Почетна Коментар Зошто Светците на некои фрески немаат очи?
Зошто Светците на некои фрески немаат очи?

Зошто Светците на некои фрески немаат очи?

435
1

Светци со ископани очи или избелено лице може да се забележат во повеќе цркви во Македонија. Што стои позади ваквата необична појава? Зошто недостасуваат овие делови од светецот?

Во речиси сите градови во Македонија, посебно во помалите средини, речиси и да нема црква или манастир со фреска од светец кој нема очи. Најчесто луѓето барајќи спас од некоја болест или за да решат некој свој животен проблем посегаат по очите на светецот. Додека битката за живот ги прави немоќни барајќи секакви начини да излезат од безнадежната положба, сепак останува прашањето дали ваквата појава е сквернавење или чин со кој светецот вистински му помага на верникот.

Во источната православна традиција фреските не се само обични предмети, туку завземаат посебно место во божественото искуство. Јован Дамаскин рекол: „тие се книги за неписмените и молчаливи гласници на честа на светците; бесчујно учејќи ги оние кои слушаат, осветувајќи го видот на оние кои гледаат“. Очите на светците се копаат токму зашто постојат верувања дека така ќе му се врати видот на слепиот човек. Најчесто луѓето што преспиваат во некои храмови, барајќи спас од некоја болест или за решавање на некој свој животен проблем во текот на ноќта гребат делови од фреските на светците. Правот го солат на очите или го ставаат под перница верувајќи дека така ќе оздрават.

За некои празноверие, но за некои лек. Многу сведоштва има за лица кои навистина светецот им помогнал. Има сознанија дека крадците, кога сакаат да украдат нешто вредно, прво ги ваделе очите на светците за да не бидат видени и да се спасат од божјата казна. Постојат приказни за жени кои доаѓаат и тајно ги стругаат фреските. Правот го ставале во јадењето или го пиеле со надеж дека на тој начин ќе забременат. А имало и случаи кога правот го ставале на очите на мажот за да не може да види што прави неговата неверна жена, или за да го сокрие својот лик. Слично како што светците на ѕидовите се неми и мажот станувал „нем“.

Кај нас, најмногу вакви случаи на копање се утврдени од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, кога многу наши цркви и манастири биле напуштени. Иако ретко, вакви појави се сретнуваат и денес. Но, да се задржиме на вистинската причина од каде потекнува верувањето дека правот од очите на светецот може да лечи разни болести?

Постои едно старо предание за кое малкумина знаат, а е поврзано со синот на српскиот крал Милутин некаде на почетокот од 14-тиот век. Имено, кога се скарал со неговиот татко, Стефан Урош III Дечански го навлекол гневот на татка си кој наредил да се ослепи и испрати на заточеништво во Цариград. На патот за Цариград, во Скопје, група разбојници го ослепиле син му и долго време тој не можел да гледа. Но, чудото се случило кога до него дошол еден стар аџија кој му рекол на очите да стави прав ископан од очите на светците кои биле фрескописани по ѕидовите на манастирските цркви. Сите се зачудиле кога враќајќи се од Цариград, одврзувајќи ги завоите од својата глава, Стефан Дечански го повратил видот и величенствено го завзел царскиот престол!

Преданието се пренесувало низ вековите и полека влегувало во верувањата и обичаите на луѓето. Денес, нашите свештенослужители укажуваат дека копањето очи на светците на живописот е чин кој заслужува осуда. Тие велат дека секој оној што сака да побара спасение, помош за здравје и среќа, тоа треба да го направи преку молитва, преку силна верба во Бога, а не со оштетување на очите и на лицето на нашите светци. Дозволено е да се допре или бакне светецот на иконата, но откорнувањето на делови од него е спротивно на црковните вредности и тоа црквата не може да го прифати.

Преданието за цар Стефан може да биде и поучно. Бидејќи според некои искажувања, Стефан воопшто не бил ослепен. Туку подмитениот џелат пропуштил да ја прободе зеницата, а тој со години се преправал дека е слеп и со оштетен вид. А кога требало да се врати назад и да седне на татковиот престол тој веднаш и чудесно прогледал!

Не случајно се вели дека решението на проблемите треба секогаш да се бара во согласност со исконската вистина на верата опишана во Библијата и преданијата на светите отци. Наместо празноверие, дух на покајание, а наместо суета, мир и љубов кон Бога.

Пишува: Огнен Коцевски

Коментар(1)

  1. Која е вашата цел со ваквиот напис? Сакам да бидам пристоен и да не коментирам со вистинските зборови кои го заслужуваат вашиот „КОМЕНТАР“ на оваа тема. Најверојатно и вие не верувате во тоа што го изнесовте?! Единствена прифатлива теза која ја изнесовте е следната: „Има сознанија дека крадците, кога сакаат да украдат нешто вредно, прво ги ваделе очите на светците за да не бидат видени и да се спасат од божјата казна“. Но најверојатно тоа не го прават само кратците (неверници), туку и сите неверници ( или формални верници на друга вероисповест) кои чувствуваат огромен бес и омраза према поклониците на Христијанската вероисповест. Вистинските верници, независно од тоа на која вероисповест им припаѓаат, тоа никогаш не би го направиле зашто секој вистински верник ги почитува верските чувства на другите кои избрале друг пат до бога и искрено веруваат во тоа. Зарем Бог не е за сите верници ист, зарем тој не е Љубов која ги сплотува сите искрени верници кои го бараат патот до Бога?

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *