Митрополијата на Акра при Патријаршијата на Алексаднрија започнала иницијатива за поддршка и помош на сирачињата во Гана, со цел да им овозможи животни услови и грижа што ја заслужуваат најранливите деца во заедницата.
Проектот предвидува обезбедување на основни потреби, како што се храна, облека, образование и здравствена нега, за сирачињата кои живеат во области погодени од сиромаштија и социјални тешкотии. Според најавите на митрополијата, заедно со локалните соработници се работи на континуирана поддршка за развој на станбени и образовни услови за децата. Митрополијата преку православната младина понудила материјална помош на сиропиталиштето „Спасител на децата“ во областа Аманфро-Кингстаун, во поширокиот регион на Голема Акра.
Основачот на домот за деца без родители, г. Патрик Нводобех, со емоции ја изразил својата искрена благодарност од името на сите деца до Православната црква, нагласувајќи дека оваа помош не е само материјална, туку и духовна поддршка, која ги зајакнува душите на децата и им дава насмевка и надеж.
Од митрополијата истакнуваат дека христијанската љубов и солидарност се темелните принципи што ја поттикнале оваа иницијатива, со нагласена цел да се понуди не само материјална помош, туку и поддршка за духовно и општествено зајакнување на децата.
Оваа активност е дел од пошироките благотворни програми што Патријаршијата на Александрија ги спроведува во различни африкански земји, со цел да ги поддржи ранливите категории на население и да придонесе за подобрување на нивниот живот.
