Додека Србија продолжува да се соочува со масовни протести и социјални тензии, изјавата на Патријархот на Српската православна црква, Порфириј, дека „не е можно да го љубиме ближниот ако не го љубиме Бога“ предизвикува различни реакции во јавноста.
Беседата била изречена на Литургија во храмот „Свети Димитриј“ во Нови Белград, каде поглаварот на СПЦ говорел за духовната димензија на љубовта и помирувањето. Тој порачал дека „љубовта не е декларативност, туку заповед која бара дела, трпение и простување“, нагласувајќи дека вистинската промена започнува со внатрешно преобразување, а не со конфликти и насилство.
Дел од јавноста смета дека неговиот говор е токму она што му треба на општеството — повик за мир, а не на поделби. Меѓутоа, друг дел од јавноста ја толкува оваа порака како индиректен апел за смирување на протестите и за воздржаност од граѓанска непослушност. Според критичарите, Патријархот избегнува јасна позиција за причините на народното незадоволство.
Некои аналитичари посочуваат дека Српската православна црква традиционално има силно влијание врз општествените процеси, но ретко зазема отворено политички став. Во контекст на сегашните протести, тоа ја става Црквата во чувствителна позиција: меѓу духовното посредување и очекувањата за јасен јавен став.
И покрај поделбите, пораката на Патријархот најде одѕив кај голем број верници кои ја гледаат како потсетник дека без духовна љубов нема ниту вистинска општествена промена. Во време кога улиците се исполнети со незадоволство, СПЦ останува фактор што, според некои, повикува на дијалог – а, според други, молчи таму каде што народот очекува збор. Да потсетиме дека досега јавноста беше сведок на лични иницијативи на неколку владици од СПЦ коишто отворено ги критикуваа протестирачите и студентите, нарекувајќи ги со најразлични негативни квалификации.

