Коментар

Ангелот на Црквата во Москва… падна

By Уредник

March 11, 2022

Во петок попладне Патријархот на Москва ќе застане пред иконата на Богородица, за да ѝ ја испее првата статија од Акатистот. Во часот кога во целиот свет ќе се слушаат врисоците на жртвите од ѕверството што се извршува во Украина со негов благослов, а тој, носејќи ги своите сјајни одежди, ќе се преправа како верен православен христијанин, поточно како застапник за верата. Ќе рецитира убави стихови како што се: „Радувај се, скало небесна, по која Бог слезе“; додека неколку стотици километри од него, во Украина, мајки ги оплакуваат своите деца, мајки ги закопуваат своите ќерки, новородените или неродените внуци, мајки на кои им тече крв наместо солзи од очите.

Сето тоа, затоа што спротивно на Богородица, самиот ја има благословено „скалата“ по која „слегува“ уништувањето и смртта, апсолутниот црн мрак, темнината.

Прашањето е едноставно. Со која смелост тој човек ќе застане пред иконата на Богородица, за да ги испее тие зборови, кога самиот го има благословено тоа крвопролевање?

Како ќе ѝ го испее на Богородица: „Радувај се, преку тебе се отвори Рајот“, кога преку него и со неговиот благослов се отвори пеколот? Бомбите и ракетите што ја срамнија болницата во Мариупол беа наквасени со водата од него осветена.

1.500 души загинаа денеска во Мариупол. Повеќето беа жени и деца. Кој беше нивниот грев, најсвет Патријарху на Москва?

Гревот на Кирил и на неговите луѓе не е само тоа што не вели ништо против таа неправедна војна; не е само тоа дека наоѓа неверојатни обвинувања, за да ја оправда; најголемиот негов грев е тоа што сите овие години за конкретниот човек што ја управува неговата земја, иако го гледаше каде ја води и какви цели имаше, не само што не создаде неопходни духовни „анти-тела“ во неговото место, за ниеден водач да не може да започне едно такво крвопролевање, туку учествуваше активно во издигањето на тој изрод, на тоа чудовиште што денес ја растргнува Украина и го влече сиот свет во темнина.

Одбивам да генерализирам дека тоа е Русија, но сигурно она што го претставува Кирил не е Црква. Јас и Патријархот на Москва сигурно не веруваме во ист Бог. Може се крстиме на истиот начин, го кажуваме во храмовите истото „Верувам“, ги имаме истите Светители, но во моите очи (и ве молам, простете ми што зборувам во прво лице) единственото заедничко нешто што го има тој човек со мојата вера е пеколот. Зашто сè она што го застапува и сè она што го поддржува, во мојата Вера е опишано во пеколот.

Кирил и неговите луѓе одбраа пред некое време да го прекинат Општењето со Вселенската Патријаршија, со Црквата на Грција, со Патријаршијата на Александрија и со Црквата на Кипар. Тогаш сите или барем повеќето рековме дека треба да ги задржиме ниско гласовите, за да се најде начин да се вратат, оти не е добро Православието да се расцепи за едно административно прашање.

Но, веќе настаните нè одминаа. Кирил веќе го има прекинато не само ппштењето, туку и секоја врска со она што се нарекува источна Православна Црква. Дури и еден слеп би можел да види дека Ангелот на Москва има паднато… е отпаднат.

МОЖЕБИ Е МОМЕНТ ПРАВОСЛАВНАТА ЦРКВА, ВИСТИНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ДА ГИ ДОНЕСЕ СВОИТЕ ОДЛУКИ.

Фотографиите што следуваат се од страдањето на жените и децата во Мариупол денес. Сурови сцени, но некогаш треба да ја погледнеме вистината во очи и некогаш да се ослободиме. Ми ги прати еден украински свештеник, о. Сергиј Горбиг, кој во овој момент додека ви пишувам, тој е со војниците во Лвов.

Свои фотографи ми прати еден друг клирик од Мариупол… Мариупол… градот на Марија. На таа Марија на која бесрамно ќе ѝ упати „Радувај се“ паднатиот ангел на Москва.

/Пишува: Андреас Лударос

ИЗВОР