Почетна Анализа Чудata на Пресвета Богорoдица во Македонија
Чудata на Пресвета Богорoдица во Македонија

Чудata на Пресвета Богорoдица во Македонија

1.26K
6

Денеска, навршуваат речиси две илјади години од смртта на најблагородниот лик на планетата земј и нејзиното небесно воскресение-Успение на Пресвета Богородица. Големиот култ на светителката одамна е присутен кај нашиот народ, кај кого е позната како негова вечна заштитничка и покровителка. Нејзиниот светол лик отсекогаш бил верен сопатник во неговите вековни борби за слобода, за одбрана на верата и Татковината. Денеска, овој народен лик блеска на фреските во нашите преубави храмови, а нејзиното име во молитвите милозвучно ги гали срцата на сите верници.

Празникот на смртта на Пресвета Богородица и нејзиното Успение на небото е еден од најрадосните празници на нашата Црква. Тој е победа на животот над смртта, на радоста над тагата, победа над вечните божји вредности: грижата, довербата, сплотеноста и убавината. Со нејзината чудесна помош и поткрепа, македонскиот народ успевал и се уште успева да ги преброди најголемите историски и животни предизвици, давајќи му нов дух и сила да истрае во верата и љубовта во Бога.

Неверојатни, но вистинити случки се случувале директно поврзани со активноста и натприродната сила која ја применила Пресвета Мајка Богородица. Имено, кај народот е распространето верувањето дека веднаш по спалувањето на храмот „Пресвета Богородица“ во Скопје, бугарскиот цар Борис бил отруен од страна на германскиот фирер Адолф Хитлер. Тогаш, бугарските окупатори во паника ја напуштиле Македонија, при што загинале голем број фашистички војници, полицајци, политичари и други од разни конфесии како и нивните блиски соработници. Исто така, се верува дека таа го заштити претседателот на Република Македонија од атентатот направен врз него на 3 октомври 1995 година кој се случи токму за време на празникот Покров на Пресвета Богородица со чија помош и молитви успеа да заздрави за да ја извршува својата изворна функција. При поплавата на Скопје во 1962 година, Пресвета Богородица не дозволила да гинат граѓаните на Скопје, а штетата што настанала потоа била минимална, бидејќи тогаш бил големиот празник Богородица Пречиста. Со чудото на Мајката Божја е поврзан и катастрофалниот земјотрес кој скопјани ги затекна на 26 јули 1963 година, и разурнатиот град кој со нејзина поткрепа брзо се санирал. Веќе следниот месец, точно на денешниот празник-Успение на Пресвета Богородица, Скопје станал град на меѓународна солидарност кога од целиот свет во Македонија пристигнала помош за обнова на градот кој подоцна ќе стане метропола.

Мошне интересно е преданието дека во годините од 1948-1952 година Мајката Богородица се јавувала на прозорците во Скопје, им оставала аманет на жителите да го обноват разуранатиот храм во нејзина чест (сега обновениот храм „Пресвета Богородица“ кој се наоѓа во центарот на Скопје). Откако бил изграден во далечната 1835 година тој бил Соборен храм речиси цели 109 години по што бил запален од бугарските окупатори. Земјиштето на која била изградена црквата била вакувско свето место, па ако на тоа место се изградило друга зграда се заканувало дека ќе ги снајде проклетството и гневот на Пресвета Богородица. Според исказите на тамошните жители, цивилната власт во Скопје, во 1961 година отпочнала да гради младински дом спремајќи се да ги рушат црковните ѕидови. Но се случило, шефот да не може да го запали булдожерот за рушење, по што сите од претпријатието биле многу загрижени. Работниците се исплашиле дека гневот на Богородица ќе ги затекне и нивните семејства. Затоа се помолиле на Пресвета Богородица да им ги опрости гревовите, зошто требало да работат за да ги издржуваат своите семејства. Веднаш по молитвата се случило чудо, булдожерот проработел и темелите на храмот биле урнати. Откако ги поставиле столбовите и бетонската плоча на младинскиот дом, секој втор столб се спуштил за 30цм надолу и градбата наликувала како свиткана змија. Тогаш властите принудно ја напуштиле отпочната градба и младинскиот дом се изгради на друг плац. Дали било проклетство или знак да се чува тоа свето место?

Но, чудата на Пресвета Богородица не застануваат тука. Според познатите археолози и историчари на културата, на местото на денешната црква на Пресвета Богородица, некогаш се наоѓал еден од најпрочуените и најубавите христијански храмови на Балканот, катедралната црква „Св. Богородица Троерачица“, кој датирал од 11-тиот век, а во него чудотворната икона со истото име. За нејзината чудотворност е врзано следното предание: еден скопски златар при работа ја згубил дланката од едната рака. И се помолил на Богородица, и таа му ја вратила дланката. Во знак на благодарност, златарот излеал златна дланка која ја додал на иконата на Богородица. Така, со придодадената дланка таа наликувала дека има три раце. Други извори велат дека таква икона во средниот век била донесена од Блискиот Исток, а потоа, од оваа катедрална црква пренесена во Хиландар, каде се наоѓа до ден денес. Ваква чудотворна икона има и во црквата „Света Петка“ во скопската населба Црниче, која се чува во олтарот на храмот. Приказната како чудотворната икона со исцелителна моќ се нашла во црквата е многу интересна. Според постојните записи во црковните гласила, приказната е поврзана со скопјанката Фаница Нанчева, родена 1915 година. Во 1941 год. таа се вселила во станот на еден свештеник кој заминал за Србија. При разгледувањето на подрумот на станот, откриле необична икона за која никој не знаел дека постои, а била оставена од свештеникот. Иконата која ја претставувала Пресвета Богородица, била насликана во дрво и завиткана во епитрахил. Новата сопственичка, ја ставила иконата заедно со двете други, во еден агол од својата соба. Покрај нив постојано горело кандило. И тогаш, започнале да се случуваат чудни нешта. Ноќе, необичен звук и тропање се слушало од местото каде што се наоѓала иконата на Св. Богородица. Една ноќ, сопственичката забележила како сребрена монета паѓа од иконата. Тоа бил чуден звук на паричка од нематеријална природа. Едно утро, кога се разболела, од очите на иконата потекле солзи. Таа не можела да поверува во глетката, се додека солзите не ги собрала во еден сад. Подоцна, иконата многу пати ја покажала својата чудотворност. За заздравување на болните деца или за добивање пород на бездетните брачни двојки, откако ќе се помолеле пред неа. Сопственичката го послушала советот на тогашниот старешина на црквата „Св. Петка“ Ацо Стојковски, и иконата ја предала во Божјиот храм. Иконата и денес таму се наоѓа.

Како симбол на раѓањето и обновата, празникот Успение на Пресвета Богородица е особено поврзан со водите како извор на животот. Постои верување дека за време на постите за Голема Богородица секнуваат изворите низ цела Македонија, односно се намалува нивото на водите, за да на самиот празник тие да добијат чудотворна моќ. Тоа се водите во многу манастири низ Македонија посветени на Богородица во кои има извори-бунари. Тука спаѓаат и оние извори потајници, кои повремено капат и прекапуваат, потоа изворите што не го намалуваат ниту зголемуваат нивото на водата, изворите од темните пештерски карпи, како и водите кои истекуваат спрема исток. Сите овие води стануваат животворни за време на овој празник и помагаат за залечување на рани, подобрување на видот и имаат прочистително дејство за душата и телото. За овие води на денешниот празник не се обрнува многу внимание, од причина што луѓето кои доаѓаат таму сметаат дека се тоа најобични работи. Но, се слуша дека водите како во Пречиста Кичевска, култните извори во село Долно Водно кои се нарекуваат Капиштец, како и многу други се навистина лековити.

Успението на Пресвета Богородица е сведоштво дека таа е жива и меѓу нас, а нејзините чуда се доказ за тоа. Само треба да ги отвориме нашите срца и души за да ги примиме нејзините небески зраци. Како вистинска мајка-бдеец над секое нејзино македонско чедо, без разлика дали се наоѓа во Републиката или надвор од неа, таа и денес влева надеж да продолжиме понатаму, и покрај сите препреки, со голема вера и ентузијазам да чекориме гордо и достоинствено на нашиот македонски пат.

Нека е вечен и благословен празникот Успение на Пресвета Богородица! Да истраеме и да надминеме сè со помош на силата на нејзината пресвета љубов.

Пишува: Огнен Коцевски

Коментар(6)

  1. Не приписвайте на Пресветата вашите глупости и умствено болно понятие за минало. Психопати.

  2. Кратка справка – цар Борис умира 1943г. Скопската Св.Богородица е опожарена 1944 от англо – американски бомби. Българите се изтеглят от Македония няколко месеца по-късно в пълен боен ред и почти без жертви. Причино-следствената връзка която авторът безумно внушава е злонамерена или глупава или двете. Като самия автор. Света Богородица да прощава това хулно безумие.

  3. @Фил, навистина зошто има потреба да употребуваш толкав вулгаризам,никој не го осудува бугарскиот народ туку напротив.
    Фактите овде во Скопје кажуваат нешто друго, сеуште постојат очевидци кој сведочат како булгарските окупатори го крадат златото од тогашната црква(која го имало во изобилие) и ја спалуваат до темел,Факт е: и дека окупаторите булгари си ја направиле соборна црква која потоа морале да ја напуштат на србите па ја запалиле!

    За иконата во Св Петка е чудотворна која мироточи и благоуха,дојдете и видете сами.и Скопјани секогаш треба да ја повикуваат на помош бидејки е заштитничка на Градот.
    Исто така новиот канонизиран светитте СВ ГАВРИЛ ВЕЛИЧКИ додека одел по кејот на Вардар ги гледал разрушените зидини на старата црква и многу солзи леел и се молел за Скопјани и прозорливо претскажувал Нема град во кој нема храм на Пресвета Богородица ако не се изгради храмот многу несреќи ќе го снајдат градот.Денес Црквата е голема радост и убавина за многу скопјани кој си ја сакаат и ја посетуваат во афтокефална црква со богослужби на својот мајчин јазик.

  4. Дали съм използвал вулгаризъм е въпрос на вкус. Освен това посочих и факти. За моя вкус вулгаризъм е написаното от автора. Иначе харесвам вашия сайт и почитам вашата църква. Поздрав

  5. Да бидеме реални, текстов авторот го напишал колку да напише нешто.

  6. СЛОВЕНСКАTА МОЛИТВА НА БОГОРОДИЧНОТО ПРАВИЛО – БРОЈАНИЦА/РОЗАРИЈ
    Православните и католичките Христијани – “Она што Христос го соединил, ние не треба да го раздвојуваме”
    Спомен куќа на Мајка Тереза, ул. Македонија б.б., Скопје, 9.10.2011
    “За благосостојба на Македонските цркви и државата”

    ВОВЕД
    По преданието на руските монаси, Богородичното правило е правило кое самата Мајка Божја го открила во 8. век и истото некогаш го исполнувале сите Христијани. Кај Православните ова денес како да е заборавено, но кај Католиците, особено од 13. век па наваму, многу е распространето и е познато како “rosarium” (латински), “krunica” (хрватски), “różaniec” (полски), “розариј” (руски), и друго. Во ќелијата на свети Серафим Саровски (1759–1833) е пронајдена тетратка во која се опишани чудата кои им се случувале на оние кои секојдевно го исполнувале Богородичното правило. Многу од монасите и јереите кои биле блиски со св. Серафим Саровски, исто како и од неговите духовни чеда секојдневно го исполнувале ова правило. Еден од нив е схимонахот старец Захарија (1850–1936). Тој говорел: “Без благословот на Царицата Небесна, деца мои, ништо не правете. Кога ќе завршите некоја работа, заблагодарете и нејзе, Брзопомошницата во се богоугодно.” Старецот многу се радувал кога некој од неговите духовни чеда го исполнувал Правилото. Друг старец, отец Данило Гумановски, кроток и тивок молитвеник, целиот свој живот го исполнувал Богородично правило. Поради љубовта кон Небесната Царица, за време на животот бил наречен Богородичен старец. Во едно зачувано писмо кон едно свое духовно чедо напишал: “Ќе ви дадам еден вистински спасоносен совет – читајте ја секојдневно по 150 пати (како што има 150 Псалми) Богородице Дево, и таа молитва ќе ве спаси. Ако ви е тешко на почетокот 150 пати дневно да ја кажувате оваа молитва, читајте ја по 50 пати на ден. По секоја десетка читајте по еднаш Оче наш и по еднаш Отвори ни ги дверите на милосрдието…”. Старецот Захарија многу го ценел епископот Серафим Звездински, кој секојдневно го исполнувал Богородичното правило, при што се молел за спасение на целиот свет. Богородичното правило, кое го содржи целокупниот живот на Пресветата Мајка Божја, е поделено на 15 дела (десетка) според најважните случки од нејзиниот живот. По откровение на самата Богородица исполнувањето на ова правило поважно е од Акатист, и оној кој што го исполнува ова правило се наоѓа под посебна заштита на Царицата Небесна. Читањето на молитвите може да се брои на бројаници или, пак, на прсти.
    КАКО ДА СЕ МОЛИ БОГОРОДИЧНОТО ПРАВИЛО – БРОЈАНИЦА/РОЗАРИЈ
    ● † “Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.”
    ● “Верувам во Единиот Бог Отец, Седржител, Творец на небото и на земјата, и на се видливо и невидливо; И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови; Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, нестворен, единосуштен на Отецот, преку Кого се станало; Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек; И Кој беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат, и страдаше и беше погребeн; И Кој воскресна во третиот ден, според Писмото; И Кој се вознесе на небесата, и седи оддесно на Отецот; И Кој пак ќе дојде со слава, за да им суди на живите и на мртвите, и Неговото царство не ќе има крај; И во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој исходи од Отецот, Kому Му се поклонуваме и Го славиме заедно со Отецот и Синот, и Кој говорел преку пророците; Во една, света, соборна, и апостолска Црква; Исповедам едно крштение, за простување на гревовите; Го чекам воскресението на мртвите; И животот во идниот век. Амин.” (Старословенски).
    1. десетка – Спомнувајќи го раѓањето на Пресвета Богородица, се молиме за мајките, татковците и децата.
    ● “Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата, лебот наш насушен дај ни го денес, и прости ни ги долговите наши како што им ги проштаваме и ние на нашите должници и не воведувај нè во искушение, туку избави нè од лукавиот. – Зашто Твое е царството и силата и славата, на Отецот и Синот и Светиот Дух; сега, и секогаш и во сите векови. Амин.” (1x).
    ● “Богородице Дево, радувај се благодатна Марие, Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените и благословен е плодот на твојата утроба, зашто си го родила Спасителот на нашите души.” – “Пресвета Богородице моли за нас.” (10x).
    2. десетка – Спомнувајќи го Воведението во храм на Пресвета Богородица, се молиме за заблудените и отпадниците од верата. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    3. десетка – Спомнувајќи го Благовештението, се молиме за утешение на оние кои тагуваат. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    4. десетка – Спомнувајќи ја средбата на Пресвета Богородица со Елисавета, се молиме за средба на раздвоените, деца и ближни кои исчезнале без вести. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    5. десетка – Спомнувајќи го Раѓањето Христово, се молиме за препород на душите и раѓање на нов живот во Христа. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    6. десетка – Спомнувајќи го Сретението Господово и се молиме на Мајката Божја да не удостои да се причестиме со Пресветите Тајни Христови пред нашиот крај. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    7. десетка – Спомнувајќи го бегството во Египет на Мајката Божја со Богомладенецот, се молиме да ни помогне Небесната Царица да ги избегнеме искушенијата и да се избавиме од животните напасти. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    8. десетка – Спомнувајќи го исчезнувањето на дванаесетодишниот Исус Христос во Ерусалим и грижите на Мајката Божја за тоа време, и се молиме на Мајката Божја за постојана Исусова молитва. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    9. десетка – Спомнувајќи го чудото во Кана Галилејска, кога Господ ја претворил водата во вино по молбата на Мајката Божја, “немаат повеќе вино”, ја молиме Мајката Божја да ни помогне во работата и да не избави од секаква опасност. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    10. десетка – Спомнувајќи ја Мајката Божја под Крстот Господов кога тагата како меч и поминала низ нејзината душа, и се молиме на Мајката Божја да ни ги укрепи душевните сили и да го изгони унинието од нашите души. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    11. десетка – Спомнувајќи го Воскресението Христово, ја молиме Мајката Божја да ги воскресне нашите сили и да ја бодри нашата душа за подвиг – мудрост, љубов и правда. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    12. десетка – Спомнувајќи го Вознесението Христово на кое присуствувла и Мајката Божја, и се молиме на Небесната Царица да ја издигне нашата душа од земните суетни забави и непрестано да не упатува кон спасение. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    13. десетка – Спомнувајќи ја Сионската горница и Слегувањето на Светиот Дух на Апостолите и на Мајката Божја, се молиме: “Срце чисто соѕидај во мене и дух прав обнови во мене. Не отфрлај ме од лицето Твое и Духот Твој Свет не го одземај од мене”. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    14. десетка – Спомнувајќи го Успението на Пресвета Богородица, се молиме за својето покајание, мирен, бессрамен и безметежен наш крај. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    15. десетка – Спомнувајќи ја славата на Мајката Божја со која таа се венчала на небото по нејзиното Успение, се молиме на Царицата Небесна да не остави верни нас кои живееме на земјата (и Македонија), и да не заштити од секое зло со својот покров. “Оче наш…” (1x), “Богородице Дево…” (10x).
    ● “Дверите на милосрдието отвори ни ги, благословена Богородице, да не загинеме ние што се надеваме на тебе, но да се избавиме преку тебе од неволи, зашто ти си спасение на родот Христијански.”
    ● “Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот/грешната.”
    ● “Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух; сега, и секогаш и во вечни векови. Амин.” †
    ИЗВОРИ
    http://orthodoxwiki.org/Rosary
    http://megica.wordpress.com/2008/12/06/
    http://preminportal.com.mk/content/view/4619/54/
    Составил/издавач: Slavic Christian Society / Société Chrétienne Slave / Slăviansko Xristianskoe Sŏbranie, Mississauga http://slavxrist.org; редакција/коректура: Соборен храм “Свети Климент Охридски”, Партизанска 12, Скопје http://mpc.org.mk/mpc/ske.asp; Мисионерки на Љубовта (Мајка Тереза), Георги Димитров 38, Скопје, 9.10.2011.

Напиши одговор на Фил Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *