Почетна Вести Христијанство За посетата на папата Франциск ќе биде прогласен неработен ден?
За посетата на папата Франциск ќе биде прогласен неработен ден?

За посетата на папата Франциск ќе биде прогласен неработен ден?

433
0

Ништо не смее да биде оставено на случајноста, зашто државата ќе ги преземе сите мерки за безбедност на највисоко ниво за посетата на папата Франциск на седми мај оваа година, поради што неофицијално се најавува дека Владата би можела да прогласи и неработен ден. Официјално, оттаму велат дека јавноста навреме ќе биде информирана.

Строгите ватикански протоколи наметнуваат организација како за посета на државници од највисок ранг со строги контроли на безбедност во Скопје. Сите здравствени институции ќе работат само за ургентни случаи, зашто според протоколот за посета на вакви личности, сите здравствени капацитети треба да бидат на располагање.

Полицијата и државните институции ќе имаат целосна контрола на движењето на сите луѓе во деловите каде што ќе се движи папата Франциск за време на неговата десетчасовна посета.

Од МВР велат дека ги преземаат сите потребни мерки за целосно и ефикасно обезбедување на овој историски настан за Македонија.

– Во согласност со законските норми, како и во согласност со безбедносните стандарди и процени својствени за ваков вид настани, Министерството за внатрешни работи веќе интензивно ги врши сите неопходни подготовки за целосно и ефикасно обезбедување на настанот и на високиот гостин. Притоа напоменуваме дека Министерството ќе ги употреби сите свои технички, кадровски и други капацитети, заедно со потребните безбедносни мерки и активности со цел посетата да мине непречено и во најдобар ред – велат од МВР.

Во безбедносните постапки најмногу внимание му се посветува на централното градско подрачје, околу плоштадот „Македонија“ и улиците кои водат кон градскиот плоштад, со оглед на тоа дека таму ќе се случува централниот настан, светата миса што ќе ја служи папата.

Вработените на ЈП „Комунална хигиена“ веќе ги запечатија шахтите во овој дел на градот. Од ова јавно претпријатие велат дека се работи за практика која се реализира секоја година од безбедносни причини поради одржувањето на „Скопски маратон“, но годинава е поврзана и со посетата на важни личности, како што е папата Франциск.
Сепак, поради безбедносни причини институциите не откриваат многу детали за мерките што се преземаат, но меѓу нив секако има строги правила и за граѓаните кои сакаат да присуствуваат на мисата на плоштадот.

Во списокот на предмети забранети за носење се наведени експлозивни направи и пиротехника, огнено и ладно оружје. Под ладно оружје во протоколот, покрај палки, ножеви и ножици, се сместуваат и комплетите за маникирање и метални прибори за јадење. Забранети ќе бидат и чадори, алкохол, транспаренти и знамиња.

Според неофицијалните информации, полицијата веќе врши комплетни проверки и на станарите кои живеат во делот на централното градско подрачје. Во функција на безбедноста се споменува и можноста седми мај, денот на посетата на папата Франциск, да биде прогласен за неработен ден. Засега нема потврда на таквата информација.

Од Владата, која треба да донесе одлука за прогласување на овој ден за неработен, само кратко велат дека сите информации за посетата на папата навремено ќе бидат соопштени.

На мисата кај папата само со влезници

Главниот настан од посетата на папата Франциск на Македонија ќе биде мисата на градскиот плоштад. Сепак, не секој ќе може да дојде на овој настан. Целиот градски плоштад, со сите приоди кон него, ќе биде ограден со посебни пунктови за влегување. На мисата ќе можат да присуствуваат само оние кои претходно ќе обезбедат влезници, кои се бесплатни. Влезниците, практично, ќе значат евиденција на секој што ќе биде на плоштадот.

Влезниците ќе можат да се подигнат во следните католички парохии: во Скопје во катедралата „Пресвето Срце Исусово“, во Струмица во катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ и „Свети Иван Крстител“, во струмичкиот регион, во Радово, Секирник, Нова Маала, Петралинци, Сарај, Чанаклија, како и во градовите Гевгелија, Богданци, Куманово, Штип, Битола, Охрид и тоа од 22 април, кога ќе бидат отворени пунктовите за подигнување на влезниците.

– Учесниците треба да пристигнат во Скопје најдоцна до шест часот. Потребно е да се пристигне во ова време заради безбедносните прегледи кои ќе се вршат на патиштата, а од седум часот улиците во централното градско подрачје ќе бидат затворени за сообраќај. Влезот во литургискиот простор ќе биде отворен од 6 часот, а до 9 часот сите пријавени учесници треба да се наоѓаат на плоштадот. Во литургискиот простор на плоштадот „Македонија“ ќе може да влезат само пријавените учесници со приложени влезници кои претходно ги добиле при регистрацијата или од водачот на групата. Пред влезот во литургискиот простор ќе биде извршен полициски преглед. По влегувањето, секој присутен треба да ги почитува правилата на однесување наведени во препораките за учество на мисата на официјалната страница за посетата на папата papa.mk.

Од организацијата на настанот велат дека кога Светиот отец ќе минува меѓу присутните не е дозволено фрлање на какви било предмети, дури ни цвеќе, а во текот на литургиската прослава не е дозволено ракоплескање.

/Радмила Заревска (Нова Македонја)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *