Коментар

Зошто владиката Петар наместо в црква, заврши во полиција?

By Уредник

August 17, 2016

Зошто и како Владиката Петар се најде пред австралиските полициски служби на распит е прашањето на кое официјално се уште нема никаков одговор, а во принцип е исклучително важно.

Денот осамна со веста од Австралија дека Владиката во придружба на двајца детективи бил приведен до полициска станица, откако претходно тие го посетил во домот каде тој престојува во Мелбурн. Владиката Петар потоа со изјава демантираше дека станувало збор за приведување, туку дека бил повикан на распит во полиција за да даде исказ за некој случај кој наводно бил поврзан со игумените на МПЦ во Австралија, Гаврил и Никодим.

Обидот да се демантира дали станува збор за приведување или самоиницијативно одење во полиција, во моментов е најмалку важен. Многу поважно е што еден епископ на МПЦ во Австралија има работа со органите на прогонот. Наместо во црквите и манастирите, тој време поминува во полициска станица, а изминативе две децении и по судските палати.

Речиси неверојатно е и обвинувањето кое Владиката Петар денеска го упати на адреса на Митрополитот Наум, дека тој стоел зад овој случај, со оглед на тоа дека во Австралија не функционираат работите баш така како што функционираат на Балканот. Па приказната за наводни местенки од „моќниот Наум“ од овде во Австралија, ретко кој може да ги апсорбира за веродостојни. Многу поверодостојно е дека сепак нешто таму преку океанот е проблем и тоа веројатно од доменот на кршење на закони, штом австралиската полиција се вмешала.

Во недостаток на официјална потврда за што точно станува збор, во јавноста се вртат најмалку две приказни. Едната е блиска до тезите на Владиката Петар, дека станува збор за некаков спор меѓу двајцата игумени на МПЦ, а другата пак дека токму владиката Петар е во центарот на истрагата.

Она што засега со сигурност може да се потврди е дека во случајот се уште нема обвинение, туку процесот е во предистражна постапка, а во таква ситуација австралиските полициски служби не даваат официјални информации.

Кои се двете неофицијални и непотврдени можни сценарија?

Едното според кое Владиката Петар наводно е предмет на некаква предистражна постапка за административно-право функционирање во Австралија. Наводно се споменува некаков случај од доменот на финансиско работење на епархијата и обид да се избегне плаќање на судските трошоци од децениските спорови преку незаконско оттуѓување на црковен имот и функционирање на Владиката Петар под двоен идентитет во Австралија. Митрополитот Петар овие информации во целост ги демантира, а за воља на вистината барем досега нема никакви официјални документи кои би потврдиле дека тоа е причината зошто тој се најде во полициска станица.

Другото сценарио, кое според добро упатените, е многу поверојатно е дека станува збор за некаков случај меѓу Игумените Гаврил и Никодим. Такво нешто денеска тврдеше и самиот Митрополит Петар, посочувајќи „дека тие двајца се клеветеле, а полицијата барала од него да каже што знае“, на што Владиката пред полиција кажал дека ништо не знае.

Според информациите објавени во австралиските медиуми уште во февруари оваа година, Игуменот Никодим веќе подолго време бил предмет на истрага од австралиската полиција. Точно е дека случајот е поврзан со Игуменот Гаврил. Според некои наши информации станува збор за прекршување на закон во Австралија кој се однесува на злоупотреба и кражба на лична пошта и незаконско следење. Имено, тоа го правел Игуменот Никодим, а оштетен е Игуменот Гаврил. Но, зошто Владиката Петар би бил дел од овој случај? Наводно, Игуменот Никодим пред полиција дал исказ дека тоа го правел по налог и барање на Владиката Петар. Дали и колку тоа е вистина, засега нема официјално потврда од ничија страна.

Во приказната има и уште еден факт. Во февруари оваа година, Владиката Петар кога беше во посета на Австралија добил покана за распит во полиција. Но, тој не се појавил, а според Македонците во Австралија тој тајно ја напуштил Австралија и се вратил во Македонија. За таа вест тогаш пишуваа медиумите.

Добро упатените велат дека можеби токму неотповикувањето на првата покана и заминувањето од Австралија, го подгреало сомнежот кај австралиската полиција, која утрово испратила детективи да го посети Владиката откако претходно регистрирала негов влез во Австралија.

Пишува: Марјан Николовски