ЗНМ за кривичната пријава од владиката Григориј за Религија.мк – Скандалозен случај, притисок и заплашување на медиумите

Date:

Share post:

Случајот со кривичната пријава на Владиката Григориј против уредникот на Религија.мк, Марјан Николовски е еден од примерите на SLAPP (Стратешките тужби против јавно учество), кои имаат за цел да извршат притисок и закана врз новинарската професија. Ова е еден од заклучоците од третата регионална онференција во организација на ЗНМ, насловена „Посилни заедно: Новинарите и правосудството ги штитат медиумските слободи„ која се одржа од 18-20 септември 2024 година во Маврово во која земаа учество повеќе од 70 новинари и претставници на правосудството.

-Еден од најголемите предизвици кои го разгледувавме е бробата против SLAPP тужбите кои се злупотребуваат да се замолчат новинарите и да се ограничи слободата на медиумите. Еден од таквите примери е неодамнешната кривична пријава поднесена од владика на МПЦ-ОА против новинар, нашиот колега Марјан Николовски, каде што се бара кривично гонење за ксенофобија, расизам, говор на омраза за јавно изразено мислење, за изречен збор, за новинарски текст. Ова е скандалозен случај кој го гледаме како обид за цензура, притисок и заплашување на медиумите од позиција на моќ. Очекуваме Обвинителството да ја отфрли оваа кривична пријава, меѓу другото и поради тоа што владиката доколку Владиката сметал дека е наклеветен, можел да тужи во грѓанска постапка, а не на овој начин да се обиде да се сокрие зад државата, или да го употреби системот на државата. Тоа е она од што најмногу стравуваме. За да ги демотивираме оние кои се обидуваат да им се закануваат на новинарите преку SLAPP тужби, може да преземеме три клучни чекори: правни реформи, одговорност и доследно постапување од судиите и обвинителите, кои можат да играат клучна улога во спречување на ваквите злоупотреби со тоа што нема да дозволат овие случаи да преминат во инструмент за заплашување на новинарите и гласна јавна осуда и подигнување на свеста за негативното влијание на SLAPP тужбите врз новинарството и демократијата, со што ќе создадеме општествен притисок кој ќе ги демотивира оние кои од позиција на моќ сакаат да ги злоупотребат правните инструменти“, изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Заедничката соработка помеѓу новинарите и судиите, заедно со обвинителите е од суштинско значење за одржување на владеењето на правото во Западен Балкан. За ова да се оствари неопходна е довербата и разбирањето помеѓу двете фели, а овие регионални конференции меѓу другото, имаат за цел ова да го поттикнат.

Што се однесува до нападите врз новинарите, неказнивоста беше препознаена како голема закана. За време на сесијата за справување со неказнивоста кон новинарите, говорниците го дискутираа ефектот од нерешените напади врз новинарите, граѓанските организации и општеството во целина, истакнувајќи дека кога правдата е задоволена, тоа ги обесхрабрува нападите врз новинарите.

Конференцијата вклучи и работилница организирана од Центарот за обука и студии за судството на Холандија, каде судии, обвинители и новинари ја истражуваа меѓусебната улога на медиумите и судството во општеството и дискутираа за можни начини на напредок.

Важен елемент на оваа завршна конференција беше дискусијата за тоа како да се продолжи со поттикнување на правната заштита на новинарите преку промовирање на дијалогот помеѓу судството и новинарите. „Видовме како овие дијалози позитивно влијаеа на разбирањето помеѓу независните медиуми и судството во изминатите четири години. Веруваме дека е неопходно да продолжиме и да го зголемиме нашето влијание со вклучување на повеќе земји како Косово, Албанија и Црна Гора, за да се спротивставиме на зголемените напади врз новинарите во Западен Балкан“, изјави Албана Шала, претставник на Free Press Unlimited за Западен Балкан.

Слободата на медиумите е еден од темелите на развиените демократии, а новинарите се важни чувари кои обезбедуваат владите да одговараат одговорно на потребите на граѓаните. За жал, во медиумскиот сектор во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија не секогаш медиумските работници се безбедни.

Конференцијата беше организирана од Free Press Unlimited и Холандскиот Хелсиншки и Здружението на новинари на Македонија. Амбасадорката на Кралството Холандија во Северна Македонија, Н.Е. Озлем Канел, одржа воведен говор, заедно со Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, а на настанот се обрати и Илир Исени, вршител на должност директор на Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија.

Оваа регионална конференција беше последна од трите, другите се одржаа во декември 2023 година во Босна и Херцеговина и во октомври 2022 година во Србија, и претставуваше заклучок на четири години посветена работа во рамките на проектот „Зајакнување на слободата на медиумите во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Холандија.

Оваа иницијатива е финансирана од Министерството за надворешни работи на Холандија. Како што истакна Хенк ван ден Дол, амбасадор на Холандија во Босна и Херцеговина, „владеењето на правото не може да постои без доверба во судството, а новинарите се суштински за градење на таа доверба“. За да ги постигнеме нашите цели, Холандскиот Хелсиншки комитет и Free Press Unlimited работат заедно со неколку холандски институционални експерти во оваа област, како што се Центарот за обука и студии за судството (Studiecentrum Rechtspleging) и Холандското здружение на новинари (Nederlandse Vereniging van Journalisten).

1 COMMENT

  1. Изречениот или пишаниот збор, без оглед каков, и тоа во рамките на професијата, не може да подлежи на никакви општествени ограничувања и санкции? Тоа е необично барање. Како што вели Св. Апостол Јаков во Третата глава од своето Послание:

    5. Јазикот е мал орган, но големи работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува;
    6. и јазикот е оган, свет полн со неправда; јазикот се наоѓа во таква положба меѓу нашите органи, што го осквернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот.
    (…)
    13. Кој е меѓу вас мудар и умен, нека ги покаже преку своето добро однесување делата свои во кротост и мудрост.
    14. Но, ако во срцата свои имате горчлива завист и карање, не фалете се и не лажете против вистината:
    15. тоа не е мудрост, која доаѓа одозгора, туку земна, душевна, бесовска;
    16. оти, каде што има завист и карање, таму има неслога и сè е лошо.
    17. А мудроста, што иде одозгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и нелицемерна.
    18. Плодот, пак, на правдата во мир се сее од миротоворците.

    Или, на современ начин, практично кажано, во професиите чија главна алатка е говорот, изречениот збор има тежина на дело. Се разбира, злонамерното набедување на новинарите за злоречие или за ковање завери, за предавства и слично е грев, престап кој исто така треба да подлежи на казнивост, но доколку тие самите свесно и активно се занимаваат со наведените злодејства, ниедно барање за заштита на човековите права или специјални новинарски слободи не може да ги заштити. Не постои професија којашто е толку привилегирана во човечкото општество за да можете под професионалниот плашт безбедно да лукавствувате, да ја извртувате вистината, да се занимавате со предавнички активности за личен профит итн. под превезот на слобода на говор, либерални вредности и сл. Можеби привремено човекот навлезен во такви води и може да го одложи плаќањето на неисплатливиот долг, но раката на правдата секако еднаш ќе го стигне. Инаку, не е мал бројот на новинарите и во светот и кај нас кои одработуваат за странски служби, креираат хибридни револуции, заговараат и поткрепуваат државни удари и сл. и природно е општеството да сака да се заштити од нив. Секое здружение на новинари впрочем треба да има и внатрешен суд за новинарската чест на своите членови, пред да се активира јавно да ги застапува нивните интереси. И повеќе од пожелно е самото здружение да има механизми за вреднување на трудот и активностите на своите членови, за да може да го зачува угледот на професијата како таква.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img