Покана до Вселенскиот Патријарх да го посети седиштето на Европскиот парламент

Date:

Share post:

Работната група на Европската народна партија (ЕНП) за „Меѓукултурен и религиски дијалог“ вчера, на 20 ноември, го посети Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј во Фанар, по иницијатива на европратеникот од Нова Демократија, Евангелос Меимаракис. Европратениците го поканија Патријархот да го посети седиштето на Европскиот парламент.

Пречекувајќи ги европратениците од ЕНП во Вселенската Патријаршија, „првиот престол на светската Православна Црква и духовен центар на православното христијанство веќе 17 непрекинати векови“, Патријархот Вартоломеј истакна дека „годинава означува еден симболичен јубилеј и значајно потсетување на древните корени на нашата Црква во Константинопол, зашто христијанскиот свет ја одбележува 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја, кој го формулираше првобитниот Символ на верата.“

Тој потсети и дека за неколку дена Папата Лав XIV, во своето прво патување надвор од Рим, ќе дојде за заеднички да биде одбележана оваа годишнина, како и престолната слава на Вселенската Патријаршија – споменот на свети апостол Андреј Првоповикан – следејќи ја традицијата на неговите непосредни претходници, Папата Франциск, Папата Бенедикт XVI и Папата Јован Павле II, кои исто така ја посетија Вселенската Патријаршија многу кратко по своето востоличување.

„Итната потреба за заштита на творението не може да се оддели од значењето на дијалогот. Она што го правиме за Земјата е тесно поврзано со она што го правиме за луѓето – и во рамките на човековите права, и во меѓународната политика во однос на сиромаштијата, социјалната правда и светскиот мир“, истакна, меѓу другото, Патријархот Вартоломеј.

„Затоа, визијата и мисијата на Вселенската Патријаршија вклучуваат и меѓухристијанска и меѓурелигиска димензија“, продолжи тој, „зашто нема никакво сомнение дека, особено во нашево време, религиозните принципи и вредности доживуваат голема преродба и играат значајна улога во обезбедувањето на мирната коегзистенција меѓу различни народи и култури.“

Всушност, како што рече, ставовите во манифестот на ЕНП се однесуваат на многу прашања што ја засегаат и мисијата на Вселенската Патријаршија, „вклучително и човековите права и слободата, солидарноста со сиромашните и социјално ранливите, промовирањето вредности поврзани со семејството, образованието и здравството, како и заштитата и интеграцијата на мигрантите.“

Според Патријархот, „токму овие идеи и идеали, политичарите треба да ги поддржуваат и унапредуваат, особено во свет и време толку кревко и поделено како нашето.“

Европратеникот од НД, Евригелос Меимаракис, како копретседавач на Работната група на ЕНП за Меѓукултурен и религиски дијалог, истакна дека оваа посета доаѓа по нивната посета кај Папата Лав XIV. Тој разговорот со Патријархот Вартоломеј го опиша како многу интересен – како и сите разговори со него – „во период кога следната недела ќе се сретне со Папата.“

Тој забележа дека Патријархот посочил „многу прашања кои во моментов нè засегаат многу повеќе – како отворањето на Богословијата на Халки, пристапот кон младите генерации, комуникацијата со другите христијански заедници, но и со другите религии, за да можеме во ова турбулентно време да ги најдеме решенијата што ќе ни помогнат да живееме во мир, социјална правда и развој.“

Меимаракис додаде и дека Европската народна партија се интересира за ставовите на Црквата за општествените прашања. „Политиката и Црквата не треба да се мешаат, но треба да ги знаеме ставовите на Црквата за општествените прашања“, рече тој – на пример за зелената транзиција, миграцијата, еднаквите односи, социјалната правда, домувањето и сите други теми што денес нè засегаат, а за кои Црквата може да придонесе со свои ставови.

Копретседателката на Работната група, европратеничката Зељана Жовко од Хрватска, ги оцени како многу импресивни посетата и обраќањето на Патријархот Вартоломеј, како и пораките што ги слушнаа европратениците во пресрет на посетата на Папата Лав во Константинопол.

„Верувам дека одбележувањето на годишнината од Никеја е суштинско и за единството на христијаните. Во Европскиот парламент ја поддржуваме слободата на религијата и слободата на религиозните малцинства, и веруваме дека таму каде што има демократија, религиските групи мора да бидат заштитени, нивните права мора да бидат заштитени. Тоа е нешто за што ние, како христијански демократи, ја нудиме платформата – за заштита на верата, но и за унапредување на дијалогот меѓу верските групи, христијани и муслимани“, изјави таа.

Таа додаде дека пораките што ги слушнале биле многу охрабрувачки и изрази огромна радост што како копретседателка на Комитетот ја остварила оваа посета.

Од своја страна, европратеничката и член на Работната група, Елеонора Мелети, истакна дека имала радост и чест да биде дел од оваа делегација, нагласувајќи дека сите европратеници кои се нашле во Фанар имале можност да разменат мислења и да разговараат со Вселенскиот Патријарх „за прашањата кои претставуваат современи предизвици и за тоа колку нашата соработка со Вселенската Патријаршија може да придонесе во ширењето на пораката за мирна коегзистенција, меѓурелигиска соработка и значењето на продолжувањето на нашите духовни вредности и верата.“

Како член на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент, Мелети продолжи: „сакав и побарав да дознам како можеме да ја поддржиме грчката малцинска заедница, која, како што знаете, за жал се намалува, но и како можеме да ги поддржиме училиштата на грчката малцинска заедница. Се осврнавме и на радосната вест за повторното отворање на Богословијата на Халки.“

На крај истакна дека посетата на Вселенската Патријаршија била „едно особено искуство, многу симболично, во време кога е важно да останеме верни и да потсетуваме колку е значајно да се насочуваме кон вредностите кои нè обединуваат.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img