Патријархот Кирил: Русија живее во „многу просперитетно време“

Date:

Share post:

По осветувањето на храмот посветен на светиот кнез Владимир во московската населба Крилатскоје, Московскиот патријарх Кирил изјавил дека Русија денес живее во „навистина многу просперитетно време“ и дека, според него, граѓаните треба да ѝ бидат благодарни на власта за таквата состојба.

„Ние живееме во навистина многу благополучно време. Понекогаш дури си мислиш: ‘Господи, дали ова е реалност? Православен претседател, православен премиер, православни гувернери, православни учители и директори на училишта! Што повеќе е потребно?’“, изјавил патријархот Кирил. Тој додал дека ваквата состојба е „дадена одозгора“ и дека Русите треба да му бидат благодарни на Бога, но и „на власта, на чие чело, за првпат по царските времиња, стојат православни луѓе“.

Овие изјави доаѓаат во време кога, според јавно достапни податоци и независни анализи, за четирите години од почетокот на руската војна против Украина, воените дејства резултирале со загинати, исчезнати или тешко ранети вкупно околу 1.168.550 руски државјани. Од нив, бројот на загинатите надминува 300.000 лица. Секој месец, според истите извори, околу 20.000 нови војници се убиени или трајно онеспособени.

Истражувачки новинарски проекти потврдија, само преку јавно објавени некролози, имиња на над 150.000 загинати, во најголем дел мажи на возраст меѓу 20 и 45 години. Зад овие бројки стојат стотици илјади децасираци и разрушени семејства.

Во исто време, бројни сведоштва укажуваат дека свештеници, особено во сиромашните региони, ги охрабруваат младите да заминат на фронтот за да го исполнат својот „патриотски долг“, без да имаат слобода отворено да ги предупредат верниците дека го ризикуваат не само земниот живот, туку и духовна одговорност пред Бога.

Војната дополнително ја продлабочува демографската криза во Русија. На почетокот на 2025 година, бројот на починатите лица бил за 1,6 пати поголем од бројот на новородените, што укажува на долгорочни последици за општеството.

И покрај тоа, според јавните настапи на Московската патријаршија, оваа човечка трагедија не се смета за негативен фактор во однос на „просперитетот“ на општеството. Напротив, во официјалниот дискурс на Руската православна црква, смртта на руските војници се претставува како „на Бога угодна жртва“, бидејќи тие, како што се тврди, ги бранеле „традиционалните семејни вредности“.

Пред Епархиското собрание во Москва, патријархот Кирил поднел и годишен извештај за својата дејност. Тој соопштил дека во текот на годината извршил 139 богослужби, 13 архиерејски хиротонии и осветил 13 храмови. Остварил 11 официјални посети, меѓу кои и во епархиите во Белорусија, Казахстан и Азербејџан.

Како значајни настани во меѓународната црковна дејност, патријархот ги издвоил средбите со српскиот патријарх Порфириј, кој ја посети Москва и се сретна и со рускиот претседател Владимир Путин, како и со Ерусалимскиот патријарх Теофил. Меѓу најважните црковни настани, тој ги навел 80-годишнината од победата во Втората светска војна, 100-годишнината од смртта на патријархот Тихон и масовната литија одржана во Москва во септември.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here