Група македонски верници од Австралија, револтирани од посетата на архимандритот Серафим на Српската правослана црква во Австралија. Во соопштение реагираат на неговиот однос кон матичната црква МПЦ-ОА. Прашуваат на пија покана е дојден во Австралија и зошто најголем дел од времето го поминал црквите на СПЦ.
– За нашата заедница е природно и очекувано секој клирик што доаѓа од МПЦ–ОА без разлика на каква и да е покана најнапред да ги посети токму македонските храмови, младите, семејствата, црковните одбори и целата наша заедница која ја гради и чува македонската духовност во дијаспората. Тоа не е само прашање на протокол, туку прашање на почит кон народот што со љубов ја чува својата Црква, стои во реакцијата.
Религија.мк, на молба на верниците од Австралија, го објавува целосниот текст на соопштението реакција.
Македонскиот народ во Австралија со внимание ја следи посетата на игуменот на Слепченскиот манастир, архимандрит о. Серафим, кој најверојатно пристигнал во Австралија со благослов на Неговиот надлежен архиереј.
Иако дел од верниците се израдуваа на доаѓањето на наш духовник, сепак многумина изразија разочарување поради тоа што архимандритот оствари многу ограничен контакт со македонските парохии, црковни општини и верници, додека пак оствари подолга и посодержателна средба со претставници на Српската православна црква. Во чувствителен период кога една од двете епархии по упокојувањето на Митрополитот Тимотеј очекува избор на нов владика, секое вакво црковно присуство испраќа порака – и тоа особено ако не е доволно насочено кон македонската паства која овде живее со децении.
Од она што го проследивме од медиумите гледаме дека овој висок клирик остварил средба со српскиот архиереј во Австралија г. Силуан, дека гостувал и одржал предавања во повеќе црковни општини под јуриздикција на СПЦ.
Уште една точка што ја вознемири македонската заедница е фактот што за пошироката јавност не е јасно по чија покана архимандрит Серафим дојде во Австралија. Дали дојде на иницијатива на Епархијата? На поединци? На други црковни структури, како на СПЦ (бидејќи често се наоѓа по нивните храмови)? Или по приватна покана? Ваквата недореченост го нарушува впечатокот за транспарентност.
Недостатокот на информации и отсуството на официјална комуникација со македонските црковни општини, управни одбори и верници доведе до состојба во која народот е збунет, а во одредени случаи и оправдано револтиран. Во време кога заедницата очекува јасност, единство и одговорно пастирство, ваквите магливи ситуации создаваат непотребни заблуди.
Нажалост поделбите кои подолго се тука присутни заради неканонското администрирање со епархиите, како и поради безбројните забрани, меѓу кои и забраната на свештениците од надлежниот администратор на Австралиско- новозеландската епархија да не сослужуваат со македонските свештеници од другата епархија како што гледаме станува пракса и за монашките лица, кои без причина дозволуваат и ставаат сол наместо да ги лекуваат раните на македонското разорено ткиво. Во кој интерес е да се делиме меѓусебе самите, а да живееме и да се радуваме со оние подалечните?
Македонските верници во Австралија веќе се изморени и во иднина очекуваат: јасна најава за сите духовни посети, координација со локалните македонски свештеници и црковни одбори, транспарентност за целта и програмата на посетата, и пред сè – почит кон македонскиот народ како домаќин.
За нашата заедница е природно и очекувано секој клирик што доаѓа од МПЦ–ОА без разлика на каква и да е покана најнапред да ги посети токму македонските храмови, младите, семејствата, црковните одбори и целата наша заедница која ја гради и чува македонската духовност во дијаспората. Тоа не е само прашање на протокол, туку прашање на почит кон народот што со љубов ја чува својата Црква.
Сè друго остава впечаток дека нешто се прави зад грб или надвор од канонскиот ред, што создава недоверба и непотребна напнатост.
Дополнително, македонската заедница со загриженост реагира на исказите што ги упати свештеник од Српската православна црква ,,Свети Георгиј” во Кабрамата, кој пред почетокот на предавањето во присуство на српскиот архиереј рече дека архимандрит Серафим дошол „како свој на своето“. Ваквата формулација, иако можеби кажана без лоша намера, создава длабоко чувство на непочит кон македонскиот идентитет, историја и духовност. Исто така и во објавата на социјалните мрежи не е нагласено дека о. Серафим доаѓа од МПЦ -ОА, што е честа пракса и на информативната служба на СПЦ.
Архимандрит Серафим е клирик на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а не на Српската Црква. Тој овде дојде со благослов на македонските архиереи, а македонскиот народ во Австралија природно очекуваше да биде третиран како прва и главна пастирска цел на неговата посета.
Кога некој од страна ќе го нарече „како свој на своето“, тоа испраќа погрешна и навредлива порака – дека македонски клирик, кој служи под нашата Света Црква, наводно припаѓа на друга јурисдикција или народ. Такви изјави не само што се историски и канонски неточни, туку се и чувствителни, особено со оглед на долгогодишните црковно-национални односи во дијаспората.
Македонскиот народ и ние македонските верници во Австралија во ниту еден случај не ја прифаќаме реторика која ја минимизира или негира нашата духовна и национална самобитност. Со векови се бориме да ја зачуваме нашата Црква, име, јазик и идентитет – и затоа секој збор што ги релативизира овие вредности се прима како длабоко несоодветен и понижувачки.
Ние како верници и членови на македонската заедница во Австралија продолжуваме да се молиме за мир, единство и пастирска грижа која ќе биде усогласена со потребите на народот. Се надеваме дека во иднина ќе има поголема транспарентност, подобра координација и јасна комуникација со верниците, за да се избегнат вакви недоразбирања.
Нашиот идентитет, нашата Црква и нашата заедница заслужуваат почит и внимателно пастирство. Секоја мисија од нашата Света Црква треба да го зацврстува македонското духовно единство, а не да создава збунетост или чувство на занемарување.
/Група загрижени македонски верници од Австралија

