПО МИЛОСТА БОЖЈА, АРХИЕПИСКОП НА КОНСТАНТИНОПОЛ – НОВ РИМ
И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ,
ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА,
БЛАГОДАТ, МИЛОСТ И МИР
ОТКАЈ РОДЕНИОТ ВО ВИТЛЕЕМ СПАСИТЕЛ ХРИСТОС
Најчесни браќа архиереи и најдраги чеда во Господа,
Откако повторно се удостоивме да стасаме до големиот празник на Рождеството по плот на Синот и Словото Божјо, ја славословиме Неговата „неискажлива и несфатлива снисходливост“, на Спасителот на родот човечки и Искупителот на сета твар од распадливоста, возгласувајќи заедно со Ангелите: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја.“
Христос се откри како „Емануил“, како „Бог со нас“ и „за нас“, како Бог Кој е близок на секого од нас, како Оној Кој е „поблизок и од нашата сопствена сродност“. Предвечното Слово, единосуштно со Бога Отецот, како што догматски утврди Првиот вселенски собор во Никеја, чијашто 1700-годишнина од свикувањето беше достојно одбележана од христијанскиот свет во изминатата година, се поистовети со Своето создание, воплотувајќи се од Светиот Дух и од Дева Марија, „за да ги направи луѓето богови по благодат“.
Отпустителниот тропар на Божик возвестува дека Рождеството Христово „му ја изгреа на светот светлината на познанието“; дека ја откри „натсветската и сеопфатна смисла“ на животот и на историјата, односно вистината дека само христијанската вера може целосно да ги исполни најдлабоките стремежи на умот и жедта на срцето, зашто „во никој друг нема спасение“, освен во Христа. Оттогаш, „знаењето“, кое „вообразува“,се просудува според Господовите зборови: „Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“
Надразумниот настан на Воплотувањето се доживува и духовно се повторува во животот на верните, на оние кои го љубат јавлението на Спасителот Христос. Како што пишува свети Максим Исповедник, „Словото Божјо, Кое еднаш се роди по плот, постојано се раѓа по дух, од љубов кон луѓето, во оние кои го сакаат тоа.“ Во оваа смисла, празнувањето на Рождеството Христово, на Воплотувањето на Бога и на обожувањето на човекот по благодат, не нѐ упатува кон еден настан од минатото, туку нѐ насочува кон „идниот град“, кон вечното Царство на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Во свет во кој одекнуваат воените врисоци и ѕвекотот на оружјето, се разгласува ангелскиот повик: „на земјата мир“; гласот Господов ги блажува „миротворците“, а Неговата света Црква на светата Литургија се моли „за мирот одозгора“ и „за мирот на целиот свет“. Вистинската вера во живиот Бог ја зајакнува борбата за мир и правда, дури и тогаш кога таа, по човечка мерка, се соочува со навидум непремостливи пречки. Како што боговдахновено се истакнува во Пораката на Светиот и Велик Собор на Православната Црква, чиешто прво десетлетие од одржувањето ќе го одбележиме во претстојната година, „елејот на религиското искуство треба да се користи за да ги зацелува раните, а не за да го разгорува огнот на воените судири.“
Евангелието на мирот на посебен начин се однесува на нас, христијаните. За нас е недопустлива рамнодушноста кон распарчувањето на христијанството, особено кога тоа е придружено со фундаментализам и со отворено отфрлање на меѓухристијанските дијалози, чија крајна цел е надминување на поделбата и постигнување на единството. Долгот на борбата за христијанското единство не подлежи на преговори. На новото поколение христијани му припаѓа одговорноста да ги продолжи напорите на првоборците на екуменското движење и да ги оправда нивните визии и трудови.
Ние Му припаѓаме на Христа, Кој е „нашиот мир“ и „исполнетата радост“ во нашиот живот, „добрата волја“ што извира од увереноста дека „вистината дојде“ и „сенката исчезна“, дека љубовта е посилна од омразата, а животот посилен од смртта, дека злото нема последен збор во животот на светот, кој е управуван од Христос – Кој „е ист вчера, и денес, и во вечни векови“. Оваа вера треба да светли и да се открива во начинот на кој го празнуваме Рождеството Христово и другите црковни празници. Богоугодното празнување од страна на верните треба да ја сведочи преобразувачката сила на верата во Христа во нашиот живот; да биде време на благоволение и духовна радост, доживување на онаа неискажлива „голема радост“, која е „синоним на Евангелието“.
Најсвети и Богољубиви браќа и возљубени чеда,
Во 2026 година, Светата и Велика Христова Црква го одбележува исполнувањето на 1400 години од 7 август 626 година, кога Акатистната химна беше испеана „во стоечка положба“ за време на свештеното бдение во свештениот храм на Пресветата во Влахерна, како израз на благодарност кон Пресветата Богородица за спасението на Градот од нападот на лошите непријатели. По повод оваа историска годишнина, Годишникот на Вселенската Патријаршија за 2026 година е посветен на споменот на овој значаен настан за нашето Предание и за нашиот идентитет, кои се нераскинливо и длабоко поврзани со почитта кон присноблажената и сенепорочна Мајка на нашиот Бог и заштитничка Војвотка на родот наш.
Во овој дух, приклонувајќи ги колената пред Марија – Мајката која Го држи Богомладенецот, и поклонувајќи Му се на Бога Словото, Кое ја прими нашата човечка природа, ви посакуваме на сите вас благословено свето Дванаесетдневие, и да биде плодоносна во добри дела и исполнета со божествени дарови новата година на добрината на Господа, Кому Му припаѓа сета слава, чест и поклонение, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Рождество Христово 2025
† Константинополскиот, огнен молитвеник пред Бога за сите вас

