Во септември патував за Вашингтон, на покана од фондацијата „Слободна Русија“. Таму се сретнав со американски функционери, аналитичари и бранители на човекови права, и учествував во дискусија во „Атлантскиот совет“, која ја модерираше познатиот руски опозиционер и затвореник на совеста, Владимир Кара-Мурза, човек кој двапати беше труен, но остана жив. Темата беше: како Москва го злоупотребува православието за да ја оправда својата агресија врз Украина и репресиите дома и на окупираните украински територии.
По средбата, сенаторот републиканец Чак Грејси ги искористи нашите материјали во свој говор во Сенатот на САД, со кои објасни како Московската патријаршија се претвори во инструмент на државната репресија.
Империјата возврати брзо.
Специјалниот претставник на Путин, Кирил Дмитриев, објави на мрежата „X“ дека Руската православна црква го наградила американскиот конзервативец Чарли Кирк за „значителен духовен придонес во промовирањето на христијанските вредности“. Ветил и статија што ќе го прославува неговиот лик. Неколку дена подоцна, Кирк беше убиен во државата Јута. Истата вечер се појави напис, наводно потпишан од митрополитот Тихон Шевкунов, кого во Русија го нарекуваат „духовникот на Путин“. Во него стоеше: „Во милионите срца на неговите истомисленици и пријатели, маченичката смрт на Чарли внесе нов, умножен живот за нивните цели и убедувања“. Цинизам без граници, од човек кој признава дека во Русија речиси никој не слушнал за Чарли Кирк.
Јас сум свештеник со дваесет и три години служба и не верувам дека Путин има духовник. Кога шпанскиот генерал Рамон Марја Нарваес умираше, го прашаа дали им простува на непријателите. „Немам непријатели“, одговорил. „Сите ги убив“. Путин е од истата школа.
Митрополит Тихон припаѓа на најконзервативното крило во Руската православна црква. Да се пофали американски протестант е нешто странско за руската црковна традиција, но да се угоди на власта, тоа е секогаш дозволено. И самиот митрополит некогаш признал дека екуменистичкото движење во времето на Советскиот Сојуз било инструмент под контрола на државата. Денес шемата е повторно иста: религијата се користи како алатка на политиката.
„Традиционалните вредности“ станаа главен инструмент на таа идеолошка игра. По протестите во 2011–2012 година, кои го натераа Путин да се врати во Кремљ, режимот ги претвори „традиционалните вредности“ во знаме, дома, за да ја прикрие моралната празнина, а надвор, за да привлече сојузници меѓу конзервативците ширум светот.
Но сето тоа е театар.
Русија има еден од највисоките број на разводи и абортуси во Европа, факт што ја разобличува пропагандата за „традиционалното семејство“. Како што запиша истражувачот Божидар Колов, „традиционалните вредности во Русија се празна школка, фантом кој ја држи политичката хегемонија“.
Најочигледниот пример за лицемерието беше оваа пролет, кога детската правобранителка Марија Љвова-Бјелова, обвинета од Меѓународниот кривичен суд за киднапирање украински деца, се разведе од својот сопруг свештеник, со кого има девет деца, и се омажи за Константин Малофеев, милионер и православен медијамагнат под санкции за поддршка на војната во Украина.
Неколку недели подоцна, таа ги честиташе Русите со „Денот на семејството, љубовта и верноста“.
За приватниот живот на Путин не се знае ништо откако се разведе во 2013 година. Контрастот со Алексеј Навални, кој беше примерен семеен човек и кој го убија во затвор во 2024-та, е повеќе од јасен. Путин го слави својот роденден со Сергеј Шојгу во сибирската тајга, слика на осаменост и духовна студеност.
Зарем Каин не го уби Авел од завист?
Каде и да се појави руската држава, слободата на верата исчезнува. На окупираните украински територии протестантите и другите нехристијански заедници се прогласуваат за „американски шпиони“, се заплашуваат и мачат. Се случуваат киднапирања, тортура и убиства, придружени со проповеди за „духовност“ и „традиции“. Руската православна црква не се спротивставува, таа ги оправдува.
Во современиот руски црковен живот, „вредностите“ често го заменуваат Христос. Патријарх Кирил дури изјави дека во морална смисла Русија е „поблиска до исламот“ отколку до западното христијанство. Така, „Рускиот свет“ станува највисок критериум на доблест.
Свештеникот Никола Платонов, кој јавно се спротивстави на војната, рече: „Бегајте! Бегајте, браќа! Со нас владее безумен човек подготвен да плати сè за власт. Бегајте — Бог тука повеќе го нема.“
Да се прогласи Чарли Кирк за маченик значи да се изедначи несогласувањето со богохулење, а опозицијата со предавство. Малофеев и идеологот Александар Дугин, влијателен во конзервативните кругови на Запад, веќе ја нарекоа Демократската партија на САД „терористичка организација“. Тоа не се празни зборови, туку метод на дехуманизација.
Претставувањето на Русија како заштитник на семејството и верата е форма на духовен фишинг, замка за доверливи души. Таа служи за да ги измами западните конзервативци, да ја намалат будноста и несвесно да станат преносители на руската „мека сила“. Како и со секој интернет спам, најдобриот совет е едноставен: Вклучете го филтерот и не кликнувајте на линкови.
Пишува: отец Андреј Кордочкин, поранешен свештеник на Руската православна црква
/uaorthodox

