2025 година ќе остане запаметена како една од пресвртните години во поновата историја на Римокатоличката црква. Во текот на изминатата година, Црквата помина низ период на загуба, духовно обновување и започнување на нов понтификат, во контекст на сложени глобални предизвици.
Јубилејната година, која започна со отворањето на Светата врата на Божик 2024 година, беше клучен настан во црковниот живот. Милиони верници учествуваа во јубилејните настани, како во Рим така и ширум светот. Според податоци на Светиот престол, меѓу 30 и 35 милиони поклонници дошле во Рим, додека во многу епархии бил забележан зголемен интерес за исповед и литургиски живот.
На 21 април 2025 година, на вториот ден на Велигден, почина папата Франциск. Неговата смрт предизвика глобална реакција и период на тишина во Римокатоличката црква. Погребните церемонии во Рим собраа над половина милион луѓе, додека милиони го следеа настанот преку медиумите. Папата Франциск ќе остане запаметен по неговиот фокус на сиромашните, социјалната правда, екологијата и улогата на Црквата на перифериите на општеството.
По конклавата, Рим доби нов поглавар – папата Лав XIV. Во своите први обраќања, тој нагласи дека Црквата, со повеќе од 1,4 милијарди верници, има одговорност да биде морален ориентир во современиот свет. Новиот понтификат беше пречекан како знак на стабилност и континуитет, со акцент на пастирската улога на Црквата и нејзината општествена одговорност.
Во текот на 2025 година, Католичката црква продолжи активно да се изјаснува по прашања поврзани со војната и мирот, заштитата на човечкиот живот, миграцијата и социјалната правда. Светиот престол одржува дипломатски односи со повеќе од 180 држави, а преку католичките хуманитарни организации се реализираат илјадници програми за помош ширум светот.
Црквата во 2025 година функционира со околу 5.600 епископи, над 410.000 свештеници и над 600.000 монаси и монахињи. Посебно внимание беше посветено на духовната формација, поддршката на свештенството и зајакнувањето на довербата меѓу пастирите и верниците. Во исто време беа забележани и знаци на оживување на црковниот живот во некои региони кои со години се сметаа за секуларизирани.
Иако 2025 година беше исполнета со сериозни предизвици, таа ќе остане запаметена како година на јасно сведоштво и стабилност. Помеѓу крајот на понтификатот на папата Франциск и почетокот на новиот понтификат на папата Лав XIV, Римоатоличката црква ја потврди својата улога како жива заедница со јасна мисија и поглед насочен кон иднината.

