Рускиот Митрополит Иларион Алфеев, кој е шеф на руската црковна дипломатија веќе не е професор на Богословскиот факултет при Универзитетот во Фрајбург. Тоа го обелодени преку отворено писмо професорот Мариано Делгадо, декан на Богословскиот факултет.
-Молчењето, кога е потребно гласно да се зборува, не е дел од пророчката традиција на христијанството, вели во отвореното писмо деканот на Богословскиот факултет на Универзитетот во Фрибург, проф.д-р Маријано Делгадо.
Тој во писмото посочува дека имал надеж дека Митрополитот Иларион (Алфеев), претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија и професор на овој факултет од 2011 година, ќе го искористи своето црковно и политичко влијание за јавно и недвосмислено да ја осуди воената интервенција на Русија во Украина, која е во спротивност со меѓународното право, јавно и недвосмислено да го повика претседателот Путин веднаш да ги повлече руските трупи и јавно и недвосмислено ќе се заложи за решавање на конфликтот преку дијалог заснован на меѓународното право и човековите права.
Но, наместо тоа во писмо од 3 март, митрополитот Иларион го информирал дека тој и неговата црква се вклучени во хуманитарна работа, особено од 2014 година, во контекст на украинскиот конфликт и прават се што е можно за да им помогнат на оние кои имаат потреба и да го прекинат конфликтот. .
-Но, бидејќи тоа не е во согласност со она што во моментов го очекува факултетот од него, смета дека е соодветно да ја прекине функцијата редовен професор, заблагодарувајќи ми лично мене и на факултетот за долгогодишната плодна соработка. Како декан на факултетот, разочаран сум што Митрополитот Иларион, долгогодишен предавач на нашиот факултет, не смета дека е можно да се изјасни против грубото кршење на меѓународното право од страна на Русија. Посебно сум шокиран од јавните изјави на највисокото раководство на Московската патријаршија во врска со воената интервенција на Русија во Украина. Скандалозни од теолошки и политички аспект се проповедите од 27 февруари и 6 март, во кои патријархот Кирил ја оправда руската војна против Украина како „метафизичка војна“. Бидејќи Молкот на Митрополитот Иларион како да го поткрепува ставот на неговиот патријарх, изјавувам дека редовната професорска функција дадена во 2011 година е прекината до следната одлука, вели деканот на Богословскиот факултет во Фрајбург.

