Претставнички на женски организации, активистки и пратенички, неодамна одржаа заедничка средба во Собранието, на која жени од локални заедници, за прв пат официјално ги презентираа своите барања пред народните избранички.
Средбата, која ја организираше Акција Здруженска – Скопје, се одржа во Клубот на пратенички, кој беше домаќин на осум локални организации и 16 жени од руралните заедници.
Тие побараа измените на Законот за локална самоуправа да овозможат повеќе-фазна постапка за учество на граѓаните, посебно гарантирано учество на жените, јакнење на месната самоуправа и обезбедување просторни и финансиски ресурси за женското учество да стане реално и одржливо.
Средбата ја отворија претседателката на Клубот на пратенички, Јована Тренчевска и заменичката-претседателка на Комисијата за еднакви можности, Весна Ѓорѓиева.
Извршната директорка на „Акција Здруженска“, Марија Савовска, порача дека женското лидерство не смее да остане привилегија на ретки жени со образование и ресурси.
„Женското учество, економската независност и пристапот до основни локални услуги не може да зависат од добрата волја, финансиите и способноста на општините, туку бараат национален одговор“, истакна Савовска.
На тоа се надоврза Ленче Христова од Организација на жени – Струмица, која нагласи дека системското исклучување на жените од локалните процеси може да се надмине само преку системски решенија. Таа ги повика пратеничките да го поддржат закажувањето на 52-та пленарна седница на која треба да се гласаат измените на Законот за локална самоуправа.
Елизабета Стојанова од женскиот кружок во Сачево предупреди дека без справување со стереотипите во домаќинствата, без охрабрување и без отворени институции, жените и понатаму ќе останат надвор од процесите.
„Без охрабрување на жените да поверуваат дека имаат право да учествуваат, без борба со стереотипите дома, без отворени институции и без сигурен простор за женско дејствување, не може да се очекува вистинска женска вклученост“, рече таа од говорницата.
Фадрије Мустафовска од здружението Радика-Де, оцени дека жените од руралните средини остануваат „невидливи“ за постојните јавни програми.
„Жени без имот, без формално образование, жени што се грижат за семејството или немаат можност за мобилност – тие се исклучени уште на самиот почеток. Време е мерките да се приспособат на вистинските потреби“, рече Мустафовска, презентирајќи ги резултатите од најновото истражување во три рурални општини, кое покажува голем интерес кај жените, но и сериозни финансиски и структурни бариери.
Посебно драматични беа сведоштвата поврзани со пристапот до безбедна вода за пиење и отпадни води. Ивана Цветковиќ Стојчева од Хуманитарното здружение „Мајка“ Куманово предупреди дека во дел од руралните средини во Куманово недостигот од чиста вода е прашање на опстанок. Таа се повика на податоци од Институтот за јавно здравје, според кои во 2024 година 26,8% од физичко-хемиските и 42,9% од бактериолошките примероци на вода во кумановските села биле неисправни.
„Жителите во 44 села сами се снаоѓаат за безбедна вода за пиење. Драматична е и ситуацијата со отпадните води – речиси никаде нема функционална канализациска мрежа. Ова директно го загрозува здравјето на жителите, ја загадува земјата и водите и создава дополнителни трошоци за семејствата“, изјави Цветковиќ Стојчева.
Дека проблемот е реален и прескап, потврди и Жељка Диклиќ Илиевска од женскиот кружок Пчиња, која го опиша секојдневието на илјадници семејства што немаат пристап до безбедна вода. „Дома имам систем за обележување на бурињата – едни за садови, други за готвење, а за пиење користиме само купена, флаширана вода. Моето четиричлено семејство троши најмалку 40 евра месечно само за флаширана вода за пиење и дополнителни 50 евра за потребите во домаќинството“, кажа таа.
Организаторките порачаа дека барањата на локалните жени не се прашања на добра волја, туку на човекови права, здравје, економска безбедност и демократско учество. Тие апелираа институциите да обезбедат финансиски и технички ресурси, како и трајни механизми за родово еднакво одлучување на локално ниво.

