Бугарскиот патријарх Даниил денеска ќе отпатува во Фанар, на својата прва мирна посета на Вселенската патријаршија. Традиција во Православната црква е секој новоизбран поглавар на помесна православна, автокефална, црква да го посети Вселенскиот патријарх по неговиот избор. Традицијата вели дека првата посета надвор од матичната црква треба да биде седиштето на Вселнската патријаршија.
Посетата ќе очне на 25 декември – Рождество Христово, и ќе заврши на 28 декември. На 26 декември – Собор на Пресвета Богородица – патријархот Даниил ќе сослужува со вселенскиот патријарх Вартоломеј во храмот на Вселенската патријаршија „Свети Георги“ во Фенер, а на 27 декември патријархот Даниил ќе ја предводи светата Литургија по повод храмовата слава на бугарската црква „Свети Стефан“ на Златниот Рог, позната и како „Железната црква“.
-Таканаречената мирна посета е дел од историјата на Црквата, особено развиена благодарение на олеснетите можности за патување во последните два века. Црковната традиција пропишува секој новоизбран патријарх на една Помесна црква – патријаршија или архиепископија – да упати свое мирно послание и да оствари посета до другите Помесни православни цркви. Кулминацијата на една таква посета е служењето заедничка света Литургија и причестувањето со Телото и Крвта Христови, со што се посведочува единството во верата и братската љубов меѓу Помесните цркви, пишува БПЦ во најавата за посетата.
Во најновата историја на Бугарската православна црква, сите нејзини предстојатели во изминатите 80 години ги извршиле своите мирни посети не само на седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул, Турција, туку и на другите Помесни православни цркви.
Бугарски егзарх Стефан (1878–1957)
На 26 март 1922 година, епископот Стефан е избран, а на 2 април истата година и канонски потврден за софиски митрополит. Во периодот од 15 октомври 1944 до 21 јануари 1945 година е намесник-претседател на Светиот синод. За избор на нов егзарх, кој требало да го заземе егзархискиот престол што бил празен цели триесет години, на 21 јануари 1945 година во Софија е свикан Егзархиски собор. На него, за трет бугарски егзарх е избран софискиот митрополит Стефан. Еден месец по овој избор, цариградскиот патријарх Венијамин II ја укинува шизмата наметната врз Бугарската православна црква на 16 септември 1872 година. Својата мирна посета бугарскиот егзарх Стефан ја извршува во октомври 1945 година, како „израз на целосно братско, благодатно и канонско општење меѓу двете Цркви, по укинувањето на шизмата“. Настанот има големо значење и за Вселенската патријаршија и за Бугарската црква. На 25 октомври околу 17 часот попладне, двајцата предстојатели се среќаваат. Во своето слово егзархот Стефан вели:
„Со искрено жалење за тажното минато, со жива радост за осветлената со мир сегашност и со возвишени надежи за светла иднина, денес благоговејно го прекрачив прагот на мудро раководената од Вас Вселенска патријаршија… Ние 73 години длабоко тагувавме што прегратките на Мајката Црква беа затворени за нас, нејзините деца… Слава Му на Бога! Темната ноќ помина и од 22 февруари годинава настапи сончевиот ден… и во сјајот на Божјата правда за нас љубовно се отворија прегратките на Мајката Црква, нашето автокефално право е признаено и осветено, а нашето канонско општење со сите Помесни православни цркви стана непречено.“
Бугарски патријарх Кирил (1901–1971)
При обновувањето на Бугарската патријаршија, на 10 мај 1953 година, пловдивскиот митрополит Кирил е избран за софиски митрополит и прв бугарски патријарх. Меѓутоа, во 1953 година актот на обновување на патријаршиското достоинство на Бугарската православна црква не бил признаен од Вселенската патријаршија и од други православни цркви, но новиот, патријарх успеал да ја надмине оваа пречка и да се запише во најновата црковна историја како прв бугарски патријарх. Ова признание било постигнато како резултат на долготрајни и тешки преговори со Цариградската патријаршија за признавање на ова достоинство во периодот од март до август 1961 година, преку размена на посланија меѓу патријархот Кирил и вселенскиот патријарх Атинагора.
Својата мирна посета бугарскиот патријарх Кирил ја почнува на 16 март 1962 година, кога со легендарниот „Ориент експрес“ заминува за Истанбул. На 17 март, црковната делегација предводена од патријархот Кирил пристигнува во Турција.
Сослужувањето меѓу двајцата патријарси се одржува на 18 март, на Недела Православна. На богослужбата слово произнесува мирскиот митрополит Хризостом, а потоа, на приемот во Патријаршијата, и двајцата предстојатели разменуваат обраќања.
Бугарски патријарх Максим (1914–2012)
На 7 март 1971 година бугарскиот патријарх Кирил се упокојува, а од 13 март до 4 јули 1971 година ловчанскиот митрополит Максим е намесник-претседател на Светиот синод.
На 25 јуни 1971 година Светиот синод, во полн состав, пристапува кон избор на тројца митрополити достојни за патријаршискиот престол. На 4 јули 1971 година, по светата Литургија служена во синодалната капела „Свети цар Борис“ во Софија, членовите на Патријаршискиот изборен црковно-народен собор го прогласува ловчанскиот митрополит Максим за законски и канонски избран бугарски патријарх и софиски митрополит од клирот и народот.
Набргу по својот избор за патријарх, Максим остварува официјални посети на повеќе патријаршии и архиепископии: Цариградската, Александриска, Ерусалимска, Руска, Романска, Грузиска и други, со што придонесува за зацврстување на православното единство и за јакнење на угледот на Бугарската православна црква.
Бугарски патријарх Неофит (1945–2024)
По упокојувањето на патријарх Максим, на 24 февруари 2013 година, русенскиот митрополит Неофит е избран за бугарски патријарх и софиски митрополит. Истата вечер е извршена неговата интронизација во храмот „Свети Александар Невски.
На 20 септември 2013 година, патријархот Неофит ја извршува својата прва мирна посета на Вселенската патријаршија и сослужува со вселенскиот патријарх Вартоломеј. Делегацијата е свечено пречекана во Фенер, служен е молебен, одржани се официјални разговори, а на 22 септември двајцата патријарси заеднички служат света Литургија во храмот „Свети Георги“.
