Почетна Вести Стотици илјади Италијанци против хомосексуалните бракови
Стотици илјади Италијанци против хомосексуалните бракови

Стотици илјади Италијанци против хомосексуалните бракови

84
0

Повеќе стотици илјади Италијанци учествуваа на протестот против намерата за легализација на истополовите бракови, кој се одржа на староримскиот стадион Циркус Максимус. Организаторите кои протестот го нарекоа „Ден на семејството“, побара од владата да се откаже од законот со кој би се легализирале хомосексуалните партнерства и со кој би им биле овозможени и ограничени права за посвојување деца.

Италија е една од ретките држави во Европа која што истополовите врски ги нема во ниту една форма во своето законодавство.

Оспоруваниот предлог закон беше претставен минатата седмица во парламентот и за него треба да се гласа во февруари, меѓутоа и самата италијанска влада е длабоко поделена околу ова прашање.

Противниците на предлог законот изразуваат надеж дека ќе го спречат неговото усвојување, како што успеаја во неколку претходни наврати.

Од цела Италија во Рим во саботата пристигнуваа бројни возови и автобуси со луѓе кои се придружија на собирот на славниот хиподром од периодот на древниот Рим.

„Сакаме да биде повлечен целиот предлог закон, без бројните ‘ако’ и ‘доколку’“, изјави Симон Пилон, еден од организаторите на собирот.

Тој особено ја критикува одредбата од законот која на хомосексуалните двојки би им овозможила усвојување на биолошките деца на нивните партнери. Критичарите, имено тврдат дека тоа би го поттикнало сурогат мајчинството, коешто во Италија е забрането. „Не можеме да дозволиме децата да плаќаат поради желбите или хировите на возрасните. Децата имаат потреба од мајка и од татко“, вели Пилон.

Колку Италија е поделена, покажува и фактот дека пред една седмица повеќе илјади луѓе излегоа на улиците барајќи усвојување на законот за ткн „цивилно партнерство“ за хомосексуалните и хетеросексуалните двојки.

Организаторите на собирот во саботата претходно соопштија дека очекуваат околу половина милион луѓе на протестот, но засега не е познато за колкав број луѓе точно станува збор.

Агенцијата DPA наведува дека некои од организаторите изјавиле дека во Рим пристигнале повеќе од два милиона луѓе од целата земја. „Има многу повеќе отколку што очекувавме… Сакам да ве известам дека нé има повеќе од два милиона“, изјави Масимо Гандолфини, портпаролот на манифестацијата наречена Ден на семејството.

Италија е последната од големите држави во западна Европа која не нуди никакви права или признавање на истополовите двојки, па е често критикувана од Европскиот суд за човекови права.

Премиерот Мате Ренци го вети носењето на контроверзниот закон до крајот на 2015 година, меѓутоа наиде на остро спротиставување и во коалицијата.

„Целосно се согласувам со целите на овој собир“, изјави министерот за внатрешни работи Анџелино Алфано, водач на помалата партија во власта Нов десен центар.

Иако влијанието на Католичката црква во Италија со годините слабее, таа сé уште претставува значајна сила во тамошното општество. Италијанската бискупска конференција решително се изјасни против предлог законот, а пред една седмица папата Франциск објави силен потсетник на противењето на Црквата на еднополовите бракови, порачувајќи дека традиционалното семејство е „семејство кое Господ го сака“.

Според некои од последните истражувања на јавното мнение, 70 отсто од Италијанците сметаат дека истополовите двојки заслужуваат правна заштита, како што е првото на наследување, но само 24 отсто сметаат дека би требало да им се овозможи и правото да посвојуваат деца.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *