Рускиот патријарх Кирил целото свое послание за велигденските пости го посвети на војната во Украина, правдајќи ја руската воена интервенција, користејќи ја реториката на Путин, дека Украинците и Русите се едеин ист народ.
Со други зборови, денес во конфликт влегоа два братски народи – но по суштина еден, рускиот народ, вели Патријархот Кирил.
Во продолжение целото послание
Времето на Великиот пост е време на покајание и молитва. Заради што? За да се ослободиме од заробеништвото во кое запаѓаме, правејќи безбожни, грешни дела. Ние сме заробени од гревот. Човек не ни забележува како се случува тоа – некаде кажал лага, некаде ги искривил фактите, некаде одговорил несоодветно и го навредил соговорникот. Од толку мали конфликти расте отуѓеноста, луѓето стануваат непријатели. И понекогаш конфликтите се поттикнуваат од трето лице кое има интерес да се караат двајца луѓе – ова се случува постојано. Сите, веројатно, поминале низ такво искушение, кога ќе сфатиш дека, немајќи ништо лошо во срцето кон друга личност, одеднаш стануваш непријател во неговите очи. А потоа се покажува дека некој работел и го инструирал оној кој секогаш се однесувал добро со тебе и со кого ти секогаш си се однесувал добро, дека си негов непријател, дека правиш нешто лошо, дека нешто си замислил.
Ваквите секојдневни конфликти на сите ни се многу добро познати, а бидејќи најчесто се базираат на лаги, треба да се потсетиме кој е таткото на лагите. Ѓаволот е татко на лагата, а неговата цел е да ги уништи човечките души, да ги турка луѓето во конфликт, бидејќи конфликтот ги ослободува страстите. Она што човек никогаш не би го кажал или направил во мирна состојба, почнува да го кажува и прави доколку дојде во конфликт со ближниот, ако во него види непријател. Тогаш кај човекот се ослободува некаква животинска, природна стихија и знаеме во какви ужасни форми се облекуваат конфликтите. Семејства се распаѓаат, луѓе умираат, но тоа не е поврзано само со меѓучовечките односи, туку и со конфликтите меѓу народите, меѓу државите.
Сега поминуваме низ конфликт меѓу Русија и Украина. Ајде да размислиме што навистина може да нè раздели? Ние сме практично еден народ, врзан со историската судбина, сите заедно излеговме од киевскиот купел, нè обединува верата, нашите светци, заедничката надеж, истите молитви. Што може да нè раздели?! Но, непријателот на човечкиот род – преку конкретни луѓе, преку конкретни здруженија на луѓе – фрла лаги во односите меѓу нашите народи и врз основа на оваа лага се развива конфликт. И знаеме дека ова не е само кавга меѓу ближните, туку конфликт во кој се вмешани држави, односно институции кои имаат законско право да употребат сила, принудувајќи ги своите граѓани да се потчинуваат, доколку ги прекршат законите или принудувајќи други земји, ако видат дека постои закана во нив, да се осигураат дека таа закана не постои.
Со други зборови, денес во конфликт влегоа два братски народи – но по суштина еден, рускиот народ. Дозволете ми да ве потсетувам повторно и повторно на зборовите на „Повеста за минатите години“, нашата историска хроника, која раскажува „од каде потекнува руската земја“, а потоа доаѓа раскажувањето за Киев. Рус е една земја, еден народ, но бидејќи овој народ се покажа многу силен, а соседите, исплашени од неговата сила, почнаа да прават сè, за да го поделат овој народ, да инструираат делови од овој народ дека воопшто не се ист народ. И знаеме до каква страшна кулминација сега достигнува последицата од ова инструирање, кога некој не гледа брат во својот брат, туку гледа непријател. И страшно е што има некои религиозни организации (дури ни јазикот не се осмелува да ги нарече религиозни) кои ја подигнуваат потребата од борба против братскиот руски народ во нивните проповеди.
Црквата, која го мери времето не со денови, не со месеци, не со години, туку со векови и милениуми, во своето историско искуство го чува споменот за многуте конфликти кои се случиле уште од длабока древност – во Стариот Рим, Византија, Староруската држава, Руската империја, современите држави на територијата на историска Русија. Црквата се сеќава на овие конфликти и знае до какви ужасни последици тие секогаш воделе. И денес, со сета своја сила, непријателите и на рускиот и на украинскиот народ однадвор се обидуваат да всадат дека вие не сте браќа, туку сте непријатели и мора да се борите меѓу себе. И на крајот на краиштата, некој подлегнува на ова искушение! И ние, се разбира, жалиме и оплакуваме поради фактот што на нашата блиска, сродна украинска земја се појавија политички сили, кои, користејќи ја идејата за непријател во однос на рускиот народ, денес градат политика насочена против Русија. И знаеме до какви таги веќе доведе оваа политика во многустрадалната земја Донбас, а сега и во пошироки размери.
Да не зборуваме за тие што ја запалија оваа војна – Господ ќе им суди и Он ќе ги казни. Денеска треба да зборуваме за самите себе и ве повикувам сите вас, драги мои, најпрво да ја засилиме молитвата да престане сета воена конфронтација меѓу Русија и Украина, за нашиот народ повторно да може да го сфати постоењето на заеднички духовни корени и заедничка духовна сила, која е нашата неподелена Црква, која пребива во Русија, Украина и во други земји. Ова е навистина гаранција за спас, гаранција за идниот свет, но токму затоа таа денес е прогонувана таму, на украинско тло, од оние кои не се заинтересирани за мир. Затоа, мораме особено да се молиме за Неговото Блаженство, Претстојателот на Украинската православна црква, за украинскиот епископат, но, се разбира, и за нашата Црква и за тоа никакви искушенија, никакви соблазни да не можат да го уништат духовното единство што го нашле нашите предци, излегувајќи од Киевската купел на Крштението.
Но, еве уште нешто друго би сакал да кажам. Каде што е ѓаволот, таму секогаш има лага. И денес – каква огромна количина на лаги се распространува! Се појави дури и таков нов модерен збор „фејк“ како синоним за лага. Но, тоа е обична ѓаволска лага, бидејќи тоа се лаги кои денес се користат за да се продлабочи јазот меѓу два народа, да се направат непријатели; и мора да бидеме многу внимателни околу сè што се зборува во врска со тажниот конфликт што се појави во донбаската земја.
Нашата Црква е и во Русија и, се надевам, во Украина, затоа што имаме заеднички вредности, заеднички идеали, заедничка христијанска совест на крајот на краиштата. Не можеме да постапиме поинаку освен да се молиме за мир и да се обидеме да го намалиме степенот на конфронтација, степенот на емоционални политички дискусии, честопати надминувајќи ги границите на пристојноста. Мораме да направиме сè, за да ги смириме и успокоиме нашите срца, за да не успее непријателот на човечкиот род да го уништи нашето духовно единство, околу кое се формираше верскиот и културниот живот на нашиот ист народ, на Русите и на Украинците.
Се разбира, темата поврзана со руско-украинските односи сега стана дел од големата политика или, како што велат сега, од геополитиката. А една од целите на оваа геополитика е слабеење на Русија, која стана силна, навистина моќна земја. Но, колку е одвратно и подло да се користи братскиот народ за остварување на овие геополитички цели! Колку е страшно да се натераат овие луѓе против нивните браќа! Колку е страшно да ги вооружиш, за да влезат во борба со своите браќа од иста крв и од иста вера! Сите оние кои го прават тоа во форма на пропаганда што масовно ја нападна Украина, во форма на конкретни акции, во форма на создавање предуслови за проширување на воениот конфликт – сите овие луѓе се непријатели и на Русија и на Украина. Тие се против нашето единство, против нашите духовни корени и затоа, без разлика дали се нарекуваат верници или неверници, тие се против волјата Божја, која секогаш е насочена кон мирот, братството и љубовта.
Нека Господ ни помогне на сите нас – Русите, Украинците, Белорусите, сите народи кои потекнуваат од ист корен, кои излегле од Киевскиот купел на Крштението – да го одржиме нашето духовно единство, да ја спречиме поделбата на нашата Црква. Патем, тие што сакаа да ги поделат народите почнаа со поделба на Црквата, создавајќи некакви расколи во Украина. Почнаа со тоа за да го скршат духовното единство, но, со Божјата милост, тоа единство е запазено.
Јас денес особено се молев за Неговото Блаженство Онуфриј, за епископатот, за свештенството, за верниот народ на Украина, за Господ да ги спаси од лукавствата на лукавиот, да ги запази во сеќавањето дека секоја војна меѓу православните браќа кои припаѓаат на една Црква е дело на ѓаволот, а не Божјо. И затоа, нашата единствена Црква, без разлика дали е во Русија, во Украина или во други земји, денес мора да се моли за мир, за крај на меѓусебните судири, како што правеше свети Сергиј, како што направи нашата руска црква кога руските кнезови влегле во меѓусебни судири, уништувајќи се едни со други. Значи, ние денес нема да одиме по патот на кој нè повикуваат, провоцирајќи вмешување на Црквата во конфликтот, туку ќе го следиме патот на свети Сергиј и ќе се молиме за единство на Света Рус, за да не можат силите да го поделат нашиот народ и, се разбира, дека ниедна сила не може да ја подели нашата Црква.
Нека Господ ја благослови нашата земја – историска Русија! Нека Господ нè спаси од поделбите во Црквата, нека ни помогне да ги надминеме сите оние поделби кои се поттикнати не од разликите во верата, туку од влијанието на политичките сили врз одредени црковни кругови. За сето тоа да остане во минатото и сите ние со една уста и едно срце да го славиме светото и величествено име на Отецот и Синот и Светиот Дух и, оградувајќи се со Крстот, да го избркаме секој непријател, демонска сила од нашиот заеднички живот и од нашата судбина. Амин.


Површна е пристрасноста на порталот во безмалку сите објави поврзани со Рускиот Патријарх и со Руската Православна Црква, за жал. Особено се несоодветни тие неколку реченици во почетокот на оваа објава со кои се настојува да се протолкува целото послание. Не гледам дека Патријархот Кирил чувствува потреба да ги оправдува мотивите за одлуките на Владимир Путин во врска со руско-украинскиот конфликт, напротив: неговото лично доживување е автентично. Од тие година-две што ги поживеав под еден покрив со Руси, Белоруси и Украинци можам да кажам дека не може никако да се прави споредба меѓу положбата на Македонија и Македонците на Балканот со таа на Украинците и на Украина во нејзиното опкружување и воопшто на меѓународен план, особено не со украинската надворешна политика во последната деценија. Сите такви споредби се вештачки, пристрасни и со намера да се поддржат македонските претензии за влез во ЕУ на еден лажен начин. Произлегуваат и од елементарниот човеков отпор кон војната како појава. Но, ниеден траен успех, ниедно добробитие не може да се заснова на невистини. Војните постојат и ќе постојат. Како што рекол Христос “Кога ќе речат ‘мир и безопасност!’, тука е крајот”. Дотогаш е добро да не стоиме против оние кои во далечина ја бијат нашата битка, полагајќи ги животите свои за елементарното човеково право на живот што посличен на богодадениот.