Почетна Коментар Фатени од гревот
Фатени од гревот

Фатени од гревот

597
3

Верата или верувањето многу зависи и се разликува од тоа на кој степен од духовниот развој се наоѓа човек. Она во што уште верува и кон што се стреми оној што се наоѓа на степенот на чистење на срцето од страстите (на пример: умно-срдечната молитва), веќе е знаење и опит за оној кој е просветлен, а не прашање на вера. Она во што уште верува и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на просветлување на умот (на пример: гледањето на несоздадената светлина на богопознанието), веќе е знаење и опит за оној кој е обожен, а не прашање на вера.

Но, за да премине верата во знаење и опит, потребни се голем подвиг на благодарност и смирение. Таков голем подвиг на благодарност и смирение гледаме и во напорот, пред сè, на фатениот да дојде до Богочовекот.

Напорот да се дојде до Христос со надеж за исцеление, а наместо тоа јавно да ја слушне само причината за својата болест – гревот, и без помисла и негодување да се прифати сето тоа, зарем ова не покажува смирение и благодарност? Да, однесувањето на фатениот покажува дека тој ја освестил причината за својата болест, а тоа е гревот – како што потврди и Христос, и со смирение и благодарност ја прифаќа Господовата одлука, сметајќи се себеси недостоен и за „толку“ – да му се простат гревовите.

Прифаќањето на Божјото слово за нас, прифаќањето на Божјата волја за нас, како и прифаќањето на Божјата промисла за нас, со смирение и благодарност, истовремено значи и наше отворање и наше прифаќање на несоздадената Божја благодат. А, конкретно ги прифаќаме преку послушанието кон духовниот отец. И следствено, тоа значи и наше исцеление; пред сѐ, душевно, а ако е за спасение – и телесно. Ако е за спасение…

Друго нешто што истакнува денешното евангелско четиво е и гревот, и отпаѓањето од Бог како причина за нашите болести, и душевни и телесни. Суштината на гревот е несмиреноста, а конкретно се пројавува како непослушание.

И последно нешто што е истакнато во денешното евангелско четиво е и вистината дека Господ Исус Христос е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите. Со секој наш грев првенствено и суштински го нарушуваме личниот однос со Него и единствено Он може вистински да прости, т.е. да го возобнови овој однос со својата несоздадена енергија (благодат).

Неповторување на гревот значи вистинското покајание. Дека гревот вистински е простен, исто така, се препознава од неповторувањето на гревот. Оној што има вистинско покајание може да добие и исцелување од последиците на гревот.

Токму овој момент, простувањето на гревот, е причина за помислите на книжниците. Тие знаат од Книгите на Законот дека единствено Бог има власт и сила да простува гревови. Затоа, немаше можеби и ништо да помислат ако Христос само го исцелеше фатениот, зашто тоа ќе беше само уште едно исцеление од многуте кои Он ги правеше; но, објавата на простувањето ги соблазнува. Но, за да се уверат и во власта на простувањето, Христос го исцелува фатениот.

Заради нивно обраќање и спасение, Богочовекот Христос постапува по редот по кој следуваат настаните: ем љубовно – без да ги кара, како што Он знае кога ќе види непокајание – им ги открива помислите на нивните срца, ем им ја пројавува Божјата сила и власт од Себе со исцеление на фатениот. Ова го потврдува и самото Евангелие: „така што сите [без исклучок] се дивеа и Го славеа Бог, велејќи: ’Никогаш вакво чудо не сме виделе!‘“

Но, внимавајте, чудото е за тие што од страна гледаат, од болниот се бара смирение на дело и благодарност. Од тие што гледаат и слушаат се бара вера.

Исцелувајќи ја видливата телесна болест на фатениот, Христос ја исцели и невидливата душевна болест на присутните – многу пострашна од телесната. Едно е да си само телесно болен, а друго е хула на Светиот Дух, односно неверувањето во Богочовекот Христос и непослушност.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(3)

  1. Abe ne e grkoman, tuku bugarofil, a na krajot ispadja deka I samiot ne znae sto e i koj, tuku samo ima zelba nesto da kaze, onaka, da bi samo kazal,

  2. Обожението за кое зборува Наум се однесува на Соборноста на се во Христа инаку која е поентата од тоа што некој гледал некава светлина па макар тоа била и Божјата?! Зашто целото спасоносно учење на Црквата овој човек го сведува на сувопарна, наводно православна филозофија?

Напиши одговор на Oliver Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *