Почетна Коментар Последниот трзај на „Расипникот“
Последниот трзај на „Расипникот“

Последниот трзај на „Расипникот“

11.86K
5

Медиумскиот газда Петар, кој се уште ја носи мантијата на Владиката Петар, е една, или две, или една поделена личност? Дали неговите последни настапи на телевизиите низ Македонија се како Владика, или како медумски газда? Ако настапува како Владика, тогаш има серизоен проблем со разбирањето на темелите од верата чија мантија носи. Ако настапите му се како газда на телвизија, тогаш јавноста треба да биде добро подготвена, бидејќи ова што го лупета по другите телевизии може да е само увертира за она што ќе го блује од неговата телевизија. Ако може на туѓа, што ли се треба да се очекува во етерот од неговата „Вистинска телвизија“ (ВИСТЕЛ), која веќе зрачи во јавноста.

Не знам зошто, но некако имав силно чусвтсво како ќе ја крсти својата телевизија. Како онаа народната „Кој за што, бабата за младоста“, Владиката целиот свој живот некако го има прилагодено на зборот „Вистина“, па така и името на телевизијата е следствено-последична состојба на таа некоја чудна психологија. За вистина зборува, а вистина не зборува.

Помладите генерации не паметат, ама Дедо Петре, таму негаде и во осумдесеттите исто за вистини зборуваше, а во основа безобразно ја уриваше МПЦ-ОА. Баш синоќа го препрочитував неговто „маестрално“ дело „Глас на Вистината“, памалку фрлајќи око на програмската шема на „Вистел“…

СПОРНАТА ТЕЛЕВИЗИСКА КОНЦЕСИЈА

Агенцијата за медиуми одлучи да додели дозвола за функционирање на телевизијата „Вистел“, бидејќи основач на медиумот бил лицето Петар Каревски, преку компанијата основана од него во 100% сопственост. Значи не е основач Владиката Петар, туку лицето Петар Каревски.

Точно е дека Законот не прецизирал дака свештено лице не може да биде основач на телевизија, но Уставот дефинирал дека верските заецници се одвоени од државата.  Лицето Петар Каревски и Владиката Петар не се две различни личности, како што тоа го толкува Агенцијата за медиуми.

Во ова општество, во оваа држава, Владиката Петар е владика на МПЦ-ОА се додека ја носи мантијата и не може да биде лице Петар Каревски во слободно време. Исто како што Претседателот, Премиерот, пратеникот, лидерот на партија се јавни функции се додека лицата кои се избрани и поставени се на тие функции. Така и Владиката Петар е јавна функција, во случајот одвиена од државата и тоа е се додека е во мантија.

Законот за Црква, верски заедници и религиозни групи предвидува дека верските заедници можат да основаат медиуми, но како институции, а не како лица поединци, и второ можат да основаат медиуми за нивните потреби, а тие медиуми се разликуваат од медиумите со државна концесија и во својот профил и во дејствувањето и во одговорност. Но, во Македонија нема законско решение кои овозможува двојно претставување на една личност. Напротив законот предвидел дека тоа е кривично дело. Што значи никој, па ни „Свети Петар“ не може во црква да е владика, во студио е газда. Ако црквата е одвоена од државата, без можност да влијае врз одлуките на државата, (нели тоа е суштината на секуларизмот) како тогаш може владика да води телвизија која ќе креира политичко јавно мислење? (За потсетување концесијата за телевизијата е од профил општо забавна програма со информативни содржини. Значи не е тоа телевизија за религиски верски прашања). Ова е сериозен проблем што институциите мора да го анализраат, затоа што создава преседан од кој во иднина можат да се изродат серија слични случаи и преку разни верски лица да добиеме медиумска сфера која ќе наликува на либиска џамахирија, или теократско-популистичко-политички медиумски простор.

Во едно од последните интервјуа на една телевизија, новинарката го прашува газда Петар од каде пари за телевизијата, а тој дрско и одговоара „ич да не и е гаље од каде пари“. Таков одговор може да даде ако решил да си отвори Јутјуб канал, или порталче и по дома да си игра новинарство. Но, кога добива од државата ресурси на концесија, треба да знае дека тоа не е бурекџилница, цвечарница на гробишта, или свеќоливница, ами општествена одговорност за која законски е предвидена јасна транспарентност на финансирања. И затоа Агенцијата за медиуми треба да биде исклучително внимателна и да функционира како вистинско регулаторно тело, а не да глуми духовно чедо на Владиката.

Лицето Петар Каревски, како што вели агеницијата, или Владиката Петар од април 1981 година е Владика на МПЦ-ОА. Во тоа своиство по црковните канони дава завет за сиромаштија, што значи не може да стекнува и да има свој личен имот. Добива плата за основно функционирање и не може да има средства за инвестиции од ваков калибар. Ако инвестирал, должен е да приложи потекло на средствата. Ако нема средства, тогаш логиката вели дека има сокриен инвеститор, а Законот не дозволува тајни содружници… Кој е тогаш инвеститорот? Телевизијата е прилично скапа играчка и за нејзе требат пари.

Чудно е и како ЗНМ, СЕЕМ, Синдикатот, немаат став за улогата на владиката Петар во медиумскиот бизнис, освен ако веќе не му поделиле члнески книшки како колега да користи и новинарски бенефиции. Можеби ќе се кандидира и за претседател на некое од здруженијата… Зошто да не?

КАРИЕРА ПОСВЕТЕНА НА ПОДЕЛБИ И КАВГИ

Но, тоа едниот аспект од приказната. Оној, другиот аспект што е исклучително вежен, се неговите поседователни медиумски настапи со кои е решен да се пресметува со МПЦ-ОА.

И да бидам искрен, овој текст можеби немаше да биде таков, ако Владиката Петар не се обиде во својата безобразна пресметка да го злупотреби името на Светиот Гаврил Светогорец, за кого веројатно нема ниту грам грижа на совест. Но, некои работи едноставно не можат да остануваат вечно под килимот на правта што во МПЦ-ОА се чува како средство за покривање на срамовите низ историјата.

Кога веќе газда Петар се дрзнува да зборува за Гаврил Светогорец, логично е да биде прашал дали ќе собере ли храборст да каже кога, како и зошто Светиот Гаврил Светогорец е „избран“ за епископ на МПЦ-ОА? Кој е потписник на синодската одлука, ако ја има? На колку синодски седници учествувал? Кој го хиротонисува за епископ? Зошто Архиепископот не е присутен на таа хиротонија? Ја знае ли јавноста вистинската приказна за судбината на Светителот на новото време? Зошто во Житието на Светиот Гаврил Светогорец е запишано: „На денот на самата Хиротонија, по Литургијата додека другите се подготвувале да го овековечат овој свет настан со заедничка фотографија, отец Гаврил се задржал во храмот и половина час неможел да ги собере солзите. На малкумината што останале со него, им рекол “Вие ми дојдовте на погребение”. По што тие го укориле да не зборува така и дека денес е радосен ден за сите. “Не, не , вие денес ми дојдовте на погребение”, биле зборовите на о.Гаврил.“?

Гаврил Светогорец е хиротонисан на 28 август 1989 година, (без присуство на Архиепископот и мнозинството владици во Синодот), а почина на 12 јануари 1990 година, нецели пет месеци подоцна. Не присуствувал на ниту една синодска седница. Случајно, или не, ова е периодот кога Владиката Петар се премсетуваше, на ист начин како што сега се пресметува, ама тогаш со сега покојните Митрополити Кирил Полошко- Кумановски, Михаил Поардарски и Архиепископот Гаврил и му требаше мнозинство, кое во Синодот го немаше. (Ова го пишувам најодговорно и го охрабрувам Владиката да поднесе тужба за клевета за да на Суд го подигнеме прашливиот килим од МПЦ-ОА и да видиме што од под него ќе излезе)

Се ова што денеска го слушаме потсетува на истиот гнасен филм од осумдесеттите години кога исто така се обидуваше да ја руши Македонската црква. Во годините помеѓу, речиси и да нема владика со кој не влегол на еден, или на друг начин во конфликт.

Заборавила ли јавноста на Австралија, заборавила ли јавноста на изборот на актуелниот Архиепископ, кога правеше драми и скандали на денот на изборот, иако тој отпадна уште во првиот круг на избор во Синодот? Ја има ли потпишано Владиката Петар  одлуката за избор на Архиепископот? Знае ли јавноста кој ги хранеше медиумите во деведеситет за наводни скандали и киднапирања по манастирите во времето кога Наум го возобновуваше монаштвото? Пак ли истиот филм ќе го гледаме. Зошто молчат синодалците кои сега седат во тој кабинет, а се мнозинство кои произлегуваат токму од тие манастири? И тие ли преку киднапирања еве дошле до владици? Беше Кирил, денеска е Партениј, утре ќе сте Вие, затоа што тоа не е само хир, тоа е веќе психологија. Од што се плашите, од популистичко-патриотистичкиот наратив составен од пет реченици на Петар?

МОНАШТВОТО Е СМИСЛЕН ТАРГЕТ

Ако, некој успел да забележи ќе види дека Владиката Петар во неговите јавни настапи на таргет го зема монаштвото, а поединците од масатирите му се само параван. Тој сега зборува за некакви упади во неговата епархија од монаси, монахињи, кои му ги одземале верниците, небаре верниците се стока, па доаѓаш ги товараш во автобус и ги носиш. За да спречи наводна таква состојба, Петар неодамна (на оној Синодски состав од трјца владици), предложил и тие усвоиле да нема веќе венчавки и крштевки по манастири. Внимавајте, не Вие кај ќе сакате да ги направите Вашите најважни моменти од животот, ами Петар да ви каже каде… Во што побогу се претвора МПЦ-ОА? Во господар на слободата? Во инквизиција на личноста? Каков е бре овој „Казамат на умот“? Во кој век Вие живеете? До парите ли е проблем? Па овие верници ако треба два пати ќе платат венчавка и крштевка и ќе се венчаат и крштеваат каде сакаат, а не каде Петар ќе им каже.

Ударот врз монаштвото е најголемиот удар врз темелот на МПЦ-ОА, бидејќи во тие 55 години од црковната изолација МПЦ-ОА ја извлекоа монасите, монахињите, манастирите кои ги направија живи. Тој е највозвишениот период на црковната зрелост на МПЦ-ОА и ние сега по паметот на Петар треба да ги претвориме во ќелии на утки, за да може јавноста да продолжи да плете контроверзии за нив. На верниците да им ги затвориме портите од тие манастири, да им забраниме на монасите да комуницираат, да ги учат и просветлуваат луѓето, за да младите генерации утре се плашат да влезат во манстирска црква, да не знаат што таму има. Да мислат дека таму живаат будали, кои немало што да прват во животот, па отишле да се сокријат од светот? Тоа ли мисијата на современиот манастирски живот?

Оние кои барем малку се упатени во црковните работи совршено јасно знаат дека не постои никаков конфликт меѓу монашкото братство и сестринство на Бигорски со Владиката Петар. Приказните за упади по епархии, за некакви заговори, се лук и вода. Напротив постои тешка неподносливост и завист кај владиката Петар и таа не е манифестирана само кон живите манастири на Бигорски, таа се поотворено се манифестира и кон свештеници во неговата епархија. Знае ли јавноста за црни, бели, сиви листи на кои се редат имиња на свештеници само затоа што некој така му кажал на владиката, или за тоа што на нивните литургии има повеќе верници од литургиите каде владиката служи. Јас рабирам дека и на Владиката Петар незгодно му паѓа кога на службите има повеќе клирици од верници, но тоа е негов проблем и тој сам мора да се избори со него, а не виновник во друг да пронаоѓа. Еве за почеток нека погледне околу кој е опкружен, кој е околу него, каков профил на луѓе се тоа…

Во она последното интервју, во неговиот занес да блује отвров против Бигорски, Газда Петар дрско ќе обзнани дека таму се собирале и доаѓале наркомани, (ејјј.. кој збор користи владика), мислејќи дека така ќе го омаловажи и понижи Партениј. Личи ли на духовник, во чија основна функција е да му нуди закрила и да му вдахнува надеж на човекот, да плете вакви гнасни конструкции. Во кој век мисли Газда Петар дека ние живееме, во оној во кој зборот на селскиот поп бил поважен од зборот на едуцираниот теолог? Колкумина од оние кои западнале во безизлезот во општеството, во кое патем, Петар постојано му проповеда популистички патриотизам, побарале и нашле утеха кај него? Еден од 100 да го вратил на вистинскиот пат, ќе може да каже дека направил добро дело.

Ние сите знаеме дека Бигорски со години е надеж за нов живот на десетици и десетици луѓе кои од пеколот се вратиле како личности со нов животен предизвик.  Секако прво нивната желба да излезат од тој пат, а потоа поодршката и љубовта дарувана од тамошната заедница. И затоа ли треба со камање да фрламе по Партениј? Да го кудиме затоа што тие луѓе, кои денеска живеат нов живот, имаат семејства, придонесуваат во општеството, во Партениј гледаат жив светител? Кога би можел владиката Петар тоа да го разбере, не би се глупирал по телевизии, туку би се засрамил од своите недела во својата 42 годинишна архиерејска кариера, која баш наликува на кариера во она смисла во која тој сака да му ја препише на Партениј.

ЖРТВА САМИОТ НА СЕБЕ

Во обид да се претстави како некаква жртва на системот, поради нели неговите „патриотски“ позиции без срам констатира дека бил два пати апсен, овде и во Австралија и тоа по налог на Бигорски. Пријатељу, де прашај по Австралија да не те привеле околу оние долгови/трошоци за децениските судски процеси што ги водеше со цел да им го одземеш имотот на луѓето што го граделе со свои пари? Колку милиони долари завршија во бунар, колку имот изгубија Македонците таму за тие хирови?

Има една чудна состојба во која опстојува МПЦ-ОА. Многумина ќе ви речат дека Петар со години користи една иста тактика, кога ќе се најде загорзен се заканува со раскол во МПЦ-ОА. Но, во суштина како тоа изгледа најдобар пример е Јован, кого до последен ден го храбреше, а ноќта го предаде…

Од денешна дистанца Јован покажа многу поголема храброст да опстои на своите ставови, за разлика од Петар кој тешко би се откажал од комодитетот што го ужива во МПЦ-ОА. Така што приказните за некакви расколи што би ги повел Петре се бостанско плашило за чавки.

Јован во неговите записи на пример детално го опишува монентот како Петар го храбрел во 2002 година и наеднаш го оставил сам.

(“Најголема пречка за единството ( Нишкиот договор) е Митрополитот полошко-кумановски г. Кирил. Затоа Митрополитот Петар му ги даде сите документи на Митрополитот Јован кои тој ги собирал против Митрополитот Кирил, а кои некои од нив веќе ги беше објавил во книгата „Глас на вистината” уште во 1990г., кога имаше големи проблеми со Кирила. Тој беше голема пречка за Црквата, но досега никој немаше храброст да го помести бидејќи поставен од Власта, постојано беше поддржуван од Власта. Петар се обиде во 1990г., но ја загуби битката. Ветувајќи му поддршка во праведната борба против Кирила, Митрополитите Петар го испрати Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот велески и повардарски г. Јован, да оди кај Патријархот, г-дин Павле…и да му објасни дека Патријаршијата треба да помогне да се расчини Кирил, зашто без тоа не ќе е можно никакво единство… Од Синодот на Српската Православна Црква да се побара да упати повик до архиерејите, клирот и народот во Република Македонија за воспоставуање литургијско и канонско единство со Српската Православна Црква, без да се разговара за статусот и името на Црквата на одредено време…. Уште наредниот ден повикот од Патријархот беше упатен до сите Митрополии во Македонија, но кога Митрополитот Јован им соопшти на вечерата во неговата резиденција во Велес на која ги повика… вознемирени започнаа да бараат изговор како да не пристапат во подготвуваното единство. Митрополитот Петар се изговараше дека е време пред избори, па некои тоа ќе го злоупотребат да нè окарактеризираат како предавници… Митрополитот Јован беше одлучен дека ако никој друг не пристапува, тогаш тој со својот клир од кого претходно доби согласност и народот Божји на неговата Митрополија ќе пристапат во единство со Српската Православна Црква…“ ) *Јован 17.06.2002 година.

Значи, од денешна дистанца, ако сите состојби се поредат на една табла, ако се изанализираат, многу лесно можат да се заклучат две работи, кои сите и така ги знаат во МПЦ-ОА. Поделбите во МПЦ-ОА извираат од едно место. Решението е просто…

Манастир во Мариово…

М.Н.

Коментар(5)

  1. Prirodno e vladika da bide svetitelj, ali novinar i sopstvenik na televizija nikako, toa e isto kako Kraljević Marko, ne da go gledam kako go java svojot Šarec, tuku da vozi Kavasaki so kalašnjkov na ramo. Edno e samo jasno deka negovite godini možat od nego da stvorat samo stare, a nikako mudrec, a kamoli novinar ili reporter. Toj većem nee ni za kadilnica da grži v raka, za što učel, a kamo li mikrofon ili kamera. Toj ne e nitu novinar, nitu politikolog, pa čak ni teolog, tuku običen crkveni spletkaroš. Budi Bog s nama, što bi rekle Srbite, da se krsti čovek i so leva i so desna, iskljuvala čavka pamet. Od nego može da bide novinar kako što od magare može da bide trkački konj..

Напиши одговор на православието е љубов Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *