Погребението на Грузискиот патријарх Илија ќе се одржи на 22 март, кога во катедралниот храм „Света Троица“ во Тбилиси ќе биде отслужена главната заупокоена литургија, по што ќе следи пренесувањето на моштите и погребението во Сионскиот патријаршиски храм.
Ова го соопшти архимандритот Јован Мчедлишвили, свештенослужител во катедралата, кој информира дека до погребот верниците ќе имаат можност да дојдат и да се простат со починатиот патријарх. „На самиот ден на погребот се очекува присуство на Вселенскиот патријарх, а богослужбата ќе се одвива според утврдениот црковен протокол“.
Оваа информација, според hristianstvo.bg била потврдена од Министерството за надворешни работи на Грузија преку јавниот радио-телевизиски оператор на земјата, но и од извори во Фанар.
Во истата насока коментира и Сергеј Чапнин*, руски богослов и поранешен главен уредник на официјалниот весник на Руската православна црква – Журнал, отворајќи ги и другите перспективи што ќе ги понуди овој сеправославен настан:
„Вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе дојде во Тбилиси на погребот на грузискиот патријарх Илија. Ова е важен сигнал: ако дојде, тоа значи дека ќе го води погребот.
Оваа одлука на грузиските власти (црковни или првенствено секуларни?) создава исклучително тешка ситуација за патријархот Кирил и РПЦ: претставниците на РПЦ не сослужуваат (официјално) со епископите и свештениците на Вселенската патријаршија од 2018 година. Дали патријархот Кирил ќе одлучи да направи исклучок (секако, од политички причини) во случај на погребот на патријархот Илија, кој беше верен сојузник на Кирил до последните денови? Малку е веројатно дека веста дека Вартоломеј ќе пристигне ќе го налути Кирил толку многу што тој нема да ја испрати својата делегација.. Но, ако делегацијата на РПЦ дојде и не служи, тогаш членовите на делегацијата ќе изгледаат чудно и понижувачки, молејќи се не во олтарот, туку некаде во аголот на солејата.
Од друга страна, за Московската патријаршија ова е шанса да одржи неофицијални консултации со Вселенскиот патријарх. Ако има желба или барем политичка пресметка. Или негодувањето на Кирил кон Вартоломеј е толку големо што не се можни никакви контакти?
Истото важи и за УПЦ (Московска патријаршија). Дали некој ќе дојде на погребот и, ако е така, дали ќе ја искористи можноста да води неофицијални преговори со Вселенскиот патријарх? Фанар веќе испрати сигнали до епископите на Украинската православна црква дека е отворен за такви средби во кој било формат“.
*Сергеј Чапнин е автор на бројни статии и анализи во национални и меѓународни медиуми, вклучувајќи ги Bloomberg, WSJ, NYT, CBS, NPR, The First Things (САД); BBC, The Economist (Велика Британија), Le Monde (Франција); Wiez, KAI (Полска) и многу други. Во декември 2015 година, по неговото предавање во Карнеги центарот во Москва (каде што даде прогноза дека војната во Украина ќе добие религиозно оправдување), тој беше отпуштен од сите свои позиции лично од патријархот Кирил.

