Почетна Коментар Зошто најголемите фрескосликари и иконописци сакале да бидат анонимни?
Зошто најголемите фрескосликари и иконописци сакале да бидат анонимни?

Зошто најголемите фрескосликари и иконописци сакале да бидат анонимни?

255
0

Сте се запрашале ли зошто голем број истакнати фрескосликари и зографи своите дела ги оставале без потпис? Зошто не знаеме како изгледале? Зошто најубавите фрески се оние чиј автор е непознат? Зошто многу малку знаеме за животот на светите ктитори, за имињата на монасите?

За разлика од денешните бизнисмени и политичари чие ктиторство е запишано со златни букви во живописот на храмовите, тоа никогаш не било во духот на старата македонска православна традиција! Дичо Зограф запишал: „моево грешно лице никоде не го насликаф, па денес не ме зноете какво лице су носел на себе”. Генијалните фрески во Нерези, Св. Наум, Св.Архангел Михаил, Лесново, Јоаким Осоговски, Курбиново,Слимнички манастир, Прилеп, Варош, блескаат со духовно мајсторство. Светите ктитори се сокривале себеси, своето потекло, светите мошти и подвизи, за сето тоа да го воплотат еднаш засекогаш во каменот. Во него била вдлабната целата наша историја, минато, сегашност и иднина. Уметникот бил само медиум низ кој творела божјата волја, уште повеќе, жртва на едно духовно возвишување.

Еден таков најстар пример на дело од анонимен автор кај нас е мозаикот во четириконхалната базилика од 4-5век на Плаошник во северната пастафорија-анекс. Овој извонреден мозаик плени со својот раскош. На него е претставен изворот на животот, два елени како пијат света вода, а под нив стои натписот : „ОВА ГО ИЗРАБОТИЈА ОНИЕ ЧИИ ИМИЊА ГИ ЗНАЕ САМО БОГ!“.

Но, не станува збор за анонимноста само на мозаичарите и зографите, туку и на монасите исто така! Скоро 90% од сликите на ѕидовите на пештерските цркви во Македонија немаат потпис. Пример, во една пештерната црква близу Преспанското езеро е запишано: „СЕ НАСЛИКА ОВОЈ СВЕТ ХРАМ ПОСВЕТЕН НА СВЕТА БОГОРОДИЦА ….ОД СИТЕ НАС И ОД НАШАТА МОНАШКА ЗАЕДНИЦА. ГОСПОД ДА ГИ СЛЕДИ ВО ДОБРО СИТЕ МОНАСИ ШТО ДАДОА СЕ ОД СЕБЕ!“.

Каква е таа филозофија и продлабоченост! Зарем анонимноста произлегува од стравот или понизноста? Секако не. Напротив, се работи за нешто многу повозвишено и сосема необјасниво од аспект на здраворазумската логика. Тоа е тежнението  кон духовното самосовршенство – аскезата. Како човек ќе се усоврши себеси ако ја бара само својата слава?

Вознесувањето кон небото и преобразувањето на природните карпи и бели ѕидови преку осмислената човекова креација ја сочинуваат душата и срцето на нашите храмови. Зад празнините на фреските и иконите, не се крие заборавот на времето, туку полнотата на божјата благодет. Се крие подвигот на оние кои се покориле себеси на божјата волја и преку силата на Светиот Дух навлегле во трисветата тајна на Бога, природата и човекот! Спротивно на сите логички закони! Затоа, велиме дека нивната празнина зборува најмногу. Понекогаш е намерна и треба да се остави, бидејќи во неа е искажано се! Тоа е еден длабок антрополошко-космолошки проблем. Имено, заемниот однос меѓу личноста на човекот и севкупната природа се регулира така да личноста ја одредува природата, но не и природата на самата личност.

Дека таквите празнини не можат да се објаснат со материјални, „земни“ причини сведочи следнава легенда: Еден аџија од 12-тиот век забележал дека во храмот Св.Софија во Цариград постои икона на која е претставен Христос кому му недостасувал, не му бил насликан малиот прст. Според преданието, иконописецот, работејќи врз иконата бил толку многу задоволен што во еден момент извикал: „Господе, онаков каков што беше на земјата, така те насликав“. Од иконата, насликаниот Христос му одговорил: „Зошто се фалиш, ти мене не ме наслика, туку јас самиот сакав таков да бидам!“.

Иконописецот се срушил мртов, иконата останала незавршена!

Но, кај нас владеат некои други необјасниви феномени. Ретко кој (без оглед на религијата) успеал да се ослободи од своето его и неговиот стремеж да се искачи високо во земната хиерархија. Само близината до владетелите (претседатели, попови, оџи) може да те направи да бидеш блиску до политичкиот престол. Но верата во Бога, а не во политичарите успеала овде да остави безвремени вредности. Тоа е таа животворна вера која е бесконечна и која се покорува само на внатрешната смисла на Богочовекот!

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *