Почетна Анализа Жената и христијанството
Жената и христијанството

Жената и христијанството

227
0

Древниот поглед на жената, со сите негови тажни последици опстојува и до ден денеска. Нејзината положба надвор од христијанството, во повеќето случаи е многу тешка, значењето ѝ е ништожно, односот кон неа е неправилен и противприроден, а нејзините права се намалени. Сфаќањето дека таа е потчинета и послаба, особено во последно време доведе до појава на многу заштитнички насочени организации, кои тргнаа во сосема спротивен правец и кои започнаа да докажуваат дека таа е во сé еднаква со мажот и дека во контекст на тоа, нејзината досегашна потчинетост, која е остаток од времето пред Христа, мора да биде уништена.

Современото гледиште кое се повикува на еманципацијата на жената, иако во суштината се разликува од православното христијанство, всушност без да знае се повикува на неговиот авторитет. Во својата, пак, друга варијанта тоа го одрекува христијанството како нешто заостанато, како нешто спротивно во развојот на човечкиот живот. Но, што е најинтересно денеска никој не се интересира да го разбере христијанството во неговата вистинитост и неговите манифестации во животот, туку во него повеќе се огледуваат остатоци од паганството. Цивилизацијата во која живееме е машка цивилизација. Дури и феминистките се борат според правилата кои владеат во оваа машка цивилизација. Но, мажественоста на светот не е поради природата на мажот, туку поради тоа што и мажите и жените свикнале да живеат без Бога и токму поради тоа присвојуваат карактеристики, кои ниту на едните, ни на другите им се природни, односно не се совпаѓаат со свештениот призив кој на двата пола од Бога им е одреден: да бидат образ и подобие Божјо. Денес жената сака да се нарекува жена, но да ја има улогата на мажот. Но, нејзината улога не е да се натпреварува со мажот, туку да го осмисли неговиот живот со својата женственост, да му покаже на мажот дека само со неа е целосен човек.

Борбата помеѓу старите и новите идеи беше пропратена со крвни и морални жртви, со појава на разврат до највисоки размери. Мажот гледајќи го во жената почетокот и средиштето на секој грев, низ историјата многу често ги издвојувал нејзините недостатоци, кои навистина постоеле, но никој не сакал да признае дека тоа се случува токму поради нејзината потчинета положба.

Призив, дарови и значење на жената во Христијанството

Во времето пред доаѓањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос, постоело убедување дека жената по природа е послаба и помалку вредна од мажот, па поради тоа мора да му биде потчинета. Во Стариот Завет, нејзината улога во семејството и општествениот живот била без никаква вредност. Жената била напуштана од мажот поради разни ситници, како на пример невкусен ручек, или, пак, доколку тој најдел подобра. Не е нималку чудно зошто фарисеите Го прашувале Христос: Може ли човек да ја остави жената своја за каква и да било причина? Христос тогаш им одговорил дека тоа им било допуштено поради нивното жестоко срце. Бог не бил така немилостив за да им даде таков закон, туку така допуштил заради нивната жестокосрдечност. Бог знаел дека мажот ако не си ја сака жената, лесно може да ја убие или да изврши јавна прељуба, и затоа допуштил, но не заповедал, таквиот маж да ја остави својата жена. Овој недостаток бил многу жален и кобен, па поради тоа во Стариот Завет, доаѓа до уште еден плод на машкото сладострастие – полигамијата – која никогаш не била прифатена, или сметана како нешто добро особено од страна на жената. Во полигамијата, жената претставувала предмет кој на мажот му служи само за наслада, предмет кој по значење е еднаков со неговиот имот, предмет кој се спушта на овоземните желби; таму жената е особа која ги задоволува исклучиво животинските инстинкти на мажот и од него била третирана како робинка меѓу останатите робинки што претставувале имот кој бил чуван во некој харем под стража. Тука не станува збор за искрената брачна љубов каква што е во христијанството, туку само љубоморни испади од страна на угнетуваните и обезвреднетите жени.

Со доаѓањето на Христос нашиот Спасител и со ширењето на христијанството суштински се менува односно се обновува достоинството на секој човек. Ова пред сé има универзален карактер, а тоа значи дека не се ограничува на една каста или на група избраници. Христијанството им Го покажува на луѓето Единствениот Отец Небесен, Кој е таков за сите нации без оглед на тоа дали се работи за Евреи, Елини, или варвари, робови или слободни, мажи или жени. Сите да се едно – рекол Господ пред Неговите страдања.

Христос многу јасно покажал дека ниту надворешните предности и добродетели, ни различните надворешни недостатоци и слабости се од суштествено значење за Царството Божјо. Он ги повикува оние кои се претоварени, за да најдат одмор и спокој на својата душа, без оглед на тоа дали се митари или блудници, праведници или грешници. Човекот односно жената пред доаѓањето на Христос се уважувала според надворешните особености (храброста, одважноста, убавината, украсувањето). Во христијанството, пак, овие вредности се помалку важни, а предност им се дава на духовните украси како што се верата, љубовта, смирението, кротоста, нежноста. Надворешната сила му го отстапува местото на внатрешната: духот го победува телото. Во согласност со ова положбата на жената во минатото сега се менува. Христијанското гледиште од една страна, признава потполна рамноправност меѓу мажите и жените, но од друга страна не ги порекнува ниту оние нормални особености на нивната природа, со кои се одредува различноста на нивните взаемни односи, нивната општествена положба и нивната мисија во животот. Самото христијанство претставува најдобар одраз на природниот тек на нештата, највисок степен на духовно совршенство, а со тоа ѝ обезбедува на жената вистинско значење и права, кои и по законот Божји и по законот човечки ѝ припаѓаат. Христос неа ѝ го враќа загубеното достоинство, загубената слобода, ја издигнува како личност, со што суштински не ја разликува од мажот. Но, тоа не значи дека таа не е во нешто различна од мажот и дека нејзините природни особини немаат едно значење кое не е истоветно со значењето на неговите особини, но тоа не служи како можност да ѝ се нанесе штета, туку напротив само ја покажува автентичноста на нејзината личност.

Да се навратиме малку на древната христијанска заедница. Таму сите биле помалку или повеќе рамноправни и по правата и по положбата, сите добивале еднаква љубов и почит, не смеело ниту да стане збор за тоа некој да се отфрли, потчини, презре или понижи. Ваквиот однос кон луѓето, несомнено ни кажува дека и кон жената секој се однесувал со достојна почит, како кон духовно богато и способно битие. Жените имале голема улога во древната Црква, биле чесни и предани на Бога така што своите домови ги претворале во домови за молитва, во цркви. Заради духовните способности на жените, цели народи го прифаќале христијанството. Постојат не малку рамноапостолни жени кои правеле мисија на одредени територии и го ширеле христијанството со огромна брзина еднаква на таа на светите апостоли. Кога го знаеме сето ова, тогаш не е нималку чудно зошто непријателите на христијанството кога сакале да ги поколебаат верните и да им го нарушат спокојството на животот, најнапред влијаеле на жените. Тоа го правеле бидејќи дошле до заклучок дека жените со својот добродетелен живот и христијански елан, имаат многу важна улога во заедницата, затоа и брзале да ги свртат против христијанството, за да можат потоа без препрека да дејствуваат.

Ние веќе кажавме дека жената во христијанството е еднаква со мажот во областа на нејзиниот духовен повик, во тоа дека и таа е подеднакво личност, како што е и тој. Но, ние не можеме да порекнеме дека таа воедно е и различна од мажот, но различна во нејзините особини како жена. Денеска во контекстот на модерното феминистичко движење, постои борба за еднаквост меѓу половите. Таа борба, како што веќе кажавме, има своја историја, свое објаснување во тоа дека жената била разбрана како инфериорно суштество во однос на мажот. Низ историјата таа живеела еден паразитски живот, и била многу сиромашно образована. Толпа од жени останувале надвор од културата, медицината, политиката и социјалниот живот, сé со цел да се истакне дистанцата и дистинкцијата меѓу мажот и жената. Многумина се згадувале од нејзината положба бидејќи била третирана само како декорација, како предмет кој на мажот му е за еднострана употреба, предмет за кој не постојат никакви свети чувства, предмет, кој само предизвикува ниско задоволство. Но што се случува: жената, разбрана како роб, прави погрешен чекор: почнува да му се осветува на мажот – својот господар, станува против него, се бори против него, ги присвојува мажествените карактеристики (борбеност, агресивност итн). Тие карактеристики сé повеќе ја привлекуваат современата жена, чија цел е да се претвори во маж, притоа губејќи ги нејзините вистински вредности, нејзините женствени карактеристики како нежноста, чувствителноста, природната потреба за потпора во нејзиниот живот, чистотата, саможртвувањето, заштитата на слабиот и секако, мајчинството. Ваквата освета во борбата за еднаквост ја прави жената агресивна и ја поставува како соперник на мажот. Таа станува еднаква, но нејзината чувствителност се истрошува, а како последица од тоа се случува губење на нејзината личност и вистинското достоинство. Еве на пример, денешната економска еволуција го прифаќа дивиот брак, кој е без никакви обврски, брак кој е разбран само како социјална положба. Жената е способна да го сопре ваквото гледиште и разбирање на бракот, но таа може и да направи погрешен чекор односно да го прифати. Имено, двојката живее во хотел, а децата сместени во интернатски училишта се препуштени на морална сиромаштија. И што потоа? Современиот и динамичен живот ги зема своите жртви; родителите добиваат деца кои се духовно сиромашни и кои не знаат да се соочат со тешкотиите во животот, па затоа често подлегнуваат на нив.

Осиромашена во своето вистинско достоинство, жената иако е присутна не придонесува за културата, политиката, медицината и социјалните прашања со своите дарови. Не зборуваме за тоа дека жената треба да остане само дома, грижејќи се само за домашните обврски, дека не треба да биде образована и да работи на својата личност и позиција, туку да го осмисли нејзиното присуство во сите тие сфери на живеењето, да го скроти, да му даде духовен тон. Можеби повеќе несвесно, отколку намерно, таа го потиснала својот сопствен призив, а тој е: секаде каде што е, да го заштитува светот на луѓето како мајка, да го спасува како девојка, притоа давајќи му ја својата сопствена душа.

Најчудното откритие е фактот дека мажот не го поседува татковскиот инстикт на ист начин како што жената го поседува мајчинскиот. Иако е маж според карактеристиките, тој не е мајчински по својата суштина. Ова пак, значи, дека меѓу човечките суштества религиозниот, духовниот принцип повеќе е изразен кај жената. Нежноста на мајчинството ги совладува и најцврстите нешта и токму поради ова Христос рекол да се биде кроток и смирен по срце, а да се отфрли насилството и мечот. За мажот да се живее, значи да се освојува, да се бори, а за жената тоа значи да се раѓа, да се храни и да се пренесува животот преку предавање на себеси.

Но денеска, многу жени како да заборавиле на духовните вредности, приврзани се за земните нешта, заборавиле на нивните духовни капацитети. Заборавиле дека на Бога Му е потребна една многу мала жртва… тоа е молитвата за помалите и послабите, милостињата, нежноста, сочувството кон оној што страда. Трибинава не случајно ја насловивме како „Достоинството на современата жена во светлината на Евангелието“… Сакам да ви раскажам една случка од Евангелието Христово, случка која најсовршено го одредува женствениот призив и женското достоинство.

Во времето кога Христос беше воден на Распетие, кога висеше на Крстот и ги поднесуваше страдањата, постои еден детал кој длабоко нé погодува сите: верноста со која само малкумина можеа да се пофалат пред Бога, верата на оние, кои останаа до крај со нашиот Спасител… меѓу нив повеќето беа жени. Тие стоеја под Крстот затоа што Го сакаа, стоеја од љубов затоа што сострадуваа со Него. Тие не Го оставиле Неговото мртво Тело, туку извршија сé она што отсекогаш правела и прави љубовта. Он не барал ништо од нив, а тие Му останале верни со својата простодушна човечка љубов. Учениците Христови потресени од настаните се разбегале наоколу и Го напуштиле својот Учител. Поминала саботата после Распетието и први на гробот пристигнале жените мироносици, за да Го помазат Пречистото Тело Христово… сите знаеме дека тоа Тело не беше таму, дека Он Воскресна. Оваа вест за Воскресението први ја примиле жените. Христос најнапред нив им се јавува и ги поздравува со зборовите кои засекогаш и за сите времиња станале суштина на христијанската сила: „РАДУВАЈТЕ СЕ!“ Гледајте, таа љубов и верност прва дознала дека не треба повеќе да се плаче и да се тагува, прва дознала за промените на личноста, прва дознала за победата Христова!

