Почетна Коментар Зраците на слободата првпат засветлеа во 1943 година во Издеглавје
Зраците на слободата првпат засветлеа во 1943 година во Издеглавје

Зраците на слободата првпат засветлеа во 1943 година во Издеглавје

278
0

На денешниов ден во Издеглавје се одбележува еден голем историски настан. На 21 октомври 1943 година македонските народни свештеници: Вељо Манчевски, Кирил Стојановски, Антим Поповски, Матеја Поповски, Томе Поповски, Зафир Јовановски, Ристо Ристовски, Ристо Тасевски, Ламбе Поповски и Смиљан Ристовски го одржаа Првото свештеничко собрание во првата ослободена партизанска територија. Пред точно 75 години во куќата на Јонче Николовски во село Издеглавје-Дебарца, во виорот на војната за првпат засветеа зраците на духовната и црковна слобода.

Всушност, пред 75 години во Македонија се разгргори крвната жила на македонскиот духовен миокард. Срцето на Охридската Архиепископија кое пулсираше заедно со македонскиот народ од Свети Климента, преку Свети Наум, па се до последниот архиепископ Арсеније и укинувањето од 1767-ма година, започна одново да пулсира во крвта на оние на кои им беше неправедно одземена-Македонците.  Одбележувањето на овој јубилеј е достојно извршување на аманетот на нашите црковни великани кои заедно со народот се бореа за слобода и самостојност.  Бидејќи националната слобода е невозможна без онаа духовната: „Каде што е духот, тука е слободата“ рекол Спасителот Г. И. Христос.

На Првиот свештенички собир беа донесени мошне значајни одлуки. Свештениците и македонските христијани беа повикани да се вклучат во народноослободителното движење и со сите сили и средства да ја помагаат народната војска, а беше формирано и првото архиерејско намесништво на чело со прота-ставрофор Антим Поповски. Свештеничкиот собир во Издеглавје претставува континуитет на непрестаната врска на црквата и свештенството со својот народ и неговата борба за народна и црковна слобода.

Притоа, значајно е да се напомене дека иако во Библијата се опишани многу војни, во неа се прави разлика помеѓу освојувачки и ослободителни војни. Зборуваме денес за слобода на вероисповед, меѓутоа, за слобода од што и слобода за што? Свештеничкиот собир во Дебарца ги удри начелата на слободата, да се биде свој на своето. А тоа значи да се биде слободен внатре и слобода во односите меѓу луѓето. И само врз ваквите начела изградени односи на нашата света црква со своето народно свештенство можеа да резултираат во една ваков импозантен јубилеј на кој денес се сеќаваме со пиетет.

Да не се заборави, дека и последната панихида која се пее во некое црквиче, може да стане центар на вселената. Овде во Македонија-пред 7 децении еден мал народ се избори за својата слобода. Отворајќи ја својата духовна порта, во крв и мачеништво зашто веруваше дека тоа слепо вратниче може да го облагороди светот. Кога се појавила муграта на христијанството на плоштадот во Рим можело да се купи човек-роб за физичка работа, научник, филозоф, уметник и сл. Дури и самиот Платон еднаш бил продаден како роб. Кога христијанството прокламирало дека нема повеќе Евреин и Грк, дека сите луѓе се деца Божји, кога Христос воспоставил во робовите чувство на достоинство на човек и лична вредност, робовите сами почнале да пристапуваат кон Христа. Се разбира ропството не можеме никогаш да го уништиме, ниту духот Христов кај сите луѓе засекогаш да го заковаме. Но, угледот и достоинството на нашата црква можеме. Македонскиот народ и во најтешките времиња од својата историја бил со својата црква и создавал богата црковно-културна и народна традиција. Благодарение на сето тоа, на многубројните цркви и црковни споменици, на активниот црковен живот, на црковната утеха за подобра и посветла иднина, македонскиот народ не само што не згасна, туку се одржа.

Она што следеше по ослободувањето беше ренесанса на македонското национално самопотврдување и духовно обновување кое почна одново да пулсира со елан и духовност, преку Нивните блаженства: Доситеј, Ангелариј, Гаврил, Михаил, Стефан…Тие се вистински пример како се негуваат угледот, достоинството и интересите на црквата и на својот народ.

Затоа што Црквата само единствена, хармонизирана одвнатре, може авторитативно да настапи во дијалог со другата страна, да биде уважувана. А уважувана е кога ги славиме ваквите настани и народни јубилеи.

Благодарни сме на Бога што оваа година не удостои со денови на радост. Ова е година на јубилеи: 60 години од Вториот црковно-народен собор,  55 години од осветувањето на првата македонска црква „Св.Петар и Павле“ во Гери, Индијана, 40 години од осветувањето на храмот Свети Кирил и Методиј во Сиднеј, и од осветувањето на првиот македонски манастир надвор од татковината, во Мелбурн. Овие јубилеи би биле невозможни без светлите зраци кои светнаа во Издеглавје и без длабоката приврзаност на македонското свештенство кон народот, кон неговите идеали и стремежи. Посебно сме среќни што нашето православно свештенство со своите архиереи, во периодот по осамостојувањето па до денес, доследно и достојно ја извршуваше функцијата на евангелските начела надминувајќи ги вековните и современите негирања, преку мисијата на мирот и љубовта, слогата и слободата внатре во човекот и во односите меѓу луѓето.

Чувствуваме долг кон жртвите на нашето народно свештенство што ги поднесе не само во народноослободителната војна, туку и на олтарот на сите борби на македонскиот народ за ослободување, за остварување на неговите праведни црковни и длабоко евангелски определби.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *