Арабати Баба Теќе: купување или конфискација?

Date:

Share post:

За непроѕирноста на еден „историски чекор“

Исламската верска заедница на Македонија неодамна со видлива свеченост го претстави новиот имотен лист за Арабати Баба Теќе во Тетово. Поглаварот Шаќир ефенди Фетаи го прослави овој момент како „историски чекор” за институцијата, нејзините верски службеници и верници. Во официјалната објава се користи јазик на триумф: имотно-правниот контекст, велат, конечно се решил „во корист на ИВЗ”. Правниот основ – купопродажен договор заверен на нотар на 10 февруари 2026 година.

Сè изгледа уредно, нотарски заверено, катастарски запишано. Освен еден клучен детаљ: никој не знае од кого е купено Теќето.

Правна форма без правна супстанца

Во правната теорија, продажниот договор претпоставува дека продавачот поседува легитимен насловен однос (nemo dat quod non habet – никој не може да даде повеќе отколку што има). Ова е темел на секоја трансакција со недвижности, без оглед дали се работи за граѓанско или за канонско право. Кога правниот основ за запишување во катастар е купопродажен договор, а идентитетот на продавачот останува непознат за јавноста, основаното прашање не е формално-процедурално туку суштински: кој имал право да продаде нешто кое, според сите историски извори, никогаш не му припаѓало?

Бектешката заедница е јасна и недвосмислена: „Ние ништо не сме нуделе и ништо не сме продавале.“ Овој исказ на претседателот Арбен Сулејмани не е само политичка изјава, туку е и правно тврдње со огромна тежина, бидејќи Бектешите имаат историски втемелена претензија на сопственост над овој локалитет.

Арабати Баба Теќе е изградено во 1538 година исклучиво за потребите на Бектешкиот ред, и ниту еден правен акт од 16-ти до 21-ви век не го пренел сопственичкиот наслов кон некоја друга институција врз основа на слободна волја на Бектешите.

Ако Бектешите не продале, а продажниот договор сепак постои, тогаш предмет на истражување е токму тој трет субјект: тој мистериозен продавач чиј идентитет ИВЗ досега одбива да го разоткрие.

Историскиот контекст кој не смее да биде заборавен

Теќето не е обична недвижност. Тоа е жив, функционален сакрален простор на специфична суфиска традиција со речиси пет векови непрекинато духовно присуство. Во меѓувреме, за време на конфликтот во 2001 година, Теќето беше насилно лишено од своите легитимни корисници, Музејот на тетовскиот крај беше истеран, историски експонати беа уништени, а дел од просториите де факто окупирани. ИВЗ влезе во поголемиот дел од објектот не врз основа на купопродажен договор туку врз основа на фактичка контрола стекната во услови на вооружен метеж.

Оваа разлика не е само историска интерпретација – таа е правно релевантна. Долгогодишниот судски спор меѓу Бектешите и ИВЗ сè уште не е правосилно решен во корист на ниту една страна. Во такви услови, купопродажниот договор не решава ништо – тој само го усложнува спорот со додавање на нов слој на правна нејаснотија.

Религиски окупационизам: преседанот кој загрижува

Она кое особено загрижува во оваа постапка не е само конкретниот случај на Арабати Баба Теќе, иако тоа само по себе е доволно сериозно,  туку институционалниот модел кој се воспоставува.

Принципот на usucapio (стекнување сопственост со долготрајно владение) никогаш не бил морално оправдување за отуѓување на сакрален имот на верска малцинска заедница. Историјата на религиозни конфликти во Источна Европа, Блискиот Исток и пошироко покажува дека конфискацијата на верски простори – без оглед дали е извршена со сила, правна манипулација или со тенки купопродажни договори – секогаш имала длабоки, деструктивни последици по меѓуверскиот мир и по правната легитимност на институциите кои ги присвоиле тие простори.

Во теологијата на правото, паролите на Г.Л.А. Харт и класичните разработки на ius cogens во меѓународното право религиозните слободи ги третираат како повлечени од позитивно-правна регулација: ниту парламент, ниту нотар, ниту катастар не можат да го легитимизираат она кое е fundamentaliter неправедно. Доделувањето правна форма на суштинска неправда не произведува правда – произведува само правна измама со официјален печат.

Прашањето е практично: ако денес ИВЗ, со нотарски заверен договор со непознат продавач, може да го запише Бектешкото теќе на свое име, кој верски објект е следниот?! Овој прецедент е опасен не само за Бектешите туку за целиот мозаик на верски заедници во Македонија, вклучително и за Македонската православна Цркта – Охридска Архиепископија и другите верски заедници

Барање за транспарентност

Академскиот, правниот и граѓанскиот интегритет налагаат минимум три јасни барања кон ИВЗ:

Прво, целосно обзнанување на идентитетот на продавачот – кој е физичкото или правното лице кое го продало Теќето, и врз основа на кој насловен документ тоа лице воопшто имало право да продава?

Второ, суспензија на имотниот упис до правосилно окончување на судскиот спор со Бектешката заедница, согласно принципот pendente lite nihil innovetur – за време на судски спор да не се менуваат имотно-правните состојби.

Трето, јавна расправа со учество на граѓанското општество, правни стручњаци и претставници на сите засегнати верски заедници.

Арабати Баба Теќе не е имот. Тоа е споменик на духовната историја, место на молитва и сакралност кое преживеало пет века промени на власти, верски реформи и воени конфликти. Достоинството на тоа место бара повеќе отколку нотарски заверена страница и прес-конференција. Бара вистина за тоа кој, по каква цена, и со каков мандат – го продал нешто кое никогаш не му припаѓало.

Пишува: Реџеп Х., правник и социолог

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img