Што сакам да кажам со ова… ми се чини дека во денешно време особено е потребно да се потсетиме на таа љубов и на таа едноставна човечка верност, бидејќи живееме во време во кое постои погрешно учење за човекот и неговите вредности. Живееме во време во кое се дискредитира таа љубов и таа верност. Денеска потребно е ние да ја побараме топлината и светлоста на оваа љубов. Љубовта не го прашува човекот за теоријата и идеологијата, таа му се обраќа на неговото срце. Човечката историја течи, се раѓаат и рушат цели царства, беснеат војни, но за сето тоа време постојано блеска ликот на жените – мироносици. Познато е дека низ историјата најстрашните прогони се одигрувале заради развратните жени. Но, наспроти ваквите жени постоеле такви, кои само со еден збор, со својата нежност и чувствителност, со својата вера и љубов кон светото, ги совладувале најтврдокорните срца, најцврстите вериги, најсилните мечови и ѕверови! Жената низ сите времиња била чувар на моралот и на религиозните вредности. Таа е таа која отсекогаш го спасувала и продолжува да го спасува светот. Но, го спасува не со зборови и идеи, туку со нејзиното молчење и грижливото присуство на љубовта, како сопруга, мајка. Жената е најзаслужна за тоа што – без оглед на сето зло кое господари во светот – во истиот тој свет, никогаш не престанува мајчинството, кој е празник на животот, бидејќи во него се наоѓа постојан извор на радост и светлост. Низ нејзината религиозна структура таа го претставува целомудрието, кое е единствено способно да го запре започнатото разорување и дехуманизирање присутно во мажествениот дух на светот. Мажественоста, пак, на светот не е поради природата на мажот, туку светот таков постанал заради агресивноста на луѓето, која е предизвикана од животот без Бога. Мажот, кој Го сака Бога ги истакнува неговите природни особини, дарови, а тоа се праведност, стабилност, цврстина и свештениот призив. Оној, пак, кој Го нема Бога во својот живот, кој се бори против Него, без оглед на тоа дали е маж или жена станува агресивен и егоистичен. Светот без Бога не може да биде осмислен. Затоа е толку тешко да се живее. Многу луѓе се обидуваат да побегнат од лагата на тој безрадосен живот, преку разни девијантни појави, со себеизмама и преку најниска животна среќа. Но, сето тоа, порано или подоцна се покажува како ќорсокак, во кој безизлезот при секое отрезнување и враќање во реалноста е уште пострашен. Не е нималку чудно тоа што секоја област во животот на човекот претставува „проблем“: проблемот на жената, проблем на работното место, проблем во образованието, во семејството, проблемот околу плодноста итн. Сé стана проблем, но одговорите и правилата кои ни ги дадоа разните безбожнички пропаганди, одамна престанаа да бидат одговори бидејќи самата стварност ги претстави во нивната лажна светлост. Луѓето незнаат каде и како да ги бараат тие одговори, па затоа во нив настанува цинизам и празнина од која сите безуспешно се обидуваат да избегаат.

Но, вистинските одговори се невозможни доколку луѓето не разберат дека е потребно одвнатре да се променат, да ја вратат својата вера во Бога. Но и во Бога може да се верува на разни начини, бидејќи верата може да биде како некоја врста на бегство од реалноста, како некоја психолошка опијанетост т. е. лажна вера. Затоа и во името на Бога можат да се вршат разни зла, да се руши наместо да се гради. Вистинскиот, пак, одговор е во тоа дека треба да имаме вистинска вера, како онаа на мироносиците, која ќе нé води низ животот, која ќе го осмислува секој наш потег, секое наше дејствување и градење, вера која нема да дозволи да ја изгубиме својата личност и достоинство. Таа вера овозможува да ни се отворат внатрешните очи и тогаш пред нас се појавува ликот на Пресветата Богородица, која преку раѓањето неразделно е поврзана со Ликот Христов.

Но, во што се состои помошта и ликот на Мајката Божја? Одговорот е дека таа го носи ликот на жената. Првиот Христов дар, првото и најдлабокото откритие на Неговото учење и призив им е дарувано на луѓето во ликот на жената. Малку претходно напоменав дека во овој свет царува гордост, агресивност, во него сé се сведува на власт и владеење, на производство на оружје, на соперништво и насилство; свет во кој никој не сака да му прости на другиот, никој не сака да се смири, да замолкне и да се нурне во пријатната тишина на животот. Сето ова, со самото свое присуство го менува Божјата Мајка, Ликот на бескрајното спасение, ликот на убавината, ликот на силата и смирението, ликот на чистотата и љубовта и победата на таа љубов. Богородица, во која нема ниту трага од сензуалност или засладена сентименталност ни го претставува најсовршениот човечки религиозен лик, совршеното мајчинство, преку кое дошло спасението на светот.

/БИГОРСКИ

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *