Протести во Краснодар против изградба на „воен храм“ посветен на загинатите војници во војната против Украина

Date:

Share post:

Во рускиот град Краснодар продолжува остро спротивставување меѓу локалните жители и регионалните власти поради плановите за изградба на голем православен храм на крајбрежната алеја во микронаселбата „Јубилејни“. Храмот, кој според најавите треба да биде највисок во Русија меѓу оние посветени на загинати војници, е замислен како меморијал на руските војници убиени во војната против Украина.

Гувернерот на Краснодарскиот крај, Венијамин Кондратјев, изјави дека новиот храмов комплекс ќе биде посветен на учесниците во т.н. „специјална воена операција“ и на „целото руско воинство“. Според него, храмот ќе може да прими околу 1.000 верници, а во рамки на комплексот ќе има и сала со 500 седишта, наменета за средби со млади „за нивно морално и патриотско воспитување“.

Од Екатеринодарската епархија претходно соопштија дека воената тематика ќе биде нагласена и во внатрешното уредување на храмот, како и при изборот на икони. Планирано е објектот да достигне висина од 70 метри до врвот на крстот, со што би станал највисок храм во Русија посветен на загинатите војници од војната во Украина. Површината на комплексот би изнесувала 3.226 квадратни метри.

Граѓанско незадоволство и ризик од репресија

И покрај отворената поддршка од градските и регионалните власти, локалните жители го засилија отпорот. Во неделата, над илјада луѓе се собраа за да снимат видеообраќање до рускиот претседател Владимир Путин, протестирајќи против уништувањето на крајбрежната паркова зона, чиј урбанистички план бил променет кон крајот на минатата година за „религиозна намена“.

Незадоволството дополнително се зголеми откако дел од провладините медиуми, вклучително и православни медиуми и телевизијата „Спас“, ги обвинија протестирачите за „антипатриотизам“. Во сегашниот политички контекст во Русија, ваквите протести носат сериозен ризик – учесниците може да бидат обвинети за неподдржување на „светата војна“ или за „дискредитирање на руската армија“, што според законодавството може да доведе до кривично гонење.

Военизирано православие

Случајот во Краснодар е дел од сѐ почестите случаи на локални протести против изградба на нови цркви најавни зелени површини, но овојпат конфликтот добива дополнителна димензија поради отвореното поврзување на религијата со војната. Симболичен пример за тоа е популарниот релјеф-икона „Воинот и Богородица“, на кој е прикажан руски војник од фронтот, со икона во рацете, на позадина од разрушени згради. На рејлефот стои натписот „Идущий в рай“ („Одење кон рајот“), а од другата страна „Дорогой ада“ („По патот на пеколот“).Буквално – „Оној што оди во рајот по патот кон пеколот.“

Овие визуелни и богословски пораки се карактеристични за милитаризираното православие што денес го промовира Руската православна црква, при што загинатите војници во војната против Украина се прикажуваат како маченици, а учеството во војната – како пат кон спасение и прошка на гревовите.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here