Почетна Коментар Замислете свет без религии
Замислете свет без религии

Замислете свет без религии

592
0

Џон Ленон во неговата легендарна песна Imagine, ќе рече: „Замислете свет во кој не постојат земји, во кој не постои религија, а сите луѓе живеат во мир!“ Не е тешко да си замислиме, нели? Но дали e можен еден таков свет? Можен ли е мир во светот без религијата? Еден човек кој подоцна стана Бог и беше распнат на дрвен крст, велеше дека е тоа можно. Тој учеше на вера, љубов и покајание. Две илјади години по тоа, ние се уште не успеавме да ги оствариме неговите општочовечки, возвишени идеали.

Историјата на црквата е испреплетена со историја на народот. Од самите почетоци на христијанството, од апостол Павле, па се до најнови времиња, на овие простори се случувале турбулентни настани, голем број политички превирања, верски и духовни.  Владетелите по тешките порази се повлекувале во единственото место што им прилега-во историите на нивните народи. Златните круни возглавени од патријарсите и епископите, преминувале на главите на новите владетели. Но, убавите храмови, блескавите ѕвона, генијалните фрески и иконостаси, никаде не преминаа, ниту исчезнаа. Тие останаа и ќе останат тука. Сведоштво за постоење на еден народ кој со своја пот и силна вера во Бога изградил трајни духовни вредности.

Македонскиот народ низ историјата претрпел безброј маки и страданија. Неговиот трнов венец тој се уште го носи на глава, поради непризнавањето на Македонската православна црква од другите православни цркви. Критичарите велат дека тоа се должи на непризнавањето на идентитетот на македонскиот народ и дека добивањето на томос од Вселенската патријаршија е врзано со решавање на актуелниот идентитетско-политичкиот спор во нашата земја. Но нели Православната црква е општочовечка, братска заедница на сите народи, а православието е вселенско, неограничено за еден регион во светот? Нели тоа е христијанско за целото човештво, за целата земјина топка?

Трновиот венец кој се уште го носиме на нашите глави, можеме да го симнеме. Да ги рашириме нашите раце и да бараме други начини на сеопшто обединување, не само верско. Членството во големите сојузи се покажа како важно за решавање на многу општествени прашања, вклучително и црковните. Република Македонија нужно мора да се интегрира во Европа и во светот ако сака да го реши своето црковно прашање. Дијалогот на институциите на Европската Унија со црквите покажа дека тие имаат заедничка основа. Европските вредности и идеали во својот корен се општочовечки, христијански.

Во Библијата е запишано: „Ако двајца од Вас се согласат на земјата околу која било работа, каква и да посакаат, ќе им биде дадено од мојот Татко, кој е во небесата”. Ги заборавивме ли овие вредности? Заборавивме ли дека кога сме сплотени и покрај нашите разлики ние сме сплотени со Бога? Црквата денес треба да го одврзе христијанството од синџирот на своите нации, за да може тоа да ја врши својата мисија-да му помогне на човекот во неговиот пат за слобода и спасение.

Не е тоа тешко нели? Џон Ленон рекол: „Замислете дека не постојат земји, во кои нема алчност и глад, ниту религија. Замислете свет во кој сите луѓе го делат целиот свет!“ Јас би додал: Замислете свет во кој постојат земји но истовремено и мир, замислете свет во кој постојат религии но секој ја почитува религијата на другиот. Свет во кој постои рај, но кој му припаѓа на секој човек, насекаде.. Можеби мислите дека сонувам, но таквиот свет е можен!

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *