Почетна Вести Ислам Жестока дебата за реконструкцијата на Али Пашината џамија во Охрид

Жестока дебата за реконструкцијата на Али Пашината џамија во Охрид

149
0

Жестока дебата за реконструкцијата на Али Пашината Џамија во Охрид, имаше во емисијата посветена на оваа тема на Макфакс. Претставници на здружението кое се противи на изградбата на џамијата и управата за заштита на културното наслевство ги спротивставија своите аргументи.

Од здружението Совест стравуваат дека Охрид ќе ја изгуби автентичноста на градот и обвинуваат дека институциите може да предизвикаат верска омраза и меѓуетничка нетрпеливост.

На Али-пашината џамија се работи без одобрение за градба, со тешка градежна механизација што го уништува просторот наоколу каде што претходно имало црква, вели Михаил Трендафилов, претседател на здружението „Совест“, во дебатата на „Макфакс“.

– Конзервирањето на Али-пашината џамија нам не ни пречи и треба да се конзервира, таа е прогласена за заштитено културно наследство, но и просторот околу неа. Има сознанија дека таму се наоѓала црква и тоа треба да се доистражи. Не нè интересира само 16 век, туку и две илјади години пред тоа. А со целата градежна механизација таму веќе сè е уништено, закопано… Да си работеа само на објектот, немаше да биде проблем. Но, тие таму работат без целосна документација, без одобрение за градба. А што се однесува до минарето од 32 метра, допрва треба да се донесе нов детален урбанистички план бидејќи во постојниот не е предвидено – тврди Михаил Трендафилов, претседател на здружението „Совест“.

Од Управата за заштита на културното наследство, пак, уверуваат дека при изведбата на проектот се почитувани сите закони и подзаконски акти за градба и за заштита на културното наследство. Оттаму велат дека при реставрацијата, реконструкцијата и конзервацијата на Али-пашината џамија се внимава да не се оштети просторот околу објектот и доколку има наоди за други пластови, ќе продолжат со истражување на теренот.

– Сондата се наоѓа на југоисточниот ѕид. Точно е дека има остатоци од постари археолошки постави и доколку се утврди дека има ранохристијанска црква, тоа е во спротивна насока од големината на објектот. Нема причина да не се извршат активности на непосредна заштита. Сите археолошки траги се на длабочина од 2,20 метра. Состојбата на џамијата се гледа каква е, ништо не попречува понатамошна интервенција и истражувачки работи на околниот простор ако има потреба – вели Валентино Димитровски од Управата за заштита на културното наследство.

Од здружението велат дека охриѓани се подготвени за референдум, а во меѓувреме се чека УНЕСКО да се произнесе со стручно мислење дали е во склад со стандардите за заштита на градот објектот да се реконструира во предвидената димензија.

/МАКФАКС

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *