Почетна Коментар За погубното подигрување со народните светињи
За погубното подигрување со народните светињи

За погубното подигрување со народните светињи

609
0

Направи плочка од чисто злато и на неа изрежи како на печат ‚Светиња Господова‘“ (Излез 28, 36) – му беше заповедано на светиот пророк Мојсеј, кога ја градеше Скинијата Божја. Светиња за еден народ се мирот и слободата, кои преку личните стремежи и напори на неговите најголеми синови и ќерки, со многу жртви и откажувања се достигнати. Затоа во Библијата е речено: „Сети се на старите денови, помисли за годините на поранешните поколенија, прашај ги татко си и старците свои и тие ќе ти раскажат… не биди сој безрасуден, народ без ум и паметење (Повторени закони, глава 32). Тешко на оној народ што со почит не се сеќава и кој правилно не ги вреднува своите најголеми светињи. Таквиот народ си ја сече гранката на која седи и длабоко во земја си го затрупува кладенецот, од кој, со возвишени идеали, ја гаснеле жедта неговите предци. Таквиот сој е безрасуден и безумен и во своето лудило се нуди себеси како лесна стрвина за гладните грабливци. Има патишта што на човека му изгледаат дека се исправни, но крајот нивни води во бездна и смрт. „Во цврстиот народ е величието на царот, а кога народот исчезнува, пропаст е за господарот… Правдата народот го подига, а беззаконието цели народи срамоти“ (Изреки, глава 14). Со јад и чемер во душата се прашуваме: Има ли крај на ова „лудило“, кое како сенка од темен облак се надвишува врз македонското небо? До каде мракот ќе ги распостели своите недофатливи контури? Оној што на гревот свесно му се подава, до бескрај ќе остане негов вечен заробеник! Тоа е основното духовно правило…

Како генерација доживеавме менување на име на државата, поткусурување со идентитетот на македонскиот народ, заборавање на националната историја и подигрување со немерливите достигнувања на народните великани. Воопшто нема да ме зачуди доколку Гоце Делчев, Даме Груев и Јане Сандански, во скоро време, некој не се сети да ги прогласи за терористи, слични на оние на ИСИЛ. За почеток, со цел Македонија да стане европска земја, одлучија да не ги споменуваат во националната химна. Европски потег, нема што тука да не е јасно! Но реалноста е сосема поинаква… Како и пред околу сто години, така и денес, овие наши великани се погребуваат од рацете на безидејни профитери, чие најголемо достигнување во нивните кариери е одобрувачката насмевка на некој конзул или западен моќник во нашата татковина. Ваквиот сервилен дух е својствен за сите наши политичари и јавни личности, без разлика дали доаѓаат од власта или од опозицијата. Ако едните се лакоми трговци со националните интереси и обележја, другите се однесуваат како да се кираџии во сопствената земја, чија единствена амбиција им е во што поскоро време да им ја преземат фотелјата на овие првите. Во борбата за моќ и краткотрајна добивка, и на едните и на другите, ништо не им е свето и возвишено. Воопшто не е битно што нашите најголеми борци за слобода ги жртвувале своите млади животи за светлата иднина на нашиот македонски народ. Битно е да биде задоволен американскиот амбасадор, кого не пропуштаат шанса да го ословат како наш најголем партнер и пријател, без чија наклонетост не само што нема да постоиме туку и ќе исчезнеме од лицето на Земјава. Има нешто психопатско во ваквото однесување, сосечено од емоции и од здраворазумско расудување. Веројатно, затоа око не им трепнува кога осудуваат на децениска робија млади луѓе со штотуку формирани семејства. А, целата таа одвратна злоба, без срам и перде, јавно ни ја сервираат како задоволување на правдата. Торнадото на нивната духовна сиромаштија го обзема секој што ќе се приближи до вителот на неговото неконтролирано движење. Никој не е поштеден од оваа стихија, па ни младата пејачка што „ненамерно“ ја отпеа партитурата на нивните пеколни ноти. На крајот таа остана без аплауз и ги прими негодувањата од јавноста со сета разуздена сила. Композиторите и диригентите на сиот овој раштиман оркестар и понатаму во своите глави си останаа визионери и стратегиски партнери, кои ние обичните Македонци, во реалноста, ги доживуваме како масовни убијци на духот на цел еден народ, кој и покрај сите налети на нечестивите грабливци, со векови макотрпно, во своите народни витрини, ги чува и негува своите најголеми светињи и национални обележја.

И додека тие меѓусебно се кошкаат колку им пораснало БДП, а никој во исто време не води грижа за секојдневното растење на трошоците за живот, пред нашите очи се случува бришење на цел еден народ од историската сцена на светот. Еве, тука сме… Европа само што не ги отворила вратите за нашите натцивилизациски достигнувања. Нобеловата награда ни е на дофат, покрај новоизградените патишта ќе никнат шарени цвеќиња со листови од долари. Тоа се нивните секојдневни флоскули… Но Европа е неумолива, си има таа долгогодишно искуство со сопствени некадарници и тешко дека во иднина ќе си дозволи нови духовни питачи, облечени во скапи и брендирани костуми. Кој не си го почитува и вреднува своето минато, не може да се надева на светла иднина. Кој се срами и не се почитува себеси, не може да ги стекне почитта и уважувањето од другите. Оној што самиот се погребува и пред самата физичка смрт, не може да ги одомаќини светлината и животот во своето исушено срце. Ова последново особено треба да го имаат на знаење и разбирање современите и злобни јавачи на апокалипсата, кои, освен по судски пресуди, по закани и притисоци и по ништење на туѓото мислење, речиси по ништо друго нема да бидат запаметени во колективното сеќавање на македонскиот народ.

Едно нешто треба конечно да научат. Македонија не е парче хартија, ниту мастило од нивните потписи врз фаустовски договори. Македонија е срцето и душата на македонскиот народ, на чија површина самиот Господ Бог, како врз камени плочи, ги врежал својата сопствена волја и својата правда и вистина. Она што е од бога благословено никогаш нема да ја искуси смртта. А, ние Македонците направивме дијадема на светоста од чисто злато и издлабивме на неа писмо со изрежан печат „Светиња Господова“ и ѝ врзавме црвена и жолта врвка како симбол на вечниот завет на овој народ со Творецот и Седржителот на сè што постои.

Пишува: Митрополит Повардарски, Агатангел (за Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *