Почетна Коментар Правдата и вистината ќе победат!
Правдата и вистината ќе победат!

Правдата и вистината ќе победат!

681
1

Живееме во време кога оној што „победува“ од никого не е прашуван дали во минатото ја говорел вистината. Ваквиот „победник“ го затвора своето срце за сомилоста, бидејќи е убеден дека правото е на страната на посилниот. За него, етиката и моралното однесување се terra incognita, некаков митски остаток од традицијата и минатото, кои му стојат на патот на секој прогрес и успех. Затоа, нему, бескрупулозноста и бесрамноста му стануваат двете основни нишки од кои е исплетена новата етика која интензивно се вбризгува во внатрешноста на човекот, од кого пак насилно се протерува секоја човечност. Сега, во овој момент, човештвото не се напаѓа со копнени единици, туку против него се води војна преку посредници, се спроведува некаква специјална операција, некаков злокобен експеримент, а нивната ударна тупаница е добро потплатената и навреме врбувана „петта колона“, која посветено работи во заднина, ширејќи забуна и деморализирање на населението, со единствена цел да биде намалена и, ако е можно, уништена секоја волја за отпор, секоја искра на нормалноста.

Денес, во Македонија, под водство на колективниот Запад, очигледно е отворен само еден мал крак на овој сесветски фронт, кој преку француско-бугарските предлози интензивно работи на обезличување на македонскиот народ, кој пак самиот со своја согласност, „написмено и законски“, конечно треба да биде покорен и еднаш засекогаш уништен до непрепознавање. За остварување на оваа цел се користат старите добри и проверени методи на сеење магла и фрлање песок во очите на нормалниот човек, со што ќе биде предизвикана целосна апатија и збунетост, бидејќи конфузијата е всушност најдобрата и најделотворна контрола. Сето ова им е добро познато на меѓународните планери и тие, без срам и некаква задршка, си ја тераат работата, до конечно остварување на она што е претходно зацртано. Колку повеќе се доведуваат до излитеност некои работи, како што е да речеме прашањето за традиционалните вредности или поврзаноста на поединецот со идентитетот и националните чувства, толку повеќе тие си го книжат својот успех. Колку е поголема и пошокантна бесмислата, толку е поделотворно ресетирањето на личноста.

Еден од многуте, кој работи посветено на банализација на нештата во нашето општество, е секако професорот Мерсел Биљали, за кого Македонците се одвратни националисти со расипан ментален код, бидејќи поголемиот дел од нив никако не можат да се помират со она што упорно им се наметнува, а кое во себе ја крие злобната амбиција сите ние да бидеме распарани и рашиени по сите древни идентитетски шевови. Доведени сме во ситуација, на агресивната абнормалност, да ѝ ги објаснуваме основните постулати на логиката. За ваквиот ков на луѓе е изгледа нормално да бидат апсени и уценувани народни пратеници, да бидат осудувани на повеќедецениска робија „непослушни“ протестанти, да го снема од окото на јавноста пратеникот, кој по кратката „обработка“ се појавува со дијаметрално спротивставени ставови, спремен да ја спасува владата која до вчера, до пред неколку часа, интензивно ја напаѓал и критикувал. Нормално е да се спроведува попис, иако голем дел од мнозинскиот народ отворено најавува бојкот на истиот, а подоцна, врз основа на неговите резултати, ќе бидат изведени политички придобивки и привилегии што ќе влијаат врз целото општество. Па така, се вработуваат некадарни, необразовани и неспособни за сметка на умните и способните, кои иако ги следеле правилата, редот и поредокот на нештата, сепак, за нивна и наша жал, крвта што во нивните вени протекува е изгледа со погрешна и помала вредност. И не само тоа, користејќи политички инженеринг, се прави влада која е сочинета од повеќе од 50% од малцинско население, со што сосема се занемарува реалноста на терен, односно изразената народна волја на избори. Ваквата влада, осоколена од ваквите „успеси“, си создава локални моќници кои се тотално недопирливи, па за нивната „умислена величина“ е сосема нормално да си ги паркираат своите скапи возила среде булеварот, во централното градско подрачје, прогласувајќи го просторот каде стапнала нивната нога за сива зона, во која за полицијата и влечната служба не важат нивните законски ингеренции.

Ваквите луѓе, кои вешто профитираат од својата национална припадност, комплетно го криминализираат и корумпираат целото општество. Откако на своите ќе им ветат остварување на некакви национални идеали, а другите преку бесмисла ќе ги замелушат и убијат во поим, ќе стане сосема возможно и прифатливо да никнат како печурки по дожд кладилници и казина покрај школи, цркви и џамии, а некои од нив и во самите мезанини од семејните станбени згради. Станува нормално дилерите со опојни супстанции да си имаат постојана „тезга“ пред влезовите на големите кафе-барови, каде што нашата младина, без разлика на нивната националност, е демнета од опасност која може да им ги уништи сè уште незапочнатите животи. Нека не се изземаат г. Биљали и сличните на него од целата оваа тажна приказна, зашто тие правејќи се при очи слепи, особено придонесуваат за сето општествено лудило кое како Дамоклов меч е надвиснато над целата држава. Каде е нивната реакција кога на прославата на годишнината од рамковниот договор, отворено се исвиркуваше и понижуваше македонскиот народ и македонскиот јазик, или кога обвинителството за организиран криминал се обиде да покрене истрага против еден државен функционер, чија основна задача е да нè штити од истиот тој организиран криминал? Треба ли сите здружно да молчиме во името на некоја повисока цел, сè ли треба да биде оправдано со некакви лудости и небулозности? Се прашува ли некој во оваа држава кои се последиците од омаловажувањето, од газењето на националното достоинство на македонскиот народ? Немојте, ве молам, сето ова да го правдате со некаква замислена интеграција, која повеќе личи на обдукција на еутаназиран пациент, чии органи (се разбира, за повисока цел!) ќe бидат искористени за нечовечки научни експерименти. Откако на пациентот ќе му биде составена неговата превртена утроба, тој ќе биде прикажан пред светот како успешна приказна. Нему, преку банализирање и релативизација на неговата здравствена состојба, ќе му биде наложено дека, и покрај очигледната траума, тој не смее да се жали на својата болка, а воедно ќе биде и задолжен јавно да декларира единствено радост и задоволство.

Ете, таква е нашата реалност. Само уште да го средиме национализмот, да ги онемеме академиците и црковните великодостојници, да ја уништиме волјата кај луѓето и да ги претвориме во контролирана маса која не покажува многу интерес за општествените прашања. Не е битно што невини туристи ни гинат по белиот свет во неисправни возила, но со валидни лиценци. Не е важно што во болници ни страдаат невини луѓе, кои токму од системот треба да бидат заштитени, осигурувајќи ја нивната целосна безбедност. За г. Биљали и за нему сличните релативизатори е проблем „умната затапеност“ на македонскиот народ, кој упорно се противи на срамниот договор со Бугарија. Очигледно нему и на министерот за надворешни работи им е многу лесно да метат и уредуваат туѓи дворови. Еве, ако се чесни луѓе, самите нека дадат пример. Нека кажат јавно дека Скендербег е Србин и дека токму поради тоа учебниците по историја за албанските основни училишта треба да бидат испраќани на одобрение во Белград. Во име на добрососедските односи, и следејќи го „здравиот разум“ и вишиот интерес, под секој споменик на Скендербег нека биде поставен натпис дека неговата мајка Воислава потекнува од славниот род на српските витези Бранковиќи, а Скендербег и неговата фамилија, како големи космополити, вешто се служеле со кирилица. Сето ова нека влезе во Уставот. Впрочем, токму г. Биљали, кој несомнено има софистициран европски ментален код, треба да биде првиот кој ќе се заложи да бидат поништени големите национални митови што ја обременуваат сегашноста, и секако, преку ваквиот потег ќе остави траен впечаток во јавноста дека не е птица која несе јајца само во туѓите гнезда. Еве, така се градат, изградуваат и паметат храбрите луѓе.

Но, се разбира, сето ова е само иронија. За жал, нашата реалност е со сосема друга природа. Ние живееме во первертирана и изопачена демократија, која својот образ и своите вредности одамна ги има загубено, која во себе нема никаков морал и достоинство и чие божество се сувиот интерес и добивката која по правило ја книжат дегенерирани профитери, чии карактер и постапки немаат никаква соодветна споредба со реалниот свет и нормалноста.

Нам, во овој момент, и тоа како ни е потребно мислењето и умот на академиците. Па, која е улогата на врвните интелектуалци во едно општество? Зарем тие не треба да ги коментираат абнормалните општествени појави, особено оние кои ја брануваат и вознемируваат јавноста? Која е улогата на една врвна академска институција, освен да го брани и унапредува животот на своите граѓани, да ги штити националните интереси, да биде лидер во научните истражувања, да ги коментира и да се обидува да ги исправа сите општествени аномалии? Токму на Македонската академија сосема ѝ приличи да биде национална, не газејќи ги притоа правата и интересите на сите оние кои имаат поинакви национални чувства од Македонците.

Изгледа на Балканот, само на македонскиот народ му е забрането да се занимава со својата историја, а историјата знае и да казнува, ако навреме не се научат нејзините лекции. Ова последново особено важи за членовите на Комисијата за историски и образовни прашања, кои без никаков срам и задршка одлучија да чекорат на линија на помал отпор и да ја погазат сета македонска наука, да се поништат себеси, своите најблиски, својот народ и на крајот дури и своите научни трудови и своето лично достоинство. Ако сето ова го направиле заради некаква лична корист и придобивка, вечно нека си го носат срамот, кој неминовно ќе биде составен дел од колективното сеќавање кога во иднина ќе бидат спомнувани нивните имиња. Господа, парите се отепувачка!

Во сиот овој апсурд, сепак има и една позитивна работа, а тоа е дека полека се кристализираат некои работи. На едната страна, во огромно малцинство, стојат штитеници на индустриски колонисти и на крупниот капитал, кои имаат амбиција да згазат сè што ќе им се најде на патот, а на другата страна се чесни и работливи луѓе што ја слават својата национална историја и сè уште веруваат во традиционалниот морал и во проверените вредности што низ вековите опитно произлегле од него. Првите се гласни квазиинтелектуалци, чија единствена вредност и идеологија им се наоѓа во пределот на сопствениот стомак. Овие, по правило, се оперирани од срам, а совеста им е орган без кој може да се живее. Вторите сме сите ние, солта на светот, кои секогаш стоеле на страната на правдата и вистината и кои во сите времиња и во сите епохи, при сите немири и недоумици, сме излегувале како победници.

Затоа, не плашете се, мили мои Македонци, зашто Вечниот Бог не е пристрасен, ниту суди и вреднува необјективно, туку кај секој народ, кој се бои од Него, ги воспоставува својата милост и правда!

Пишува: Митрополит Повардарски Агатангел (Станковски) за Нова Македонија

Коментар(1)

Напиши одговор на Djoko Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *