Почетна Коментар За Василиј Велики и црковниот календар
За Василиј Велики и црковниот календар

За Василиј Велики и црковниот календар

534
0

Нашата света православна црква го празнува денот на еден од најголемите свети отци односно, најпознатиот свети отец Василиј Велики, архиеископ Кесариски. Тој претрпел страшни закани од тогашните ариевски власти и во една прилика им рекол дека каде и да биде изгонет секаде има земја Господова и дека воопшто не се плаши од прогонот, ниту маките и смртта, кои само ќе го приведат кон Христа. Во времето на Василиј Велики црквата била неподелена како денес, а верниците биле со едно срце и една душа, како што сведочат Делата Апостолски (глава 4, 32-35). Во тие мугри на христијанството, духовното наследство им припаѓало подеднакво на сите христијани. Според зборовите на овој светец да се биде изгонет нема место за страв, бидејќи секаде околу е Господовата земја.

Да се запрашаме дали денес живееме во општество со едно срце и една душа? Дали христијанското општество денес не е поделено по секоја основа? Постои ли правда меѓу луѓето, меѓу народите денес? Зарем нели пишува во Делата апостолски уште пред двеилјади години: „никој ништо од својот имот не го наречуваше свое, туку сè им беше заедничко. Не постоеше ниеден меѓу нив што имаше потреба за ништо, бидејќи оние, што имаа ниви или куќи, ги продаваа и парите земени за нив ги донесуваа, и ги ставаа пред нозете на апостолите: и секому му се даваше според неговите потреби?

За жал, денешното христијанско општество е поделено по секаква основа. Се вели дека црковниот календар не е ист. Но зарем побитно е во празнувањето да се биде временски точен, наместо душевно точен? Да се празнува согласно правилата на побожноста или согласно временските правила? За да се празнува Бога со едно срце и една душа треба да се намали просторот човек со човека, гревот и покајанието. Тоа истото го вели и Василиј Велики: „за ова (исправувањето на гревот) ние не судиме по времето, туку гледаме на начинот на покајание (74 правило)., т.е. гледаме на расположението на душата.

Василиј Велики токму затоа е велик затоа што не се плашел од маките и смртта, затоа што најмногу обрнувал внимание на душата, затоа што бил исправен во празнувањата. Велел, внимавај на себе, сврти се кон она што е вечно -мир, мир со себеси, помеѓу себе и мир со народите. Само така, негувајќи ги овие вредности можеме да се справиме со искушенијата кои се својствени за овој период, во народот познати како Некрстени денови.

Како сите заедно да му се доближиме на Бога, како да ги надминеме временските поделби? Василиј Велики вели: „Кога некој ќе украде облека, за него велиме дека е крадец. Но, нели треба крадец да го наречеме и оној кој можел да го облече бездомникот, а не го сторил тоа? Лебот во вашите домови припаѓа на гладните, неупотребените палта во вашите ормани припаѓаат на оние кои им се потребни; чевлите кои сте ги фрлиле припаѓаат на оние кои ги немаат, парите кои ги складирате припаѓаат на сиромашните“.

Да се потрудиме оваа година достојно да ја славиме Василица и новата црковна година. Да ги искорениме маскенбалите и паганските обичаи и со срцето да ја слушаме Литургијата на свети Василиј Велики во која се вели: „Спомни ги, Господи, оние што се најдуваат во горите, пустињите, пештерите и во пропастите на земјата. Спомни ги, Господи, и помилуј старци и младенци, бедни и сираци, вдовици, болни и во грижи, во несреќи и во скрби, вдовиците ги покровителствувај, сираците заштити, болните ги излекувај“.

Тоа е еден длабок однос кон другиот, кон човечките обичаи. Созерцание во душата на човекот, и односот спрема неа, за кои учеше светиот Василиј Велики.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *