Почетна Анализа За небесниот и земниот идентитет
За небесниот и земниот идентитет

За небесниот и земниот идентитет

278
0

Црквата отсекогаш играла клучна улога во градењето на идентитетoт, личен или колективен. Таа била нишка на сплотување помеѓу народот и Бога, однос кој често пати бил интимен. Уште од самиот почеток, суштина на Црквата била да христијанизира и преобразува, да го издигне човекот од неговиот земен идентитет и да го ослободи од егоизмот и духовната затвореност. Оттаму, таа била нарекувана „Нов Израил“ или „Ново Небо“ поради нејзината света мисија во раѓањето на еден нов народ преку служба на Бога и исполнување на неговата волја на земјата.

Доминантен е ставот дека помесните православни цркви се чувари на националниот идентитет, јазикот, обичаите, културата, фолклорот на народите. Меѓутоа, не треба да се заборави фактот дека постои суштинска разлика помеѓу националниот и духовниот идентитет. Како единство во различноста, како мистично тело Христово, чиј камен-темелник е токму Тој, Црквата има небесен идентитет кој е над секоја територијална, политичка власт. Силата на Црквата произлегува од нејзината еклесија, односно духовен повик да ја шири божјата волја на земјата. Таа не ја негира политичката власт, но го негира секое подредување помеѓу народите или супериорност по национална основа. Ова е сосема разбирливо имајќи в предвид дека во минатото и не постоела друга власт, па неминовно политичките прашања се решавале заедно со црковните. Како последица на тоа, многу народи се изјаснуваат дека се чувствуваат православни „по раѓање“, а други како католоци. Но, каква е состојбата денес?

Генерално, ставот на верските заедници во Македонија во врска со политичките и националните прашања е дека тие се индивидуална работа на верниците. Во секоја верска заедница има припадници од сите политички партии и националности и секој е слободен да се определи како сака да му служи на Бога и на својата земја. Кај помалите верски заедници, се забележува полабава врска помеѓу нивната матична црква и нацијата, а посилна со странските национални цркви. Сметаат дека иако се мали, не значи дека се такви и на светско ниво, и дека добро е државата нив да ги има на своја страна (на пример, лобирањето на евангелско-протестантските групи кога САД требаше да го признае уставното име на Република Македонија). Тоа се важни институции кои државата треба да ги искористи за да оствари свои успеси и на надворешно поле. Кај поголемите верски заедници, пак, поврзаноста помеѓу верската и националната припадност е многу поизразена. Ваквото идентификување е сосема легитимно, бидејќи единствениот извор на идентитетот кај народот во минатото бил црквата.

Проблемот настанува кога оваа врска ќе прерасне во мит, во мистичен авторитет на секоја власт. Спојувањето на верата со ваквиот поим на нацијата станува ерес кој неретко и денес го среќаваме. И додека секој народ има право да стане член на Црквата за да го зачува својот национален идентитет, ниту еден нема право на ексклузивност, на присвојување на Црквата Христова само за себе или за зацврстување на своите националистички стремежи. Идентитетот небесен е за сите, и него можеме да го зачуваме со тоа што ќе го споделуваме. Името на црквата се формирало во различни временски периоди и под различни политички и територијални околности. Но, духовниот суверенитет бил секогаш во интеграција, без разлика на името, со едната, света, вечна и апостолска Христова црква. Затоа, Вселенската патријаршија никому не дава томос за автокефалност под национални имиња, која секоја црква си ги дава сама, туку според црковното седиште на поглаварот.

Кога ќе се земат в предвид ваквите вистини, сосема е јасно зошто решавањето на статусот на нашата Македонска православна црква има политичка природа. Никој не го става под прашање нејзиното име, туку нејзиниот статус во меѓуцрковните односи. Главна пречка е тоа што мора да се има консензус и од страна на националистички настроените цркви, кои треба да дадат согласност за признавање на МПЦ. Тие, сакајќи да го задржат своето влијание врз другите цркви, всушност го губат Христос, и наместо да се потврдат во верата, тие се негираат самите себе. Истовремено кршејќи ги каноните на црквата во поглед на немешањето во нејзините внатрешни работи. Во таа борба против разните антизападни и антицрковни влијанија врз Вселенската патријаршија клучна улога ќе мора да ја има политиката на западните држави и САД. Како пример, можеме да ги наведеме сите извештаи на Стејт Департментот за религиски права и слободи упатени до другите помесни православни цркви, во кои најдиректно се посочува уставното име на Македонската православна црква.

На крајот, повторно за идентитетите. Ќе се осврнам на една библиска алегорија. Во третата глава од Книгата Излез на Стариот Завет, Мојсеј добива божја задача да го ослободи народот од египетското ропство. „Ако ме прашаат за Твоето име, што да им одговорам?“, Мојсеј го прашал Господ. А тој му одговарил: „ЈАС СУМ, КОЈ СУМ! Тоа е Мое име довека, така ќе ме викаат од род до род!“. Со ова Библијата јасно ни дава до знаење дека главен столб носител на идентитетот на човекот е самиот тој. Оттаму „ЈАС СУМ КОЈ СУМ“ е целосно зависно од човековиот духовен подвиг. Црквата станува богочовечна единствено преку човековите дела и молитви. Бог страда, воскреснува и се вознесува. Но, тоа го прави за човекот, во неговото име, во конкретно време и простор. А не од името на својот личен месијански национален порив. Токму ваквиот духовен подвиг го прави божјото име она ШТО Е, токму ваквата настроеност го гради единството на сите православни помесни цркви во живото тело Христово.

Земниот идентитет на духовно освестениот човек е небитен. Тој е доволно зрел да разбере дека неговиот престој на овој свет е привремен. Небесниот идентитет преку неговиот личен однос со Бог е тој кој прави разлика и кој му ја дава вистинската потврда на неговото постоење.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *