Архимандрит Никанор: Не може децата на убијците да ги повикуваат жртвите да простат

Date:

Share post:

Бугарската православна јавност повторно се најде во фокусот на дебати, откако архимандритот Никанор јавно го критикуваше повикот на бугарскиот патријарх Даниил да се „најде сила за простување“ на организаторите на Народниот суд – репресивниот трибунал што по 1944 година изрече илјадници смртни пресуди.

Повикот патријархот го упати на конференцијата посветена на 145 години од основањето на Врховниот суд, каде истакна дека „треба да се сочува сеќавањето за невините жртви, но истовремено да се најде сила да им се прости на виновните“.

Архимандритот Никанор оцени дека оваа порака е „несмасен обид да се измеша жртвата со насилникот“, прашувајќи: „Што значи да простиме? Да ги прифатиме меѓу нас луѓето со крв на рацете?“

Според него, простувањето може да го даде само оној што бил повреден, а не личности кои, како што рече, „семејно се поврзани со структурите што ги вршеле злосторствата“, алудирајќи на минатото на таткото на патријархот Даниил во службите за државна безбедност.

-Не е морално децата на убијците да ги повикуваат децата на жртвите да простат, без убијците да се покајале, рече тој.

Архимандритот додаде дека ваквиот повик може да се толкува како „лесномислен“ или како „подбив со меморијата на жртвите“, поврзувајќи го и со идејата за задолжителна веронаука, за која предупреди дека „може да прерасне во зверонаука, како што гледаме во Русија на Путин“.

Никанор потсети дека Народниот суд е оценет како „национална катастрофа“, бидејќи изрече 2.730 смртни пресуди и повеќе од 1.300 доживотни казни, без да се вклучат илјадниците убиства извршени непосредно по превратот на 9 септември 1944 година.

/Бгнес

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img