Во пресрет на Божик, во црквата „Свети Илија“ во градот Фајрузе, во областа Хомс, Сирија, беше одржана свечена хорска прослава, јави Сириската арапска новинска агенција (SANA).
На настанот настапиле црковни хорови кои извеле божикни песни на повеќе јазици, меѓу кои арапски, сириски и англиски. Прославата била посетена од голем број верници, жители на градот, како и од претставници на христијанските заедници во регионот.
Мар Тимотеј Мата ал-Хури, надбискуп на Хомс, Хама, Тартус и околината, изјавил за САНА дека Фејрузе го слави Божик во атмосфера на радост и мир. „Се надеваме дека Сирија наскоро ќе живее во мир и безбедност“, рекол тој. „Хомс стои како симбол на љубовта и мирот“, додадал, нагласувајќи дека обновата на Сирија зависи од единството на целиот нејзин народ. „Нова Сирија може да се изгради само преку солидарност“, бил неговиот заклучок.
Организаторите посочиле дека настанот е дел од божикните активности што традиционално се одржуваат во провинцијата Хомс, со цел да се зачува христијанското духовно и културно наследство и да се испрати порака на надеж, мир и заедништво.
Според извештајот, ваквите манифестации имаат особено значење за локалното население, бидејќи придонесуваат за зајакнување на меѓурелигискиот соживот и за обновување на јавниот културен и духовен живот во Сирија по долгогодишниот конфликт.
