Помогнете и на Украина преку признавање на автокефалијата на Православната црква во Украина

Date:

Share post:

Од почетокот на воената инвазија на Русија во Украина, западните сили покажаа значајно ниво на единство и солидарност со Украина. Пред се тука би ги вброил сеопфатните санкции кон руското раководство како и значителната воена поддршка на украинските сили. Пред да започне војната бевме сведоци на интензивни, но за жал неуспешни дипломатски напори иницирани од западните дипломати со цел стопирање на плановите на Владимир Путин.

Ова ниво на солидарност кое сега можеби треба да се видоизмени за да се одговори подобро на повиците за заштита на цивилно население во Украина не беше забележано и во православниот свет. Еден дел од православието не ја ни прозва ниту ја осуди агресијата на Путин врз Украина. Откако Православната црква во Украина (ПЦУ) постигна неколку признавања во текот на 2019 и 2020, ентузијазмот за нови признавања на нејзината автокефалност спласна. Уште од доделувањето на украинската автокефалност во јануари 2019, Руската православна црква го милитаризираше ова прашање преку имплементација на сеопфатна стратегија за непризнавање на црквата на Епифаниј.

Неопределените цркви кои не беа експлицитно наклонети ниту кон Москва ниту кон Вселенската патријаршија (Романската, Бугарската и Грузиската црква) требаше да ја признаат автокефалноста на ПЦУ оној момент кога рускиот патријарх Кирил ја посочи вината за војната во Украина, не кај Путин туку кај имагинарните надворешни зли сили. Доколку горенаведените цркви и понатаму делуваат незаинтересирано по ова прашање ќе ја пропуштаат оваа историска можност да ја поддржат ПЦУ што дополнително би ја зајакнало оваа новоформирана црква, истовремено давајќи надеж на оние во УПЦ-Московски Патријархат под Онуфриј кои веќе преземаат чекори за прекин на врските со Патријархот Кирил.

Молкот кај црквите кои се уште не ја признаваат ПЦУ е очигледен, а неодамнешните случувања на црковно-политички план говорат зошто тоа е така. Признавањето во ноември 2019 од страна на Александриската патријаршија на црквата предводена од Митрополитот Епифаниј се покажа како посебно болна одлука за Патријархот Теодор II, чија канонска јурисдикција и права се грубо прекршени со последната одлука на Руската православна црква да воспостави свој егзархат за целиот Африкански континент.

Овој најнов потег на РПЦ покрена повторно дискусија за руските (црковни) геополитички маневри и е проследен со загриженост во светот на православието. Грчкото министерство за надворешни работи покажа доза на вознемиреност и јавно ги сподели своите стравови по однос на засилените активности на РПЦ како во Грција така и во своето пошироко соседство. Влијателниот портал Ортодокс Тајмс објави дека грчкиот Архиепископ Јерономус веќе го информирал грчкиот државен врв за зголемената мобилизација на РПЦ и потенцијал за дестабилизација на Грција.

Реваншизмот продолжува да биде носечкиот столб на актуелната надворешна политика на Руската православна црква бидејќи на тој начин прави обид за превенирање на нови признавања на Православната црква во Украина. Откако новата црква доби автокефалност и во текот на 2019 и 2020 беше признаена од четири цркви веќе постојат доволно факти кои не носат до таков заклучок. Работејќи против нови признавања Руската православна црква ја прави ПЦУ поранлива и склона кон дестабилизација, било да е тоа од самата РПЦ, УПЦ – Московски Патријархат, неуморниот патријарх Филарет или пак гласната група на поддржувачи на РПЦ предводени од Српската православна црква. Директното мешање во црковната јурисдикција на Александриската патријаршија се чини дека е најагресивниот чекор од страна на РПЦ кон оние цркви кои ја признаа ПЦУ заради кој патријархот Теодор плаќа висока цена.

Во последните три години Руската црква употреби низа мерки за присилба на четирите цркви кои ја признаа Украинската автокефалност (Вселенската патријаршија, Грчката православна црква, Александриската патријаршија и Кипарската црква). Начинот на кој Руската црква одговори пред се на признавањето на ПЦУ од страна на Грчката православна црква ја постави основата по која РПЦ се справуваше со другите цркви кои тргнаа по истиот пат. Главниот удар и понатаму претставува прекин на евхаристиското единство, но не со целата црква, како што тоа беше случај со Вселенската патријаршија, туку само со поглаварите на црквите кои ја поддржуваат автокефалијата на ПЦУ. Ваквиот пристап има за цел да го зајакне раздорот внатре во самите цркви и е начин за да се делегитимира црковното раководство.

Истата тактика беше очигледна и во однос на Кипарската црква, која последна ја призна Украинската автокефалија во октомври 2020. Како и со Грчката црква и Александриската патријаршија, Руската православна црква одлучи да го прекине евхаристиското единство со Кипарскиот Архиепископ Хризостомос и да престане со сослужување со јерархијата во рамките на кипарската црква што ќе одлучи да ја поддржи ПЦУ на Епифаниј. Како што и можеше да се предвиди, одлуката на кипарскиот архиепископ донесе раздор во оваа црква откако неколку влијателни митрополити (Никифорос, Атанасиос, Исаја и Николас) јавно се спротивставија на поддршката кон Епифаниј и побараа доделената автокефалија да биде повлечена јавно спротивставувајќи се и предизвикувајќи го кипарскиот Архиепископ.

Руската православна црква и оние кои се блиски до неа за многу кратко време ги искористија овие внатрешни потреси во Кипарската црква. На пример Протојереј Николај Данилевич од украинската православна црква која е составен дел од РПЦ со прст покажа кон револтот кој се создава во кипарската црква и посочи дека ниту една од црквите кои ја признаа украинската автокефалија не го направила тоа на соборен начин. Притоа според протоерејот секоја наредна црква која ќе се осмели да ја признае ПЦУ ќе се соочи со слични внатрешни поделби и раздор. Исто така, како што беше и примерот со Грчката црква и со цел да нанесе финансиски удар, РПЦ се закани со селективна забрана за руски тур-оператори, кои ќе може да организираат тури само во оние цркви кои ја поддржуваат Руската православна црква.

Додека патријархот Теодор работи на стратегија за контра одговор на агресивните политики на Руската црква загриженоста на долг рок е можноста РПЦ да ја преслика својата стратегија со Александриската патријаршија и да продолжи со формализирање на своето присуство и на други локации. Самиот Иларион Алфеев најави ваков можен расплет во Турција како и низ остатокот од светот притоа целосно игнорирајќи ги правата на Вселенскиот патријарх. На поглаварот на Кипарската црква Хризостом не му е целосно непознат ваквиот расплет на околности. Во 2019 Поглаварот ја предупреди РПЦ да се држи настрана од кипарскиот остров по добиени информации дека руски свештеници вршат богослужби на северниот дел. Руската амбасада во Кипар одби било каква поврзаност на овие дејствија со Руската православна црква.

Јасните одмазднички мерки кои ги презема РПЦ имаат цел да ги одвратат и забават понатамошните признавања на автокефалноста на Православната црква на Украина. Овие мерки испраќаат силен сигнал до оние кои мислат да се одлучат на таков чекор дека секој потег во насока на поддршка на црквата предводена од Митрополитот Епифаниј ќе биде разбран од страна на Руската црква како покана за дестабилизација и мешање во внатрешни работите на таа црква.

И покрај способноста на РПЦ да зададе удар, Грчката и Кипарската црква укажуваат на доброто ниво на отпорност кон ваквото делување на РПЦ. Заради војната во Украина, руската црква ќе биде свртена повеќе кон самата себе барајќи начини како дополнително да ги легитимизира делувањата на Путин, но и како да го задуши револтот кај дел од УПЦ-МП. На надворешен план РПЦ ќе се посвети кон тоа да ги задржи блиските до неа цркви (на пример Српската и Антиохиската црква). Проектот на РПЦ со Африканскиот егзархат по неговото лансирање во ноември 2021, најверојатно е дека ќе добие помало внимание заради домашните и регионални случувања.

Се уште постои шанса за Православната црква во Украина и покрај тоа што самата црква е мета на “специјалната воена операција” на Рускиот претседател. Признавањето на нејзината автокефалност од страна на Романската, Бугарската и Грузиската црква дополнително ќе го зголеми легитимитетот на Митрополитот Епифаниј и ќе пружи надеж кај оние во УПЦ-МП кои бунтуваат против Рускиот Патријарх Кирил.

Пишува: Андреја Богдановски (докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија каде ги истражува движењата за автокефалија во Источна Европа и на Балканот)

Текстот е оригинално објавен на англиски јазик во Public Orthodoxy: https://publicorthodoxy.org/2022/03/07/help-ukraine-by-recognizing-ocu/

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img