Заврши исклучително успешната мирна посета на бугарскиот патријарх Даниил и членовите на Светиот синод на БПЦ–БП во седиштето на Црквата Мајка — Вселенската патријаршија, во Фенер.
Многу се пишуваше пред и за време на посетата, а емоциите главно беа поврзани со едно непостоечко прашање: присуството или отсуството на претставници на Православната црква на Украина за време на сослужувањето на двајцата патријарси. Дури и неоснованите (и несоодветни) „стравови“ на дел од верниците дадоа повод да се тврди дека „била постигната договореност за време на сослужувањето да нема учество на јерарси од таа црковна структура — обврска што ја презел Вселенскиот патријарх“. Неверојатна глупост, наменета за смирување на неуките.
Зошто? Затоа што не станува збор за меѓуправославна средба, туку за билатерален настан меѓу Вселенската патријаршија и Бугарската патријаршија. Во какво својство би се појавиле „претставници на Православната црква на Украина“ на таков настан? Како дел од бугарската делегација? Апсурдно. Како дел од домаќините? Уште поапсурдно, бидејќи така би се демонстрирало дека Православната црква на Украина не е самостојна автокефална црква, туку дел од структурите на Вселенската патријаршија!
Како што се гледа, при никакви пресметки не би било дури ни теоретски возможно присуство на украински архиереи за време на различните настани од мирната посета. Исто така, ниту на претставници на која било друга автокефална помесна црква. Средбата е билатерална — Вселенска патријаршија и Бугарска патријаршија, и толку. Никогаш немало потреба од никакви „договорености“ и „преземање обврски“ по ова прашање!
Останува заклучокот дека ажиотажот околу Православната црква на Украина служел само како чадна завеса — за одвлекување на вниманието од нешто друго, поврзано со мирната посета.
Се виде дека секој од двајцата патријарси ги спомнува останатите православни предстојатели според она што е прифатено во сопствениот диоцез, без никој никого да присилува. Денешната служба во бугарскиот храм „Свети Стефан“ целосно се одвиваше според протоколот на Вселенската патријаршија, во формат од четворица архиереи и четворица ѓакони (кој разбира — разбира), при што мнозинството бугарски владици останаа на „резервната клупа“ — а за останатите од делегацијата да не зборуваме. Така е таму! Но диптихот нашиот патријарх го прочита како и во Софија, и никој немаше забелешки.
Како што рекло едно јускударско пиленце: „од немај-каде, БПЦ во скоро време сама ќе посака да сослужува со Епифаниј“.
Да ги оставиме овие закачки засега.
Најважното од средбата меѓу патријарсите Вартоломеј и Даниил е упатената порака до целиот православен свет дека **НАЧИНОТ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ НЕ Е РАСКИНОТ**, туку зачувувањето на општењето, со јасно и чесно исповедање на сопствените позиции, „со упование во соборниот глас на Црквата“. Дури и кога ветуваме, а не одиме на Соборот.
Обидот да се разниша кревкиот канонски поредок во Православната црква, според кој секој новоизбран предстојател на помесна црква оди да се претстави пред Вселенскиот патријарх во Фенер, пропаѓа. Патријархот Порфириј е единствениот меѓу новоизбраните кој не направи мирна посета во Цариград, но по вчерашниот ден тој веќе е осаменo, иако симболично, исклучение. Веројатно во не толку далечна иднина околностите ќе го натераат да го исправи овој пропуст.
Од мирната посета добија двете страни — бугарскиот патријарх неспорно стекна легитимитет и си обезбеди добар пи-ар, а Вселенскиот го доби своето, па дури и повеќе.
Зборовите на патријархот Вартоломеј, ислушани смирено и без приговор, долго ќе одекнуваат како во ушите на оние што непосредно ги слушнаа, така и во идниот живот на нашата автокефална црква.
А Руската православна црква доби блескава лекција по дипломатија од својата помлада сестра и — во одредени моменти — слугинка!
Пишува: Архимандрит Никанор (БПЦ)
