Работната група за „Меѓукултурен и религиски дијалог“ при Европската народна партија (ЕНП) остварилапосета на Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Фанар. Делегацијата го поканила патријархот да го посети седиштето на Европскиот парламент.
Пречекувајќи ги европратениците во Вселенската Патријаршија – „првопрестолниот центар на Православната Црква и духовното средиште на православието повеќе од 17 векови“ – патријархот Вартоломеј истакнал дека годинава се одбележуваат 1700 години од Првиот вселенски собор во Никеја, историски момент кога бил формулиран основниот Символ на верата.
Тој потсетил дека за неколку дена во Истанбул ќе пристигне и папата Лав XIV, кој на своето прво патување надвор од Рим ќе присуствува на заедничкото одбележување на годишнината и на празникот на свети Андреј – продолжувајќи ја традицијата на своите претходници, папите Франциск, XVI и Јован Павле II.
Патријарх Вартоломеј порачал дека грижата за планетата е директно поврзана со грижата за човекот, правата на човекот и меѓународните политики за борба против сиромаштијата, социјалната правда и мирот.„Визијата и мисијата на Вселенската Патријаршија секогаш го вклучуваат меѓухристијанскиот и меѓурелигискиот дијалог“, додал тој, нагласувајќи дека религиозните вредности играат клучна улога во мирното коегзистирање меѓу различни народи и култури.
Патријархот посочил дека ставовите во манифестот на ЕНП се поклопуваат со прашањата што ја засегаат Патријаршијата – од човековите права, солидарноста со сиромашните, семејните и образовните вредности, до заштитата и интеграцијата на мигрантите.
Евангелос Мејмаракис, ко-претседател на Работната група, истакнал дека посетата следи по неодамнешната средба со папа Лав XIV и дека разговорот со Патријархот бил исклучително значаен, особено пред средбата на двајцата поглавари следната недела. Тој додал дека патријархот ги допрел темите како повторното отворање на Богословијата на Халки, пристапот на младите кон верата, меѓухристијанските односи и дијалогот со други религии – прашања клучни за мирот и социјалната правда во денешниот „бурен период“.
Мејмаракис нагласил дека ЕНП е заинтересирана за ставовите на Црквата по социјалните прашања, меѓу кои зелената транзиција, миграцијата, еднаквоста и домувањето.
Своја изјава дала и ко-претседателката на Работната група, хрватската европратеничка Жељана Зовко, која ја оценила посетата како „впечатлива и исклучително значајна“ во пресрет на доаѓањето на папата во Истанбул. Таа нагласила дека Европскиот парламент силно ја поддржува слободата на религијата и заштитата на религиските заедници.
Европратеничката Елеонора Мелети додала дека дискусиите со Патријархот се фокусирале на современите предизвици и на заедничките напори за промовирање мирно и меѓурелигиско коегзистирање.

