Почетна Коментар Зошто е нужно државно-политичко единство за автокефалност на МПЦ-ОА
Зошто е нужно државно-политичко единство за автокефалност на МПЦ-ОА

Зошто е нужно државно-политичко единство за автокефалност на МПЦ-ОА

438
1

Писмата на државниот врв до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, од 20.9.2020, односно од 22.9.2020, ја најавија новата динамика во финалето од решавањето на македонското црковно прашање. Веста, пак, која прв ја објави порталот РЕЛИГИЈА МК oд 2.10.2020 во однос на оваа тема, го потврди истото. Имено, споменатиот портал, во текст во кој се соопштуваат најновите ставови на Вселенската патријаршија, споделува и две важни околности со кои се најавува почетокот на крајот на овој долг процес:

  • Прво, се потврдува намерата на Вселенската патријаршија, како мајка црква на сите Балкански цркви (но и на други) – да го реши македонското црковно прашање;
  • Второ, дека почетокот на овој процес (кој е во согласност со последниот „украински модел“, како и со бугарскиот раскол од 1945 година, после трагичните историски настани во Драма) е отстранувањето на т.н. „шизма“ за да може архиереите на МПЦ-ОА да бидат примени во литургиско општење, а потоа ќе следува и формално крунисување преку доделување на томос, процес кој во случајот со Црквата во Украина траеше половина година.

Ваквите најави за очекуваните позитивни тектонски поместувања, секако, ќе имаат свој важен одраз и врз вкупните државни прилики во Република Македонија, како демократска и секуларна држава. Во таа смисла, сите номинални православни верници, оние кои припаѓаат на останатите вероисповеди, оние што се декларираат за атеисти, како и сите други кои поопшто се запознаени со сржта на ова прашање, важно е да знаат дека овој очекуван чин е многу важен и дека ќе има несомнено позитивен одраз врз вкупниот напредок на земјата. Во прилог на споменатото, се наметнуваат најмалку пет поважни аргументи:

  1. Прашањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е веројатно последното нерешено важно национално и државно прашање, со значење слично како прашањето за независноста на Република Македонија, чие успешно решавање неповратно ќе ја зацврсти и ќе ја унапреди стабилноста на државата. Затоа, државното единство кое ги надминува политичките разлики помеѓу партиите, значи одговорност кон Татковината. И обратно!
  2. Милениумскиот, историски континуитет на Охридската архиепископија, кој има ненадминлив придонес врз развојот на христијанството на Балканот, но и врз развојот на словенската посебност, а со тоа и посебноста на македонскиот народ, претставува многу важна придобивка која уште повеќе ќе ги зацврсти темелите на кои почива денешна Република Македонија. Оваа констатација, пак, добива дополнително значење во времиња како денешните, кога сеуште се присутни оправдани стравови од натамошни негирања на постоењето на македонскиот народ и карактерот на неговата матична држава;
  3. Одлуката на Вселенската патријаршија за автокефалија на наследничката на славната Охридска архиепископија е целосно комплементарна со евроатланската ориентација на Република Македонија и стратешките сојузи во оваа смисла. Оттаму, овој историски период за православните христијани во државата претставува ретка можност, односно силен поволен „ветер во едрата“ кој доколку мудро се постапи, ќе ја доведе МПЦ-ОА во заедница со православната екумена.
  4. Надминувањето на спорот со името е исклучително сложен настан. Во секој случај, со оглед на моментумот после неговото надминување, доследноста на Вселенскиот патријарх за примена на своите историски овластува и за признавање на автокефалноста на нашата црква, може многу да помогне за конечно затворање на ова тешко историско поглавје, односно за забрзување на почетокот на новата ера во односите помеѓу православните христијани од јужниот дел на Балканот. Истовремено, духовно, тоа, секако, ќе значи уште една позитивна одлука на патријархот Вартоломеј која, секако ќе има свој важен удел при историската анализа на ефектите во однос на неговото раководење со Црквата.
  5. Ангажманот на институциите во насока на поддршка на легитимните цели МПЦ-ОА за автокефален статус низ годините до денес е во целосна согласност со начелото на секуларизам, како и со Уставот и законите на државата. Имено, нашата црква е уставна категорија, а, истовремено и Собранието, во 2003 година со усвојувањето на Декларацијата за поддршка на автокефалниот статус на МПЦ, има преземено обврска да помогне во оваа смисла.

Пред повеќе од една година кога имаше слична динамика поврзана со оваа важна тема, напишав еден сличен текст кој се однесуваше на надежите во Вселенската патријаршија за конечно решавање на македонското црковно прашање. Заклучокот и тогаш, но денес уште повеќе е дека Вселенската патријаршија има важна историска обврска да ја препознае можноста за конечно, но побрзо решавање на македонското црковно прашање, а личноста на патријархот Вартоломеј, пак, како и неговото наследство управувајќи ја Црквата овие децении, дава надеж дека оваа генерација православни христијани ќе посведочат за вклучувањето на МПЦ во заедницата со останатите православни цркви чија глава е Вселенската патријаршија.

Пишува: проф. д-р Александар Спасеновски,  Правен факултет „Јустинијан Први“

Коментар(1)

  1. Доста се занесувате и ја дезинформирате јавноста!
    Патријаршијата во Фанар, нема никогаш да признае „Македонска Православна Црква“, нема да признае ниту функционална автокефалија (украинското сценарио е доволен доказ за тоа), туку ако воопшто тоа го направи, ќе биде зависна, лажна и привидна „автокефалија“.
    Друг проблем ќе биде ако цената за таквата лажна автокефалност, стане пазарењето со задграничните епархии на МПЦ, кои нема да прифатат грчки господари врз македонските цркви во дијаспората, што неминовно ќе доведе до нов раскол во македонското црковно и национално ткиво.
    Што ако Фанар побара ставропигијални црковни имоти во Македонија (како што го направи тоа во Украина), кадешто значителни финансиски даренија ќе одат на контото, на туѓа за нас, грчка црква, која патем, го негира постоењето на народот чии имоти сега ги бара за свои ставропигии?
    Целата заблуда што ја спроведувате преку овој квислиншки медиум, не е ништо друго, туку само завршување на преспанското предавство, со цел уништување на единствената инстутуција во Македонија што остана македонска после велепредавството во Преспа.
    Трет проблем е што Цариград неминовно ќе го наметне прашањето за промената на календарот, што дополнително ќе направи богослужбено-литургиски духовен расцеп помеѓу православното население во Македонија.
    Народот, верниците, тоа го гледаат. Знаат за што се работи, а тоа е уништување на Македонската Православна Црква, каква што ни` ја оставија првите четири Охридски и Македонски Архиепископи по возобновувањето: Доситеј, Ангелариј, Гаврил и Михаил.
    „Признавањето“ од Фанар, ќе биде повторување на историјата „ …грчки патрик ќе ни’ строши славна охридска столица…“, ќе испрати „владици Грци, лицем светци, срцем в`лци“, кои ќе се осигураат македонскиот народ никогаш повеќе да не крене глава.
    Најдете еден момент во мачната и крвава историја на овој напатен македонски народ, кога нешто добро дошло за нас од Фанар. Нема.
    И уште нешто, како може да биде добредојдена, па и прифатлива „помошта“ од луѓе кои го потпишаа и брутално го спроведуваат преспанското предавство?
    Помош од џелатот за полесно спроведување на сопственото (духовно и национално) самоубиство?!?

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *