Патријархот на Руската православна црква, Кирил, изразил искрено сочувство до семејствата на загинатите и повредените во резултат на ноќниот напад со беспилотни летала врз цивилни објекти во областа Херсон, Украина, соопшти официјалниот сајт на Московската патријаршија.
Нападот, кој се случил во новогодишната ноќ и бил насочен кон кафуле и хотел во населбата Хорли, резултирал со најмалку 24 загинати, меѓу кои и цивили, како и голем број повредени. Според патријархот Кирил, ваквите акции немаат оправдување и претставуваат сериозно злосторство против мирното население.
Во соопштението, патријархот нагласил дека неговите мисли и молитви се со семејствата на жртвите и со сите погодени од трагедијата, изразувајќи надеж дека ќе им биде укажана потребната помош и утеха во овие тешки моменти.
Аналитичарите коментираат дека во случајов патријархот Кирил постапува пастирски лицемерно, зашто никогаш не искажал сочувство, па и осуда за нападите што Руската Федерација ги врши врз цивилни објекти и инфраструктура на територијата под контрола на Украина, при што има и цивилни жртви.


